Инфлацијата не е само увезена туку и домашно произведена
- Во изминатите неколку години, владите на Балканот имаа заеднички именител во образложувањето на поскапувањата на производите
наменети за граѓаните. Војната во Украина, енергетската криза, прекинатите синџири на снабдување, високите транспортни трошоци и
глобалната инфлација беа најчесто наведуваните причини за растот на цените на производите за широка потрошувачка. И навистина, тие
фактори имаа огромно влијание врз светската економија. Но, како што светските пазари постепено се стабилизираат, сè поочигледно станува дека не можат сите поскапувања докрај да се објаснат со надворешните околности. Во многу случаи, инфлацијата продолжува да биде
тврдоглава, а цените остануваат високи и тогаш кога трошоците за енергија, транспорт или за суровини веќе се намалуваат
Економската приказна на нашиот јужен сосед отсекогаш била исклучително интересна. Професори по економија со кои ја отворивме оваа тема ја опишуваат како „грчки ролеркостер“, при што економијата се движи брзо, но и угоре-удолу. Во таа „грчка економска приказна“, според нашите соговорници, универзитетски професори по економија, многу лесно може да се препознаат речиси сите економии на Балканот.
Два аларма што ги препознава секое балканско семејство, не само во Грција
Грчкото искуство покажува дека инфлацијата не секогаш е само „увезена“. Таа може да биде резултат и на домашни слабости, како што се недоволна конкуренција, концентрирани пазари, ограничен број големи играчи, недоволна контрола врз монополските практики и можност дел од компаниите да ги зголемуваат профитните маржи многу повеќе отколку што растат нивните реални трошоци. Според соговорниците, постојат два индикатора што заслужуваат особено внимание.
– Првиот е драматичното намалување на куповната моќ. Иако номиналните плати во повеќето балкански држави бележат одреден раст, реалната вредност на тие приходи често е значително помала. Домашните буџети сè потешко ги покриваат основните трошоци. Секојдневното пазарување станува сериозен финансиски предизвик, а производите што до неодамна се сметаа за основни, постепено стануваат товар за семејниот буџет – велат тие.
– Вториот аларм е уште позначаен. Во повеќе држави од регионот растот на цените не ја следи динамиката на европските пазари. Напротив, кај одредени производи тие растат побрзо и остануваат високи многу подолго отколку што би ги оправдале меѓународните движења. Тоа укажува дека покрај глобалните фактори, постојат и некои домашни механизми што ја одржуваат инфлацијата – образложуваат нашите соговорници.
Контролата на маркетите е добра мерка, но не е доволна, а интегралноста на повеќе мерки дава најдобар резултат
Во повеќето балкански држави, јавноста веќе неколку години е сведок на различни владини мерки, од ограничување на маржите, преку замрзнување на цените, инспекциски контроли и казни за трговците итн.
– Цената што ја плаќа потрошувачот не се формира само во маркетот. Таа поминува низ долг синџир на производители, увозници, транспортни компании, посредници, дистрибутери и поврзани фирми. Доколку секоја алка додава релативно мала маржа, крајниот резултат може да биде производ што ќе пристигне до граѓанинот значително поскап, иако ниту една поединечна маржа формално не изгледа дека е прекумерна. Особено сложен проблем претставуваат трансферните цени и интрагрупациските трансакции кај големите меѓународни компании. Дел од профитот може да се создава многу пред производот да стигне до полиците, па затоа контролата исклучиво врз малопродажбата честопати има повеќе симболичен отколку реален ефект – анализираат нашите соговорници.
Конкуренцијата е најсилниот регулатор на цените?!
Според професорите по економија, најважната порака што ја испраќаат меѓународните економски институции е дека „вистинската борба против инфлацијата започнува со зајакнување на конкуренцијата“.
– Кога на пазарот има повеќе учесници, компаниите се принудени да се натпреваруваат со подобри цени, подобар квалитет и поголема ефикасност. Кога конкуренцијата е слаба, просторот за прекумерни профити се зголемува. Да го земеме случајот со Грција. Не е случајно што и ОЕЦД, и Меѓународниот монетарен фонд, и Европската комисија, и Банката на Грција во различни анализи укажуваат дека ограничената конкуренција претставува еден од двигателите на инфлацијата во грчката економија. Истата логика важи и за Балканот. Во многу сектори функционираат релативно мал број големи компании, кои доминираат со пазарот. Не е тајна дека таму новите инвеститори најчесто се соочуваат со административни бариери, сложени процедури или ограничен пристап до дистрибутивните канали. Кога влезот на нови конкуренти е тежок, цените многу полесно остануваат високи – тврдат нашите соговорници.
Инфлација поттикната од профитот
Особено се интересни анализите на Банката на Грција, кои покажуваат дека во последните години, најголемиот дел од домашните инфлаторни притисоци не доаѓале од платите, туку од растот на профитот. Што може да се извлече како заклучок од оваа констатација?
– Тоа е исклучително важна констатација. Долго време доминираше тезата дека платите ја поттикнуваат инфлацијата. Но кога профитните маржи растат значително побрзо од трошоците за труд, тогаш економската слика станува многу посложена. Во услови кога платите растат умерено, а цените продолжуваат да се зголемуваат, граѓаните практично двапати ја плаќаат кризата. Еднаш преку повисоките сметки и вторпат преку намалената реална вредност на своите приходи. Таквата состојба не може да биде долгорочно одржлива – анализираат професорите, додавајќи дека затоа „лекциите од Грција треба да се научат“.
Балканските економии ги делат истите структурни слабости
Иако секоја држава има свои специфики, економската архитектура на Балканот е изненадувачки слична. Станува збор за релативно мали пазари, значителна зависност од увоз, ограничен број големи дистрибутери, висока концентрација во одредени индустрии и чувствителност на глобалните енергетски шокови.
– Одличен пример за анализа е Грција и не треба да изненадува што симптомите се речиси идентични. Кога еднаш цените ќе пораснат, тие многу тешко се враќаат назад. Граѓаните најдобро го чувствуваат тоа секој месец, при плаќањето на сметките и полнењето на потрошувачката кошничка – велат соговорниците.
Политики што ќе ја намалат, а не само што ќе ја ублажат кризата
Најголемиот предизвик пред владите денес не е како привремено да ја намалат цената на неколку производи, туку предизвикот е како да изградат економии што ќе бидат поотпорни на идните глобални потреси. Затоа и длабоките економски реструктурирања се неопходни. Тоа подразбира поефикасни институции за заштита на конкуренцијата, построги санкции за злоупотреба на доминантната позиција, поголема транспарентност во синџирите на снабдување, полесен пристап за нови компании и поголема јавна отчетност за формирањето на цените. Паралелно, неопходни се инвестиции во енергетската независност, во домашното производство, во земјоделството, во индустријата, во продуктивноста на економијата и, секако, во дигитализацијата на економијата. Колку економијата е поразновидна и поконкурентна, толку е помал просторот да се претвораат кризите во долгорочни ценовни шокови.
– Грчкото искуство денес треба да се чита како предупредување, а не како туѓ проблем. Она што таму го покажуваат бројките – слабата конкуренција, растот на профитните маржи и намалувањето на куповната моќ – со различен интензитет е присутно и во другите балкански економии. Токму затоа би било погрешно инфлацијата и натаму да се објаснува исклучиво со глобалните околности. Вистинскиот одговор започнува дома – со подобри институции, со пофер пазари и со политики што ќе ја стават заштитата на животниот стандард во центарот на економските стратегии. Бидејќи граѓаните не ја мерат успешноста на една економија преку статистичките извештаи, туку преку тоа колку производи можат да стават во својата кошничка, дали можат достоинствено да ги платат сметките и дали нивната плата вреди повеќе од минатиот месец. Тоа е вистинскиот тест за секоја економија. И токму тој тест денес стои пред сите држави на Балканот. Е.Р.

































