Фото: Маја Јаневска Илиева

Ребалансот на буџетот за 2026 година не произлегува од недостигот на приходи или од нарушена ликвидност на буџетот. Тој е резултат на потребата да се усогласат буџетските проекции со новите економски услови, да се обезбедат дополнителни средства за законските обврски што значат редовна исплата на платите во секторите во кои е обезбеден раст, повеќе средства за дополнителна поддршка за земјоделството, социјалната заштита и за општините, како и дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус – истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешниот прв ден од амандманската расправа за ребалансот на буџетот.

Пред пратениците на собранската Комисија за финансирање и буџет министерката рече дека со предложените измени и дополнувања се прави приспособување на макроекономските претпоставки и на фискалните проекции, пред сè на расходната страна на буџетот.

– Ребалансот на буџетот не претставува само техничка измена на бројки, зад тоа стојат политики што Владата ги насочува кон поддршка на економијата и граѓаните. Тој претставува одговор на променетите економски околности, инструмент преку кој Владата ги усогласува јавните финансии со реалните потреби на економијата, институциите, стопанството и граѓаните. А особено во услови кога светската економија се соочува со зголемена неизвесност, наша должност е навремено да реагираме, да ги препознаеме ризиците, но истовремено да ги искористиме можностите што се отвораат- нагласи Димитриеска-Кочоска.

Она што е особено важно, според министеката за финансии, е дека и покрај сите надворешни предизвици, македонската економија продолжува да покажува отпорност за што, како што посочи, потврда се последните макроекономски показатели дека економската активност се движи во позитивна насока и основите на економскиот раст остануваат стабилни.

Осврнувајќи се на макроекономските движења во првата половина од годината, Димитриеска-Кочоска рече дека тие не се само статистика, туку основа врз која се темелат фискалните политики и одлуките што се креираат.

– Во таа насока, анализата на извршувањето на буџетот во првата половина од годината покажува дека јавните финансии се стабилни, приходната страна се реализира во согласност со очекувањата, а расходите се насочени кон исполнување на законските обврски и реализација на приоритетните развојни политики – нагласи Димитриеска-Кочоска.

Министерката истакна дека со ребалансот се останува на политиката на навремена исплата на сите законски обврски, дисциплинирано управување со јавните средства и приоритетно финансирање на развојните политики.

Со предложениот ребаланс на буџетот вкупните приходи се ревидираат на ниво од 379,5 милијарди денари. На приходната страна даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари. Неданочните приходи бележат значително подобрување и се зголемуваат за речиси два милијарди денари, а донациите бележат пораст од речиси 2,7 милијарди денари.

На расходната страна, вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари, а дополнителни средства се обезбедени за земјоделските субвенции (1,4 милијарда денари повеќе или вкупно 8,7 милијарди денари), за субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршка на спортот, студентскиот и ученичкиот стандард…

Министерката посочи дека определбата за фискална дисциплина е отсликана во овие предложени измени и дека со ребалансот кај расходите за стоки и услуги се врши намалување од приближно 837 милиони денари преку реалокација на средствата и нивно насочување кон приоритетните потреби, а од друга страна, особено значење се придава на развојната компоненета и се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, кои достигнуваат речиси 46 милијарди денари и се зголемуваат за приближно 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти раст во однос на иницијалниот буџет.

– Првпат корекцијата на дефицитот е резултат, пред сè, на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата, односно зборуваме за дефицит што ќе финансира развој, а ќе резултира со зголемување за 0,6-процентни поени во однос на иницијалната проекција, со што буџетскиот дефицит се ревидира на 46,3 милијарди денари или на 4,1 % од БДП. Средствата се насочени кон реализација на капитални проекти од стратешко значење за државата и граѓаните, што ќе остане принцип на работа на оваа Влада – потенцира Димитриеска-Кочоска.

Според Димитриеска-Кочоска, ребалансот претставува внимателен баланс меѓу фискалната одговорност, потребата од забрзан развој и сериозен фокус на капиталните инвестиции.

– Тој обезбедува стабилност на јавните финансии, но истовремено создава услови за повеќе инвестиции, поголема економска активност и подобар животен стандард за граѓаните – рече министерката за финансии.

 

Народниот правобранител Фатон Сељами укажа дека до август имаат средства за кирии за канцелариите поради што побара зголемување по оваа основа од четири милијарди 200 илјади денари, како и зголемување на ставката за плати за еден милион 600 илјади денари. Забележа дека институцијата Народен правобранител не била консултирана за ребалансот на буџетот, пренесува МИА.