Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изрази задоволство од наплатата на даноците, посочувајќи дека во јуни е забележан значителен раст кај сите главни даночни приходи, пренесе МИА.
Таа информираше дека приходите од ДДВ, персоналниот данок на доход и данокот на добивка се повисоки од очекуваното и од планираното, а позитивен тренд е регистриран и кај увозните давачки. Според неа, резултатите за акцизите ќе бидат појасни по анализите во текот на јули.
Министерката најави и измени поврзани со глобалниот минимален данок, по барање на Организација за економска соработка и развој и државите што го применуваат овој модел.
-Ќе овозможиме пријавите да се доставуваат до крајот на годината, бидејќи голем број компании се соочија со проблеми во координацијата со нивните матични компании. Во меѓувреме нема да се применуваат прекршочни санкции за неподнесување пријави, а се планира воспоставување централизиран систем за поднесување на светско ниво – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека Законот за глобалниот минимален данок ја поминал уставната проверка, што, според неа, претставува потврда за квалитетно изработеното законско решение.
Осврнувајќи се на работењето на институциите под надлежност на Министерството за финансии, министерката истакна дека Управа за јавни приходи во последните две години бележи континуиран раст на приходите, како резултат на засилените контроли и поголемата економска активност.
Во тој период, преку инспекциски контроли е утврден дополнителен данок од 5,2 милијарди денари, изречени се над 13.500 глоби, а поднесени се 78 кривични пријави поради сомнежи за штета врз Буџетот од околу 995 милиони денари.
Истовремено, УЈП спроведува дигитализација на услугите преку воведување на електронски уверенија, автоматизирање на повратот на ДДВ и развој на нови системи за анализа на ризик и електронско фактурирање.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека и Царинска управа бележи засилени резултати, со спречени над 2.700 обиди за нелегални активности, околу 950 заплени и стотици кривични пријави против физички и правни лица.
Таа посочи дека се реализираат инфраструктурни проекти вредни околу 30 милиони евра за модернизација на граничните премини, надградба на ИТ-системите и имплементација на нов национален едношалтерски систем.
Министерката информираше дека засилени активности има и во Управа за финансиска полиција, Управа за финансиско разузнавање, Биро за јавни набавки и Управа за имотно-правни работи, при што се реализирани бројни реформи, дигитализација на процесите, засилени контроли и побрзо решавање на управните постапки.

































