Секој вистински вљубеник во природата и во планината добро знае што значат знаците и маркерите покрај планинската патека, црвено-белите кругови втиснати на стеблата во густите шуми, штицата со изделкани букви за насока на движење, како и столбовите што им помагаат на планинарите при лоши временски услови. На секој ентузијаст кога малку ќе заталка низ густите македонски шуми, срцето веднаш ќе му дојде на место кога на некои од стеблата ќе го види знакот дека, сепак, е на вистинскиот пат.

Тука не треба да ги споменувам и малите планински колипки како засолништа, ознаките за извори со вода, како и сè што значи каква било помош кога некому ќе му затреба. Тоа се тие знаци во просторот околу нас. Токму со таква намера неодамна на Шар Планина беа поставени вкупно 112 столба за зимска маркација, од кои за кусо време непознати сторители уништиле, оштетиле или целосно отстраниле над 45. Причинета е голема финансиска штета, но последиците би можеле да бидат многу посериозни. Оваа опрема требаше да им помага на планинарите на патеката долга 11 километри од Попова Шапка кон Титов Врв, особено во текот на зимата.

Ќе рече некој дошле вандали и ја уништиле опремата, но ова не ќе да е само обично вандалство. Барем така на прва изгледа. Да одиш на планина и со себе да носиш брусилка за да ги сечеш столбовите, тогаш тоа тешко ќе се објасни само со момент на бес или случајна некултура. Повеќе личи на добро осмислена диверзија со една и единствена цел, да се отстранат сите обележја што значат држава и институција. А дека е случајно, не е. Кој планинар оди на планина со брусилка, хилта, бонсек или сличен алат? Бројот на уништени столбови е доволен за да се постават сериозни прашања, почнувајќи од тоа кој знаел каде се поставени, зошто токму оваа траса и зошто неколку случајно скршени столба прераснаа во уништување значаен дел од целата маркација, односно збришана цела безбедна насока за движење. Тоа се прашања на кои треба да одговори истрагата, при што ако се докаже дека станува збор за организирана и координирана активност, тогаш случајот добива сосема друга тежина. Тогаш веќе не би зборувале само за луѓе што нешто скршиле затоа што им било при рака, туку би зборувале за намерно испраќање порака што сите треба да нè загрижи. Вакви пораки се испраќаат секоја година од Карпалак, Љуботенски Бачила, Вејце, од делови на државата каде што упорно се игнорираат државното знаме, обележјата, спомен-плочите, таблите, спомениците…

Ако намерно оштетиш речиси 50 отсто од маркацијата, тогаш не може никому да му се забележи ако помисли дека некој не сака јасно означен простор. Зошто побогу? Па, Шар Планина е нашиот најубав природен бисер, треба да е отворен за сите да можат да уживаат во нејзините убавини, но не со квадрициклите и робусните џипови со кои ја уништуваат природната средина. Говорам за планинарите, рекреативците, луѓе од цела Европа што доаѓале и си заминувале со прекрасни впечатоци. Истата таа Шар Планина е нашиот најубав зимски бисер, досега требаше да се возат скијачки трки од светскиот куп, но повторно поради некои „ликови“, вандали или слични пројави, некој го блокира пристапот како да сака да каже ова е мое, никој не може да го обележува она што е мое.

Не, Шар Планина, како и сите други планини, реки, езера, е дел од Република Македонија, нејзина надлежност и нејзина институционална одговорност. Затоа државата треба да ги преземе сите потребни чекори да ги лоцира сторителите и најстрого да ги казни. Дали се испраќале пораки, дали било вандализам или некоја друга намера, тоа истрагата нека си го каже. Граѓаните не смее никој да ги заплашува и да ги ограничува каде смеат, а каде не да се движат на територијата на државата. Македонија е на сите нас што живееме во оваа држава, но и на сите што ја почитуваат и сакаат да уживаат во нејзините убавини. Не попусто Чешка, Австрија и Словачка донирале средства за зимското маркирање на патеките на Шара, тоа и утре ќе го направат без оглед на овој чин, но само ако како држава покажеме капацитет дека знаеме да го штитиме општото добро.

Тоа значи дека зад овие столбови стои една поинаква идеја за планината. Идеја во која планината е простор за туризам, спорт, соработка, развој и безбедно движење на луѓето.

Затоа уништувањето на таквата инфраструктура има и една симболична димензија.
Некоја група можеби само кршела столбови, но ако мотивот бил намерен, тогаш можеби се обидувала да избрише и една порака за уреден и отворен јавен простор. А тоа веќе е многу посериозна работа. Не затоа што секоја планинарска ознака е политички симбол, туку затоа што секој јавен простор мора да биде простор на правила.

Како и да е, територијата не се потврдува само со границата на картата. Таа се потврдува и со присуството на институциите, граѓаните и јавниот интерес во секој нејзин дел. Кога некој поставува патека, ја означува планината и ја прави побезбедна за луѓето, тој всушност создава јавна инфраструктура. Кога некој таа инфраструктура систематски ја уништува, државата мора да се запраша зошто.

На крајот, ако некој навистина се обидува да брише знаци од просторот, најважно е државата да покаже дека знаците можат да бидат повторно поставени, но одговорноста за нивното уништување не може едноставно да се избрише.