Повод: Извештајот на Државниот завод за статистика (ДЗС) за трендот на извозот и увозот во периодот јануари-мај 2026 година во споредба со истиот период во 2025 година

  • Државниот завод за статистика соопшти дека трендот на пораст на извозот и увозот продолжува и во периодот јануари-мај 2026 година во споредба со истиот период во 2025 година. Вкупната вредност на извозот на стоки изнесува 217.977,7 милиони денари и бележи раст од 5,70 отсто, додека вредноста на увезената стока е 306.513,7 милиони денари, што претставува зголемување за 5,91 отсто
  • Растот на извозот покажува дека државата влегува во нова развојна фаза, но за вистински економски пробив ќе бидат потребни повеќе енергија, инфраструктура, домашен капитал и храбри реформи

Последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) за надворешната трговија во периодот јануари_мај 2026 година се повеќе од добра економска вест. Тие покажуваат дека македонската економија и понатаму создава нова вредност, дека индустријата произведува, дека компаниите извезуваат и дека земјата постепено го зацврстува своето место во европските производствени синџири. Растот на извозот од 5,7 проценти можеби не изгледа спектакуларно за оние што ги гледаат само бројките. Но во време кога некои европски економии сè уште се соочуваат со слаб индустриски раст, тоа е сигнал дека домашната економија има капацитет да продолжи по патеката на развојот. Прашањето повеќе не е дали Македонија има потенцијал. Предизвикот е како тој потенцијал да се претвори во долгорочен модел на економски раст.

Извозот е најздравиот дел од секоја економија

Економистите одамна велат дека постојат три начини една економија да расте – преку потрошувачка, преку јавни инвестиции и преку извоз. Најквалитетен е токму извозниот раст.
– За ваквиот став, причината е едноставна. Кога една компанија извезува, во државата влегуваат нови финансиски средства создадени на странски пазари. Тој капитал потоа се претвора во плати, нови инвестиции, даночни приходи, технолошки развој и нови работни места. За разлика од домашната потрошувачка, која најчесто само го прераспределува постојниот капитал, извозот создава нова вредност. Затоа најразвиените економии во светот речиси секогаш се и најсилни извозници. Не случајно Германија со децении беше индустриски мотор на Европа, Јужна Кореја изгради светски технолошки гиганти, а Ирска го темели својот економски модел врз извозно ориентирана индустрија. И Македонија постепено се движи во таа насока – вели со голема доза на оптимизам нашиот соговорник, поранешен бизнисмен и универзитетски професор на УГД во Штип.

Македонија не заостанува зад регионот, туку, напротив, има простор да стане една од најдинамичните економии

Кога ќе се спореди со земјите од Западен Балкан, Македонија веќе не изгледа како економија што пасивно ги следи регионалните трендови.
– Србија останува најголема економија во регионот и природно има најголем обем на извоз. Бугарија, како членка на Европската Унија, располага со значително поголем индустриски капацитет и пристап до многу поголем капитал. Албанија во последните години бележи силен раст, пред сè во туризмот и енергетиката, додека Црна Гора останува доминантно услужна економија. Македонија, пак, има една специфична предност – развиена извозно ориентирана индустрија, која веќе е интегрирана во европските производствени синџири. Токму тоа ја прави различна од поголем дел од регионот. Ако успее да ја прошири домашната индустриска база, Македонија има реални шанси во следната декада да биде меѓу најбрзорастечките економии на Западен Балкан – вели нашиот соговорник.

Евтината домашна струја значи поскап или поевтин производ на европскиот пазар

Во современата економија електричната енергија повеќе не е само комунална услуга. Таа стана еден од најважните производствени ресурси.
– Во секој производствен погон, без разлика дали произведува автомобилски компоненти, челик или метални конструкции, текстил, пластика или прехранбени производи, цената на електричната енергија директно учествува во конечната цена на производот. Ако домашната компанија плаќа поскапа струја од својот конкурент во Полска, Унгарија или Турција, тогаш нејзиниот производ автоматски станува поскап. Токму затоа домашното производство на електрична енергија треба да стане национален економски приоритет. Зголеменото домашно производство нема да значи само поголема енергетска независност. Тоа ќе значи пониски производствени трошоци. А пониските производствени трошоци создаваат поконкурентни производи. Таму започнува извозната предност. И затоа треба да инсистираме на домашно производство на енергија – со висока доза на сериозност констатира и порачува професорот.

Коридорите 8 и 10 може да ја променат економската карта на регионот

Нашиот соговорник се осврна на уште еден исклучително значаен аспект на растот на извозот, економијата и БДП, а тоа е инфраструктурата.
– Малку држави во Европа имаат толку поволна географска положба како Македонија. Два европски транспортни коридори се сечат токму на нејзината територија. Тоа со децении беше неискористена можност. Но, доколку изградбата на коридорите 8 и 10 продолжи со засилена динамика, Македонија конечно би можела да ја претвори својата географија во економска предност. Во комбинација со модерна железничка инфраструктура, современи логистички центри и ефикасни царински процедури, земјата може да стане една од најважните транзитни и дистрибутивни точки на Балканот. Тоа не носи само приходи од транспорт. Тоа привлекува фабрики. Инвеститорите секогаш избираат локации каде што транспортот е брз, евтин и сигурен. Затоа патиштата, железницата и логистиката се исто толку важни како и даночната политика – истакнува нашиот соговорник.

Следната фаза мора да биде силни домашни компании!

– Доколку сакате да отвориме уште еден аспект на развојот, тоа се домашните производствени капацитети, во нашето национално стопанство, од реалната економија. Точно дека Македонија успешно привлече голем број странски инвестиции. Тие донесоа нови технологии, современи производствени процеси, извоз и илјадници работни места. Но ниту една држава не станала економски лидер потпирајќи се исклучиво на странски капитал. Следната развојна фаза мора да биде создавање силни македонски компании. Компании што ќе имаат сопствени брендови, сопствени производи, сопствени развојни центри и сопствени пазари. Токму тие создаваат најголема додадена вредност. Токму тие носат најголем профит назад во домашната економија. Токму тие стануваат носители на долгорочниот раст. Државната политика треба уште посилно да ги поддржи малите и средните претпријатија, технолошките стартапи, домашните индустриски производители и компаниите што инвестираат во истражување и развој – вели нашиот соговорник, универзитетски професор, кој инсистираше да се отворат повеќе аспекти на економскиот раст на нашата земја.

Европа забавува – Македонија мора да забрза

Од друга страна, европската економија веќе неколку години расте со умерено темпо. Индустријата во некои од најголемите економии сè уште ги чувствува последиците од високите енергетски трошоци, нарушените синџири на снабдување и неизвесната глобална трговија.
– Точно дека Македонија е неразделив дел од таа европска економија, но тоа не значи дека Македонија треба да го прифати истиот ритам. Напротив. Историјата покажува дека помалите економии најбрзо ги достигнуваат поразвиените токму кога растат побрзо од нив. Тоа е шансата и на Македонија. Доколку инфраструктурните инвестиции се реализираат, ако капиталните расходи од новиот буџет станат реални проекти, ако домашното производство на електрична енергија значително се зголеми, а реформите ја подобрат деловната клима, тогаш денешниот економски раст може да стане само вовед во многу подинамичен развоен циклус. Иако споменав повеќепати „ако“, тоа не значи дека повеќето условени параметри треба да нѐ обесхрабрат. Напротив! Има многу показатели што говорат дека ние чекориме напред – тврди нашиот соговорник, со исклучително големо искуство и во теоријата како професор, но и во праксата како бизнисмен и поранешен раководител на едно големо македонско производствено претпријатие.

Извозот е стратегија, а не статистика

Најновите бројки на Државниот завод за статистика не треба да се читаат само како уште еден месечен извештај. Тие зборуваат за насоката во која се движи македонската економија.
– Извозот ќе расте ако работат фабриките. Фабриките произведуваат затоа што инвестираат. Инвестираат затоа што гледаат шанса, перспектива. А како се создава перспективата? Таа се создава со стабилни институции, сигурна енергија, современа инфраструктура, капитални инвестиции и економски политики што го поттикнуваат производството. Тоа се поврзани процеси, а не изолирани политики – поентира на крајот нашиот соговорник, додавајќи дека македонската економија е способна да создава вредност, дека трудот добива цена на меѓународниот пазар и дека државата полека, но сигурно, го гради својот пат кон повисок и поодржлив економски раст. Р.Е.


Извештајот на ДЗС и аспектот на трговската размена како огледало на економијата

Кога растат и извозот и увозот, тоа најчесто значи дека економијата работи

  • Растот на надворешната трговија покажува дека реалната економија станува сè посилна. Сега е моментот тој тренд да се претвори во стратегија за двојно повисок економски раст

Постојат статистички податоци што се читаат само како бројки, а има и такви што откриваат каде се движи една економија. Најновите информации на Државниот завод за статистика (ДЗС) за надворешната трговија во првите пет месеци од 2026 година несомнено ѝ припаѓаат на втората категорија.

Македонија конечно има шанса да направи развоен исчекор

Извозот на Македонија достигна речиси 218 милијарди денари и бележи раст од 5,7 проценти во споредба со истиот период лани. Истовремено, увозот порасна за 5,91 проценти и изнесува повеќе од 306 милијарди денари. На прв поглед, некој ќе ја забележи разликата меѓу извозот и увозот и повторно ќе зборува за трговски дефицит. Но, суштината на овие бројки е на друго место. Кога растат и извозот и увозот, тоа најчесто значи дека економијата работи. Компаниите произведуваат, инвестираат, набавуваат суровини, извезуваат готови производи и создаваат нова вредност. Тоа е пулсот на реалната економија. А токму реалната економија е единствениот одржлив извор на повисоки плати, нови работни места и поголем животен стандард.

Македонија не извезува случајни производи

Особено е важно што структурата на извозот покажува една позитивна трансформација што трае повеќе од една деценија. Најголем дел од македонскиот извоз веќе не го сочинуваат производи со ниска додадена вредност. Денес меѓу најзначајните извозни производи се катализатори со благородни метали, автомобилски електрични инсталации, делови за автомобилската индустрија и друга високоспецијализирана индустриска опрема. Тоа значи дека македонските фабрики не се изолирани производители. Тие се дел од европските индустриски синџири, особено во автомобилската индустрија, каде што квалитетот, роковите и продуктивноста се еднакво важни како и цената. Фактот што Германија останува убедливо најголем трговски партнер не е случаен. Тоа е потврда дека домашната индустрија успеала да стане дел од најразвиената европска производствена економија. Дополнително, Велика Британија, Кина, Грција и Србија ја дополнуваат листата на најзначајни партнери, додека Европската Унија учествува со повеќе од половина од вкупната трговска размена. Тоа е пазар од речиси половина милијарда потрошувачи. Малку земји со големина на Македонија имаат толку силна економска поврзаност со најголемиот единствен пазар во светот.

Нема силен извоз без силна инфраструктура

Македонија конечно влегува во циклус на позначајни инфраструктурни вложувања. Доколку тие продолжат со истата динамика, нивните ефекти ќе се чувствуваат не само во градежништвото туку и во индустријата, транспортот, трговијата и, најважно, во извозот.
– Секоја успешна извозна економија има една заедничка карактеристика, а тоа е дека располага со квалитетна инфраструктура. Автопатиштата, железницата, логистичките центри, индустриските зони и модерните гранични премини не се само градежни проекти. Тие се дел од производствениот процес. За еден германски, француски или италијански купувач не е важно само колку чини производот. Еднакво важно е дали ќе пристигне навреме. Затоа секој километар нов автопат, секоја реконструирана железничка делница и секој модернизиран царински терминал директно ја зголемуваат конкурентноста на македонските компании – велат наши соговорници од Стопанската комора на Македонија.

Капиталните инвестиции не смеат да останат само бројка во буџетот

Во таа насока, особено ќе биде важно како ќе се реализира новиот буџет, кој е во собраниска процедура. Македонија со години имаше амбициозни планови за капитални инвестиции, но нивната реализација честопати беше значително пониска од планираната.
– Ако државата навистина сака побрз економски раст, тогаш капиталните расходи мора да се реализираат навреме, транспарентно и ефикасно. Буџетот не треба да биде само инструмент за финансирање на тековните потреби на државата. Тој треба да стане развоен документ што ќе ја поттикне продуктивноста на економијата. Инвестицијата во патишта, енергетски системи, дигитална инфраструктура, водоснабдување и индустриски капацитети не е трошок. Тоа е вложување што ќе генерира нови инвестиции, нови фабрики и нов извоз – велат нашите соговорници од Комората.

Електричната енергија е вредна валута на конкурентноста

Но ако треба да се издвојат еден или два клучни приоритети за следната економска декада, тогаш еден од нив без дилема е енергетиката. Според професори енергетичари, кои се и повремени колумнисти во нашиот весник, енергијата е всушност – срцето на економијата!
– Во денешната индустрија нема конкурентно производство без сигурна и достапна електрична енергија. Во последните години европските компании научија една скапа лекција, дека енергетската зависност може прекуноќ да ја избрише нивната конкурентска предност. Фабриката што плаќа двојно поскапа струја автоматски произведува поскап производ. Затоа Македонија нема поважна економска задача од зголемувањето на домашното производство на електрична енергија. Домашната енергија, новите инвестиции во домашното производство и модернизацијата на постојните капацитети, како и инвестициите во нови производствени извори, не се само енергетски политики. Тоа е индустриска политика. Тоа е политика за извоз! Тоа е политика за повисоки плати. Колку повеќе домашна струја произведуваме толку помалку ќе зависиме од увозните ценовни шокови. А колку се пониски производствените трошоци толку се поконкурентни македонските производи на европскиот пазар. Енергијата и извозот денес се две страни на иста економска приказна – велат нашите соговорници, експерти по енергетика.

Време е за планирање „втора генерација економски реформи“

Македонија веќе направи важен исчекор со привлекувањето странски инвестиции и интеграцијата во европските производствени синџири. Но, следната фаза мора да биде уште поамбициозна. Потребни се побрзи административни процедури, поефикасно судство, стабилни регулативи, силна поддршка за домашните мали и средни претпријатија, поголеми инвестиции во образованието, дигитализацијата и иновациите. Растот повеќе не може да се темели само на евтина работна сила. Новата конкурентност се создава преку знаење, продуктивност, технологија и домашни компании што ќе извезуваат производи со сè поголема додадена вредност.

Момент што треба да се искористи

Европската економија и натаму се соочува со период на умерен раст, а некои од водечките економии сè уште ги чувствуваат последиците од високите енергетски трошоци, инфлацијата и намалената индустриска активност. Токму затоа Македонија има можност да го искористи моментот. Ако продолжи со изградба на инфраструктурата, ако капиталните инвестиции навистина се реализираат, ако домашното производство на електрична енергија стане национален економски приоритет и ако реформите се спроведуваат со поголема динамика, тогаш денешниот раст од неколку проценти може да биде само почеток. Целта не треба да биде само да го следиме европскиот просек. Треба да растеме побрзо од него. Земјите што денес се најразвиени во Европа токму така ги достигнале сегашните позиции – преку долги периоди во кои нивниот економски раст бил повисок од просекот на континентот. Македонија нема причина да не си постави иста амбиција. Најновите статистички податоци не велат дека целта е веќе постигната. Но велат нешто еднакво важно – дека насоката е правилна. А економијата, како и животот, секогаш ги наградува оние што навреме ќе го препознаат вистинскиот правец и ќе имаат храброст да продолжат уште побрзо по него. Р.Е.