Фото: ЕПА
  • Од посети на гаражи и прошетки околу стартната линија до веење на карираните знамиња и фотографирање, Формула 1 посочи 10 светски фудбалски прваци што се појавија за време на тркачки викенд во Ф1

Најголемиот фудбалски турнир создаде некои од најпрепознатливите имиња во спортот и многу од нив се видени околу настаните во Формула 1 (Ф1) во текот на годините, од посети на гаражи и прошетки околу стартната линија до должности со веење на карираните знамиња и фотографирање, пишува Формула 1, која посочи 10 светски фудбалски прваци што се појавија за време на тркачки викенд во Ф1.

  • Местото на Лионел Меси меѓу фудбалските великани на сите времиња веќе беше обезбедено пред триумфот на Аргентина на Светското првенство (СП) во 2022 година, каде што тој ѝ помогна на својата земја третпат да го освои трофејот и ја освои „Златната топка“ како најдобар фудбалер на турнирот. Меси беше меѓу тимовите во Ф1, вклучително и трката за големата награда (ГН) на Мајами годинава, каде што уживаше во прошетка низ гаражата на Мерцедес и средбата со Кими Антонели, Џорџ Расел и со членови на тимот. Во друга ситуација, Меси се сретна со Франко Колапинто од Алпин, давајќи му на аргентинскиот возач многу посакувана шанса да се поврзе со една од најпознатите спортски личности во неговата земја.
  • Пеле останува единствениот фудбалер што освоил три светски првенства (со Бразил, во 1958, 1962 и во 1970 година). Неговата прва титула дојде како 17-годишник, кога стана најмладиот стрелец во историјата на СП, потоа постигна хет-трик против Франција во полуфиналето и два гола со Шведска во финалето, пред да остане дел од успешниот состав на Бразил од 1962 година, а потоа да игра водечка улога во познатиот состав од 1970 година. Пеле имаше и значајно присуство на патеката во Интерлагос. На трката за ГН на Бразил во 2002 година, тој го вееше карираното знаме кога Михаел Шумахер победи на трката. Тој се врати на патеката во 2006 година, кога му подари трофеј на Шумахер како признание за неговите достигнувања во Формула 1 пред првото пензионирање на Германецот од спортот, пишува Ф1.
  • Килијан Мбапе се најави на сцената на СП 2018, постигнувајќи четири гола за Франција, вклучувајќи еден во финалето, и освојувајќи ја наградата за најдобар млад играч на турнирот, додека тимот на Дидие Дешан го освои трофејот. Четири години подоцна, тој постигна осум гола, вклучувајќи хет-трик во финалето со Аргентина, кога Франција загуби на пенали по ремито со резултат 3-3. Мбапе се појавуваше и на викендите на гранпри-трки, вклучувајќи ги Монако и Шпанија. Во Монте Карло во 2024 година тој го вееше карираното знаме кога Шарл Леклер ја оствари својата прва победа на домашен терен.
  • Роналдо Луис Назарио де Лима, попознат едноставно како Роналдо, беше еден од клучните напаѓачи во својата ера и двократен победник на СП со Бразил. Тој беше дел од победничкиот состав на Бразил во 1994 година и ѕвезда на турнирот во 1998 година, но неговиот најдобар момент на СП се случи во 2002 година, кога постигна осум гола, вклучувајќи два во финалето со Германија, со што Бразил ја освои рекордната петта титула. Врските на Роналдо со Ф1 датираат од ГН на Италија во 1999 година, каде што позираше со сонародникот Рубенс Барикело, во боксовите во Монца и влезе во болид пред трката за време на сезоната на Барикело со Стјуарт-Форд, пишува Ф1. Тој учествуваше и на викендите во Абу Даби и во Имола како гостин на Ферари, односно на Ред Бул.
  • Пред Меси, Диего Марадона беше дефинирачката фудбалска икона на Аргентина. Неговиот настап на СП 1986 останува еден од одличните индивидуални изведби на СП, со пет гола и четири асистенции, водејќи ја Аргентина до титулата. Марадона тогаш ја предводеше својата земја до нивната втора титула. Тој, исто така, посети патеки на Ф1, вклучително и за време на трката за ГН на Монако во 1995 година, каде што се сретна со Шумахер и со Ники Лауда. На друго место, во 2014 година, Марадона се поврза со Фернандо Алонсо за да одиграат добротворен фудбалски натпревар.
  • Зинедин Зидан останува еден од најголемите француски фудбалери, а неговото влијание стигна дури и до Ф1, па Пјер Гасли го наведе како инспирација тркајќи се со бројот 10. Зидан имаше централна улога за првата титула на Франција на СП, во 1998 година, постигнувајќи два гола во финалето со Бразил, пред да се врати во финалето во 2006 година, кога Франција загуби од Италија на пенали. Во Ф1, Зидан е поврзан со Алпин. Тој учествуваше во нивното претставување на автомобилот во 2023 година и присуствуваше на неколку викенди на ГН на Монако. Тој беше дел и од доделувањето на трофејот „Спринт“ на ГН на Мајами во 2024 година, каде што победи Макс Ферстапен.
  • Марио Геце секогаш ќе биде поврзан со еден од најголемите фудбалски моменти на Германија, откако го постигна победничкиот гол против Аргентина во продолжението на финалето на СП 2014. Геце посети трка во Формула 1 на ГН на Монако годинава, каде што тој и членовите на репрезентацијата на Германија што ја освоија титулата на СП 2014, вклучувајќи ги Лукас Подолски и Матс Хумелс, се сретнаа со Нико Хулкенберг од Ауди и разменија дресови.
  • Алесандро дел Пјеро беше дел од репрезентацијата на Италија што ја освои титулата на СП 2006 и одигра важна улога кон крајот на турнирот, постигнувајќи гол во полуфиналето со Германија пред да го реализира својот пенал во победата на дуелот со Франција по изведувањето пенали. Дел Пјеро е забележан на неколку гранпри-трки, вклучително и во Монца. Поранешниот напаѓач на Јувентус беше на должност да вее знаме кога Леклерк од Ферари победи на италијанското гран-при во 2024 година.
  • Познат по своите моќни слободни удари и напаѓачката закана како лев бек, Роберто Карлос беше клучна фигура во репрезентацијата на Бразил што ја освои титулата на СП 2002, а ѝ помогна на својата селекција да стигне и до финалето во 1998 година. Карлос ужива во Формула 1 уште од пензионирањето, вклучително и на викендите на гранпри-трки каде што се сретна со Алонсо (во Бразил, во 2022 година) и со Карлос Саинц (Мајами, 2025 г.). Тој беше на шпанското гран-при лани заедно со други фудбалски личности, вклучувајќи го и Џуд Белингем од Англија.
  • Серхио Бускетс беше клучен дел од шпанската репрезентација што ја освои првата титула на СП, во 2010 година, обезбедувајќи контрола и рамнотежа во средниот ред заедно со фудбалери како Чави, Андрес Иниеста, Давид Виља и Педро. Бускетс имаше и неколку посети на Ф1, вклучувајќи ги посетите во Мајами и гранпри-трката во Барселона, годинава, кога Луис Хамилтон ја оствари својата прва гранпри-победа за Ферари, пишува Ф1. Н.М.