РАКОМЕТ

Кадетската репрезентација на Македонија за ракометари до 18 години, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, го одржа првиот собир, со што и официјално ги почна подготовките за претстојното Европско првенство (ЕП) во Белград (Србија), кое треба да почне на 29 јули, со учество на 24 репрезентации. Избраниците на селекторот Горан Кузмановски денеска треба да заминат на подготовки во Австрија, каде што ќе престојуваат до 15 јули, а потоа продолжуваат со тренинзи во Скопје. Во рамките на подготовките, македонските кадети ќе одиграат и два пријателски меча, со репрезентацијата на Грција, на 18 јули (18 ч.) и на 19 јули (12 ч.), информира Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Македонските ракометари на ЕП 2026 се во групата А, а ќе играат на 29 јули со Словенија (од 12 часот), следниот ден со Франција (12 ч.) и на 1 август со Шведска (терминот дополнително ќе биде утврден). Во главната рунда ќе се пласираат првите две селекции од секоја од шесте групи и најдобрите две третопласирани репрезентации, а другите селекции ќе играат за пласман од деветтото до 16. место. Репрезентацијата на Шведска ја освои титулата на ЕП 2024 во Црна Гора. Г.И.