МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО
Прашањето дали под нашите нозе се кријат резерви од нафта и природен гас со децении ја бранува македонската јавност. Додека едни веруваат дека сме богати со природни ресурси, а други дека немаме ништо, вистината се крие во старите весници и заборавените теренски извештаи. Светскиот тренд за истражување на ресурсите што се кријат во утробата на земјата стигна и до Македонија, каде што под земја има „вода колку да пие цела Европа со векови“, „скапоцени богатства, руди и минерали“, „шкрилци, нафта и природен гас“ – или пак нема ништо, а тоа што го имало веќе е искористено? Присуството на сè повеќе „соларни мини-паркови“ низ Македонија, ветерници и мали хидроцентрали, заедно со истражувањата и експлоатацијата на македонските рудни богатства, со сигурност потврдува дека оваа наша мистична земја располага со многу поголеми тајни од „теориите на заговор“ што со децении се шират низ народот. За волја на вистината, многу од таквите теории со време се покажале точни, а што ќе покаже времето за Македонија и нашите природни ресурси, ако немаме можност да дознаеме ние – ќе дознаат идните генерации, кои секако дека еден ден ќе прашаат „а зошто не направивте ништо…“.
Во „крстосницата на Македонија“, древното Овчеполие, веднаш по Втората светска војна биле преземени активности за истражување на природните ресурси. Податоците од окупациските власти од пред војната, но и за време на војната, покажуваат дека во Овче Поле активно „се барало нешто“. Само неколку години по АСНОМ започнува вториот обид за поврзување со железничка пруга од железничката станица Овче Поле, која се наоѓа на пругата Велес–Штип, со градовите Свети Николе и Куманово. Откако претходната проектирана траса била дополнета и изменета, за само неколку години се ископале огромни тунели и биле изнесени енормни количества земја, но пругата не се направила. Истовремено биле потврдени резервите од азбест под ридот Богословец, кој веќе во 1952 започнал со работа, за да престане во периодот по големото свлечиште што се случило на ридот и истоименото село Богословец во 1963 година. На крајот од истата деценија, тогашната држава заедно со „Нафта-гас“ од Ниш ги направила првите откритија на природен гас и нафта во Македонија, токму во Овчеполскиот Регион…
На 5 февруари 1969 година, весникот „Нова Македонија“ на насловната страница објавува голем наслов: „Во Овчеполие откриена прва појава на нафта и гас во Македонија“. Во поднасловот стоело дека за десет дена ќе се знае дали ќе може да се организира експлоатација. Оттогаш наваму немаат стивнато дебатите дали и колку нафта, а колку шкрилци и гас има во Македонија, дали е можна експлоатација, има ли економска исплатливост или не итн. Во 1968 година тогашната држава заедно со „Нафта-гас“ од Нови Сад, кои располагале со најсовремена опрема и искусни инженери во тоа време, започнала со подготовки за испитување на подземјето на Македонија за нафта. Она што со сигурност се знаело, како што можеме да прочитаме и од „Географски разгледи“ од 1969 година е дека „во Македонија не се откриени појави на нафта и таа не произведува нафтени деривати. Според тоа, сите свои потреби од таков вид производи таа ги покрива од другите подрачја во Југославија или, пак, од увоз. Терциерните басени на Македонија располагаат со доста дебели седименти што можат да бидат нафтоносни. Меѓутоа, кај нас се извршени само претходни истражувања што не можат да бидат гаранција за постигнување позитивни резултати. Околу Злетово, Куманово и Пенчево се наоѓаат и големи резерви на парафински шкрилци. Тие содржат во себе согорливи материи што можат да послужат како енергетска суровина во термоцентралите, а ако имаат поголема содржина на такви материи, можат да служат и како суровина за производство на нафтени деривати. Кај с. Плешинци (Кратовско) е нашето најголемо наоѓалиште на парафински шкрилци. Наоѓалиштето, меѓутоа, е мошне слабо истражено, па не се знаат точно ниту резервите (се ценат на околу 200 мил. тони) ниту нивниот квалитет.“
По неколкумесечни подготовки, во јануари 1969 година во Овче Поле, во близина на селото Ерџелија, Светиниколско, била поставена голема истражна кула висока 47 метри. Инсталирањето на огромната метална конструкција било вистинско доживување за месното население, кое во голем дел било вклучено во овој проект со потребните услуги што ги вршело со големите трактори. Работниците работеле во исклучително тешки зимски услови, со кал, снег и силен ветер, во три смени. По само девет дена интензивно дупчење, на 2 февруари 1969 година претпладне се случило нешто неочекувано – на длабочина од само 470 метри, од дупката избил силен притисок на гас и нафта и се појавил „гејзер што се палел“, како што и денес паметат повозрасните од Ерџелија…
Во продолжение ви го пренесувам првиот дел од објавениот напис во „Нова Македонија“ на 5 февруари 1969 година:
Во Овчеполие откриена прва појава на нафта и гас во Македонија
За десет дена ќе се знае дали ќе може да се организира експлоатација на нафтата и гасот
Штип, 4 февруари 1969
Плодородното Овче Поле, еден од житородните региони, е на добар пат во блиска иднина да прерасне во прво нафтоносно поле во Македонија. По повеќемесечни истражувања, работната единица на „Нафта-гас“ од Нови Сад, под раководство на инж. Зоран Миловановиќ, на дупката Овче Поле 1, близу селото Ерџелија, Светиниколско, наиде на првите слоеви на нафта и гас. Во неделата на 2 февруари, околу 10 часот претпладне од дупката длабока само 470 метри, изби силна ерупција на гас, со појава на нафта, што можеше да се види и од Ерџелија. Веста за пронаоѓање на нафта и гас во ова место, бргу се прошири во околните села, Свети Николе и Штип. Со тоа тримесечните напори на работниците и другиот инженерски кадар на „Нафта-гас“, кои долго време силно дуваа во Тиквешкиот базен и кај Свети Николе, конечно вродија со плод.
Кога денес претпладне ја посетивме дупката Овче Поле 1, сегде владееше мир. Работниците Бјелиќ, Рајко Марковиќ, Благој Николиќ, Геза Келеман, Еленко Младенов и Василије Миличевиќ ги вршеа подготовките за инсталирање инструменти, кои, меѓу другото, треба да покажат колкави количини нафта и гас се кријат во длабината на Овчеполието. Додека го чекавме да пристигне раководителот инж. Зоран Миловановиќ од Свети Николе, водачот на смената Рајко Марковиќ нѐ информира дека овде се работи под мошне тешки временски услови, деноноќно во три смени, во кои работат 36 работници. Во тоа се уверивме и ние бидејќи од Ерџелија до дупката тогаш, што се издига 47 метри високо, може единствено да се стигне со трактор, џип или ланд ровер.
– Едвај успеавме да ја сопреме силната ерупција на нафта и гас – ни рече Рајко Марковиќ и ни објасни дека доколку со тоа не се успееше, можеше да се случи најлошото. Сега ерупцијата, како што гледате е сопрена, и таа ќе се пушти кога за тоа ќе бидат извршени подготовките за експлоатација.
Рана и доцна антика – предлог-патување за викенд
Почитувани читатели на „Нова Македонија“, од минатиот месец во фељтонот „Мистична Македонија“ почнавме да објавуваме по еден предлог за патување низ Македонија – итинерар. Наша цел е директно да ви понудиме готови планови за патување, читајте нè секоја сабота и искористете ги овие предлози за да го испланирате вашето следно патување низ прекрасната Македонија.
Посетете ги античките локалитети во Македонија – одлична можност да излезете од секојдневието и директно да се запознаете со стратешкото и военото минато на нашата земја. Изборот на локации овозможува квалитетно исполнето време и одлично викенд-искуство. Во текот на еден викенд имате сосема доволно време за да посетите четири локалитети во кои ќе можете да застанете на огромните стари улици и да уживате во прекрасното културно наследство на Република Македонија.
Четирите локалитети што ви ги предлагаме: Скупи – Бела Зора – Баргала – Стоби. За сите веќе имаме споменато во претходни продолженија на „Мистична Македонија“, кои се достапни во големата архива на нашата веб-страница. Следната сабота следуваат предлози за посети на уште стари локалитети, по што ќе ви посочиме и неколку стари манастири. Читајте нè!
(продолжува)

































