Фото: Пиксабеј

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува укинување на деловни и туристички визи на странски државјани што побарале или во моментов бараат азил во САД.

Мерката би можела да опфати до 200.000 лица и, доколку биде спроведена, би претставувала најголемо еднократно масовно укинување визи во историјата на САД, објави агенцијата Асошијетед прес (АП), повикувајќи се на документи на Стејт департментот и на двајца американски функционери.

Стејт департментот во следните недели се очекува да почне со укинување на визите Б-1 (B-1) и Б-2 (B-2), издадени во периодот од 2016 до 2026 година на лица што подоцна поднеле барање за азил.

Визите Б-1 се издаваат за деловни патувања, додека визите Б-2 се наменети за туризам, посета на семејството или медицински третман.

Мерката треба да се спроведува постепено и во координација со американското Министерство за домашна безбедност.

– Координираме со Министерството за домашна безбедност за да ги идентификуваме и да им ги укинеме неимигрантските визи на странските државјани што дошле во САД претставувајќи се како краткорочни посетители, а потоа поднеле барање за азил за трајно да останат во земјата – изјави портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.

Тој не ја потврди бројката на визи што би можеле да бидат укинати, нагласувајќи дека таа ќе се менува бидејќи постапката ќе се спроведува континуирано.

Укинувањето на визите не би значело автоматска депортација. Повеќето лица со активни постапки за азил би биле префрлени во друга имиграциска категорија, но повеќе не би имале статус на деловни или туристички посетители.

Планот сè уште не е конечен и би можел да биде изменет или оспорен пред суд.

Од почетокот на вториот мандат на Трамп, неговата администрација ги заостри условите за добивање американски визи, вклучително и со дополнителни проверки на активностите на социјалните мрежи, воведување високи гаранции за одредени апликанти и ограничување или забрана за издавање визи за државјани на одредени земји.