Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека е „смешно“ САД да продолжат со, како што рече, едностран однос со НАТО, повторувајќи дека Алијансата не била на страната на Вашингтон кога му била потребна поддршка.
„Смешно е САД да продолжат по овој едностран пат кога односот не е реципрочен. Тие не беа тука за нас!!!“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Објавата доаѓа помалку од една недела пред самитот на НАТО во Анкара, кој ќе се одржи на 7 и 8 јули. Според Ројтерс, на самитот лидерите на Алијансата ќе се обидат да ги ублажат тензиите со Трамп, во услови на несогласувања околу Иран, Гренланд и одбранбените трошоци.
Трамп повеќепати ги критикуваше европските сојузници поради нивниот однос кон војната со Иран, како и поради издвојувањата за одбрана во рамки на НАТО.
Тој ја поткрепи денешната објава со графикон во кој се наведува дека САД издвојуваат 999 милијарди долари, во споредба со 90,5 милијарди долари од Велика Британија, 66,5 милијарди долари од Франција, 48,8 милијарди долари од Италија и 44,3 милијарди долари од Полска.
































