Изградбата на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Грција влегува во значително поинтензивна фаза, откако по засилената координација меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), НОМАГАС и грчкиот оператор ДЕСФА е забрзана динамиката на реализација на проектот, пренесе МИА.
Како што соопшти Министерството, министерката Сања Божиновска, заедно со претставници на НОМАГАС и ДЕСФА, извршила увид во градежните работи на трасата, при што од изведувачот била информирана дека се создадени услови за значително забрзување на изградбата.
Според најновите податоци, досега се завршени 95 проценти од експропријацијата, а расчистени се околу 85 проценти од трасата. Воедно, целосно е завршено производството на сите цевки предвидени за проектот.
На терен се испорачани цевки во должина од 34 километри, од кои 21 километар веќе се распоредени долж трасата. Досега се заварени 13,7 километри цевковод, реализирани се повеќе од 800 успешни заварувања, а над 6,3 километри цевки се веќе поставени во земја.
Напредок има и кај придружната инфраструктура – завршени се шест од седумте планирани премини под патишта, а обезбедени се речиси 65 проценти од блок-станиците.
Од Министерството посочуваат дека изведувачот е дополнително опремен со автоматски машини за заварување, што треба значително да ја зголеми брзината на изведбата и да овозможи почитување на планираните рокови.
Теренската посета следуваше по состаноците што Министерството ги одржа со директорот на НОМАГАС, Недим Рама, и главната извршна директорка на ДЕСФА, Марија Сферуца, на кои била потврдена заедничката заложба проектот да биде завршен во текот на наредната година.
-Овој проект претставува инвестиција во енергетската безбедност, економската стабилност и идниот развој на државата. Наш приоритет е да се реализира квалитетно, навремено и со максимална динамика. Процесот е забрзан и сите институции работат координирано за успешно завршување на оваа стратешка инвестиција – изјави министерката Сања Божиновска.
Гасниот интерконектор со Грција е еден од клучните енергетски инфраструктурни проекти во земјата. Со неговото пуштање во употреба, Македонија ќе добие нов влез за природен гас, пристап до повеќе извори на снабдување, поголема диверзификација и повисоко ниво на енергетска сигурност, како и подобро поврзување со регионалната и европската гасна мрежа.

































