Фото: Пиксабеј

Вештачката интелигенција предизвикува загриженост поради влијанието врз животната средина. Центрите за податоци трошат големи количества електрична енергија и вода, а нивната потрошувачка расте заедно со популарноста на генеративната вештачка интелигенција. Американските центри за податоци потрошиле 176 терават-часа електрична енергија во 2023 година, или околу 4,4 проценти од вкупната потрошувачка во САД.
Сепак, експертите предупредуваат дека нивниот еколошки отпечаток често се гледа надвор од контекст. Глобално, центрите за податоци сочинуваат од еден до два процента од потрошувачката на електрична енергија, додека секторите како што се енергетиката, земјоделството и тешката индустрија продолжуваат да имаат значително поголемо влијание врз климатските промени.

Воздушниот сообраќај е голем загадувач

Влијанието на центрите за податоци зависи првенствено од изворот на енергија. Центрите што користат обновливи извори имаат значително помал јаглероден отпечаток од оние што се потпираат на јаглен или на други фосилни извори. Иако центрите за податоци за вештачка интелигенција се истакнуваат од јавноста како најголеми потрошувачи на ресурси, постојат неколку индустрии и активности што имаат поголемо целокупно влијание врз животната средина.
Производството на говедско месо е еден од најголемите извори на емисии на метан, а производството на добиток глобално емитува повеќе стакленички гасови од авијацијата. Термоцентралите на јаглен, кои постојат низ целиот свет, се меѓу најголемите единечни извори на емисии на јаглерод диоксид.
Производството на цемент, без кое не можеме да го замислиме модерниот живот, е одговорно за околу седум-осум проценти од глобалните емисии на јаглерод диоксид.
Комерцијалната авијација генерира стотици милиони тони емисии годишно. Дури и ако бројот на центри за податоци се зголеми, воздушниот сообраќај сепак ќе биде голем загадувач.
Брзата мода, која го освои светот во последниве години, произведува околу 10 проценти од светските емисии на јаглерод и создава огромни количества отпад и микропластика.

Крузерите создаваат значително загадување

Греењето и климатизацијата на зградите поради масовната употреба имаат значително поголем енергетски отпечаток од центрите за податоци. За време на врвното оптоварување, во екстремно топли или ладни денови, потрошувачката значително се зголемува, што претставува дополнителен товар за енергетската мрежа. Сечењето шуми ослободува големи количества складиран јаглерод и го уништува биодиверзитетот, но исто така влијае на целиот екосистем многу повеќе отколку на центарот за податоци.
Копањето криптовалути троши големи количества електрична енергија. Помеѓу 2021 и 2022 година, самото копање на биткоини потрошило околу 36 милијарди киловат-часа електрична енергија. Некои аналитичари истакнуваат дека бројката е многу поголема.
Крузерите се омилен начин на патување за некои луѓе, но иако обезбедуваат многу забава, тие трошат големи количества гориво и создаваат значително загадување на воздухот и на водата.
Но експертите предупредуваат дека споредбите не треба да го намалат проблемот.
– Само затоа што има поголеми загадувачи не значи дека влијанието на вештачката интелигенција треба да се игнорира – вели Дру Пауерс од „Фајненшл груп“.
Како што примената на вештачката интелигенција брзо се шири, се очекува и нејзиниот еколошки отпечаток да расте. Поради ова, центрите за податоци сè повеќе ќе бидат под лупа на регулаторите, научниците и на локалните заедници, кои предупредуваат за потрошувачката на енергија и вода.