Сојузот на спортските федерации на Македонија лансира значаен проект за борба против допингот
Во време кога спортот сè почесто се соочува со предизвиците на недозволените супстанци, проектот што од денес го започнува Сојузот на спортските федерации на Македонија претставува значаен чекор кон создавање култура на чесен, безбеден и фер спорт. Наместо борба со последиците, фокусот е ставен на превенцијата, едукацијата и навременото информирање – најсилното оружје против допингот.
И ова нема да биде задача само на Сојузот на спортските федерации на Македонија.
Успехот ќе зависи од заедничката мобилизација на спортистите, тренерите, клубовите, стручните штабови, националните федерации и сите чинители во спортот. Само со единствен фронт може да се изгради средина во која здравјето, интегритетот и фер-плејот ќе бидат поважни од секој резултат.
Борбата против допингот не е само заштита на правилата на играта – таа е заштита на младите генерации, на угледот на македонскиот спорт и на вредностите што спортот треба да ги промовира. Затоа, овој проект на Сојузот на спортските федерации на Македонија заслужува широка поддршка и активно вклучување на сите што веруваат дека вистинските шампиони победуваат со знаење, труд и чесност.
Катерина Попева, првенка во боди-билдинг вели дека вистинската големина во боди-билдингот се гради преку посветеност, без компромиси кон сопственото здравје и со храброст да бидеш транспарентен во процесот.
-Кога немаш што да криеш, вистината станува твојата најголема сила во секој предизвик. Ако немаш што да криеш, измери ја вистината! Анти-допингот е на твоја страна – вели Попева.
Погледнете го видеото со пораката на Попева.

































