- Екстремните горештини носат уште една опасност. Жедта се гаси со вода, но таа мора да биде правилно складирана и подалеку од летното сонце. Водата во пластични шишиња што со часови стоела на сонце може да стане сериозен здравствен ризик. Деновиве синоптичарите најавуваат нов топлотен бран, па затоа граѓаните треба да внимаваат не само на дехидратацијата туку и од каде и во каква амбалажа ја купуваат водата
Македонија повторно се подготвува за период на екстремно високи температури. Според најавите на синоптичарите, од крајот на тековната седмица земјава ќе биде зафатена од нов топлотен бран, при што дневните температури на повеќе места ќе се движат над 35 Целзиусови степени, а локално и значително повисоко.
Во такви услови, лекарите постојано апелираат граѓаните да внесуваат доволно течности, да избегнуваат директно изложување на сонце и да не дозволат организмот да дехидрира. Но постои уште една опасност на која јавноста ретко обрнува внимание – квалитетот и начинот на чување на водата што секојдневно ја купуваме.
Во текот на летото, илјадници пластични шишиња со вода и освежителни пијалаци со часови стојат изложени на директно сончево зрачење – на палети пред продавници, покрај киосци, во импровизирани фрижидери со стаклени врати свртени кон сонцето или во возила за транспорт. Токму ваквите услови можат значително да ја зголемат температурата на самата амбалажа, што отвора сериозни прашања за безбедноста на производот.
Што се случува кога сонцето ја загрева пластичната амбалажа
Најголемиот дел од амбалажираната вода кај нас се пакува во ПЕТ (полиетилен-терефталат) амбалажа. Таа е наменета за употреба во нормални услови и производителите препорачуваат производите да се чуваат на ладно, суво место, заштитено од директна сончева светлина. Кога пластичните шишиња подолго време се изложени на високи температури, особено во затворени простори или на директно сонце, може да дојде до промени во материјалот и до миграција на одредени хемиски соединенија од пластиката во течноста. Истовремено, високите температури создаваат услови и за забрзано размножување на микроорганизмите, особено ако шишето веќе било отворено и повторно затворено. Иако количествата супстанции што можат да мигрираат зависат од повеќе фактори, здравствените експерти предупредуваат дека долготрајното изложување на пластичната амбалажа на екстремна топлина не треба да се потценува.
Внимание: Автомобилот е најопасно место за еднопластично шише да стане темпирана бомба
Една од најчестите навики кај граѓаните е шишето со вода да остане во автомобилот додека се завршуваат секојдневните обврски. Но во летните денови температурата во паркирано возило може за кратко време да достигне исклучително високи вредности. Во такви услови, не само што се загрева пластиката туку се создава и средина погодна за развој на бактерии, особено ако од шишето веќе било пиено. Водата оставена неколку часа во автомобил не е иста со свежо купена вода чувана во соодветни услови.
Три предупредувачки знаци што не треба да се игнорираат
Граѓаните можат и самите да забележат дека производот можеби не бил складиран правилно.
Предупредувачки сигнали може да бидат:
– деформирано или подуено шише, односно дно што повеќе не стои стабилно на рамна површина;
– појава на кондензација или ситни капки вода од внатрешната страна на затвореното шише, што укажува на значително загревање;
– необичен мирис на пластика или променет вкус на водата.
Доколку се забележи некој од овие знаци, производот не треба да се консумира.
Не е доволно само да пиете вода – важно е и каква вода пиете
Во деновите кога жештините се најизразени, организмот губи големи количества течности и редовната рехидратација станува неопходна. Но таа не смее да биде по цена на здравјето. При купување вода, препорачливо е да се избираат шишиња што не биле изложени на директно сонце, да се земаат производи од подлабоките делови на фрижидерите, каде што температурата е пониска, и секогаш да се проверува изгледот на амбалажата. Еднакво е важно никогаш да не се остава пластично шише со вода во паркиран автомобил, ниту за краток период.
Јавноздравствено прашање, а не само личен избор
Со секој нов топлотен бран расте ризикот од дехидратација, топлотен удар и од други здравствени компликации. Но расте и одговорноста на сите што учествуваат во синџирот на снабдување – производители, дистрибутери, трговци и институции – да обезбедат водата што стигнува до потрошувачите да биде складирана во услови што нема да го компромитираат нејзиниот квалитет. Во период кога високите температури стануваат новото нормално, вниманието не треба да биде насочено само кон тоа колку вода ќе испиеме туку и кон тоа дали водата што ја внесуваме во организмот навистина е безбедна. Жедта се гаси со вода. Но само ако таа вода стигнала до нас правилно складирана и заштитена од летното сонце. Н.М.
Колку вода му е потребна на организмот во лето?
Екстремните летни температури значително ги зголемуваат потребите на организмот за течности, бидејќи преку потењето се губат вода и електролити. Затоа, „осум чаши вода дневно“ (познато правило) не се секогаш доволни во денови кога живата во термометарот надминува 35 степени. За повеќето возрасни лица во летниот период се препорачува внесување од 2,5 до три литри вода дневно, а кај оние што работат на отворено, спортуваат или подолго престојуваат на сонце, потребите можат да надминат и 3,5 литри. Лекарите советуваат водата да се пие во текот на целиот ден, а не одеднаш, бидејќи чувството на жед веќе е првиот знак дека организмот почнал да дехидрира. Еден од најдобрите показатели за добра хидратација е бојата на урината – таа треба да биде бледожолта или речиси проѕирна.
Препорака: Секогаш носете свежа вода со себе, пијте редовно и избегнувајте вода од пластични шишиња што долго време биле изложени на директно сонце или на високи температури. Н.М.

































