Воена анализа: Падот на Константиновка како сигнал за новата фаза од руско-украинскиот конфликт
- Додека вниманието на светската јавност и понатаму е насочено кон украинските диверзантски операции и беспилотните удари длабоко во
руската заднина, на линијата на фронтот се одвива побавен, но стратешки многу поважен процес – постепено поместување на линијата на фронтот во корист на руската армија. Ако процените за падот на Константиновка се покажат како точни, тоа би можело да претставува уште една пресвртница во долгата битка за Донбас, но и уште повеќе да биде показател дека иницијативата на копнениот фронт сè повеќе преминува на руската страна
Во секоја војна постои разлика меѓу спектакуларните операции што доминираат во медиумскиот простор и тивките фронтовски поместувања што ја определуваат конечната воена рамнотежа. Украинските напади врз аеродроми, складишта, воени постројки и инфраструктура во руската заднина несомнено имаат свое оперативно и психолошко значење. Тие покажуваат дека некој од европските сојузници и понатаму ја билда Украина со способност да изведува сложени операции на големи растојанија и да создава чувство на несигурност во внатрешноста на Русија. Но нашите соговорници, воени лица и поранешни високорангирани воени офицери, имаат свое мислење за тоа.
– Ниту една современа војна не е добиена исклучиво со диверзантски операции. Историјата покажува дека контролата врз територијата, комуникациите и фронтовата линија останува клучниот критериум за воен успех. Колку и да се успешни длабоките удари, тие сами по себе не можат да ја надоместат загубата на утврдени одбранбени позиции доколку тие почнат систематски да се уриваат – тврдат нашите соговорници.
Фронтот останува главното бојно поле
– Константиновка со години претставуваше важна алка во украинскиот одбранбен систем во Донбас. Нејзината улога не беше само во одбраната на самиот град туку и во поврзувањето на линиите кон Дружкивка, Краматорск и Славјанск. Таму се вкрстуваа логистичките правци, резервите и можностите за маневар на украинската армија. Доколку градот навистина е изгубен, тогаш тоа не претставува само локален пораз туку отвора можност руските сили постепено да вршат притисок врз следната одбранбена линија. Во таква ситуација, украинската команда е принудена да формира нови позиции под постојан притисок, што секогаш претставува една од најтешките воени задачи, анализираат нашите соговорници, опишувајќи ја актуелната сложена состојба во која се наоѓа украинската армија, додавајќи дека „секоја нова линија на одбрана бара време, инженериски подготовки, резерви и свежи единици. Ако тие предуслови недостигаат, повлекувањето лесно може да премине во постепено распаѓање на одбранбениот систем – тврдат нашите соговорници.
Медиумската слика и реалноста на терен
Последните месеци покажуваат интересен контраст. Додека западните медиуми значително внимание посветуваат на украинските операции длабоко на руска територија, многу помалку простор добиваат постепените руски напредувања по должината на повеќе делови од фронтот.
Таквата медиумска динамика создава впечаток дека иницијативата останува кај Украина. Но картата на фронтот покажува поинаква слика. Линијата на борбите продолжува постепено да се поместува кон запад, сè подлабоко во украинската територија. Темпото не е брзо, но континуитетот е токму она што ја прави оваа стратегија опасна за украинската страна.
– Таа констатација е точна. Русија и понатаму применува модел на постепено исцрпување – со силен артилериски притисок, масовна употреба на беспилотни летала и постепено ангажирање пешадиски единици. Овој пристап носи висока цена, но досега покажува одредена оперативна одржливост – велат соговорниците, кои континуирано ги следат и западните, а и руските извештаи за фронтот.
Почеток на крајот на фронтовската стабилност?
Најголемата опасност за украинската армија не е загубата на еден град, туку можноста тие загуби да почнат да се надоврзуваат една на друга. Во воената теорија, токму ваквите процеси често претставуваат почеток на пошироко нарушување на стабилноста на фронтот.
– Не станува збор за драматичен колапс што се случува прекуноќ. Многу почесто станува збор за постепено повлекување, скратување на линијата, губење на логистичките јазли и сè потешко пополнување на човечките и материјалните загуби. Во еден момент таквиот процес може да создаде услови за значително побрзо напредување на противникот. Затоа денес клучното прашање не е само дали ќе падне уште еден град туку дали украинската армија располага со доволно резерви за да воспостави нова стабилна одбранбена линија што ќе го запре понатамошното руско напредување – тврдат соговорниците.
Војната сè уште ја решава пешадијата
Соговорниците, воени експерти, тврдат дека без оглед на технолошките иновации, беспилотните летала, ракетните системи и диверзантските операции, оваа војна повторно ја потврдува старата воена вистина – територијата ја контролира оној што може да ја заземе и да ја задржи со копнени сили.
– Судирот меѓу фронтовската борба и длабоките удари засега сè повеќе оди во прилог на фронтот. Длабоките операции можат да нанесат штета, да предизвикаат политички ефект и да обезбедат медиумско внимание, но тие не можат сами да го променат исходот ако копнената линија продолжи да се поместува.
Доколку сегашниот тренд продолжи и не дојде до значајна промена на воената или дипломатската динамика, Украина би можела да влезе во значително понеповолна стратегиска положба отколку што беше пред само една година. Токму затоа, зад секоја нова вест за беспилотен напад во руската заднина, сè поважно станува прашањето што се случува на самата линија на фронтот – бидејќи токму таму, како и во сите претходни големи војни, на крајот се одлучува исходот на конфликтот. Р.С.
Мирот станува сè поитно прашање
Паралелно со воените случувања, расте и политичката неизвесност. Доколку мировните иницијативи не добијат нов импулс, Украина би можела да се соочи со значително потешка позиција отколку денес. Секое ново фронтовско повлекување потенцијално ја намалува и нејзината преговарачка тежина. Во исто време, европските сојузници се соочуваат со сопствени политички, економски и безбедносни предизвици. Иако поддршката за Украина продолжува, сè почесто се отвораат прашања за нејзината долгорочна одржливост, особено ако војната продолжи со сегашното темпо. Во дипломатските преговори, како и на бојното поле, позицијата најчесто ја одредува состојбата на теренот. Колку повеќе фронтот се поместува, толку повеќе се менува и рамнотежата на преговарачката маса. Р.С.
































