Фото: ЕПА

Отсуство на единствен став во ЕУ за законски решенија за ревитализација на индустријата

  • Планираните намалувања на работни места во германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ ја откриваат итноста на предизвикот за спас на европската индустрија, но одговорот на ЕУ сè уште е заглавен во дискусии

Планот на „Фолксваген“ за кратење сто илјади работни места и за затворање четири фабрики во Германија претставува јасен знак за индустриска криза, која водството на Европската Унија во Брисел постојано нагласува дека сака да ја избегне. Но земјите од европскиот блок и европратениците сè уште се расправаат околу тоа како да одговорат на новонастанатата кризна состојба.
– Најновите вести од Германија ја покажуваат итноста да дејствуваме решително за да ги заштитиме нашите пазари од глобалните конкуренти – изјави шефот за индустрија на ЕУ, Стефан Сежурне, нарекувајќи го Законот за забрзување на индустријата – „одлучувачка“ алатка.
До крајот на годинава европските лидери сакаат да го подготват и усвојат Законот за забрзување на индустријата, со кој е предвидено насочување на милијарди евра од трошоците за јавни набавки кон европските компании, со цел да им помогне да бидат конкурентни наспроти извозот од Кина.
– Она што се случува во „Фолксваген“ е алармантно, но не е изолиран случај. Тоа е последица на години европска наивност додека нашите глобални конкуренти следеа јасни и агресивни индустриски стратегии – рече францускиот либерален пратеник Кристоф Грудлер, еден од тројцата лидери во досието во Европскиот парламент.

Несогласувања и доцнења околу законските предлози и мерки

Главната одредба на законот за давањето приоритет на „Произведено во Европа“ би ги фаворизирала локално произведените стоки. Неговите поддржувачи велат дека е крајно време ЕУ да ја брани својата индустрија, додека оние што не се согласуваат со законот сакаат да го запрат она што го сметаат за протекционистичка мерка.
Критичарите сметаат дека предлогот ризикува прераснување во правен лавиринт за компаниите, како и да доведе до зголемување на цените на стоките произведени во ЕУ, а потенцијално да ги исклучи пријателските трговски партнери како што се Канада, Велика Британија или Јапонија.
Преговорите во кои учествуваат земјите од ЕУ и пратениците почнуваат дури сега, откако Европската комисија го презентираше својот предлог со тримесечно задоцнување во март. Службениците приватно признаваат дека времето веќе истекува за да се обезбеди компромис до крајот на годината, како што е пропишано со мапата на патот „Една Европа, еден пазар“ на ЕУ.

Кому може да му се верува за да биде „доверлив партнер“

Најтешкиот предизвик што претстои е да се договорат кои земји треба да бидат вклучени на списокот на „доверливи партнери“, чии производи ќе бидат поврзани со европските во одредени области на јавни набавки и финансирање.
Дебатата во голема мера ги спротивставува скептиците за слободна трговија – предводени од Франција – наспроти извозно ориентираните економии предводени од Германија, Холандија и нордиските земји.
– Со „Произведено во Европа“ и силен закон за забрзување на индустријата, можевме да го апсорбираме шокот за „Фолксваген“ и неговите вработени – изјави Пјер Жуве, водечкиот социјалистички пратеник во досието.
Жуве е застапник за тесен список на доверливи партнери што треба внимателно да се изберат. Ваквите повици наидоа на силен отпор од моќниот трговски оддел на Комисијата, каде што главниот преговарач Марош Шефчович предводи иницијатива за проширување – а не стеснување – на трговските односи на ЕУ.
Настојувањето на Сежурне кон индустриска политика е мотивирано од убедувањето дека историската посветеност на ЕУ кон слободната трговија не успева – при што Брисел се бори да смисли кохерентен одговор на кинескиот билатерален трговски суфицит што изнесува една милијарда евра дневно.
– Исто така, треба да ги користиме сите наши постојни трговски инструменти сега, а не само да размислуваме за нови – рече Сежурне.

ЕУ никогаш не ја активира трговската „базука“

Дополнителните мерки што се во фаза на изработка вклучуваат барање компаниите да ги диверзифицираат своите извори на критични влезни податоци настрана од Кина, како и веројатни истраги за хибридни возила со приклучок, хемикалии и машински алати.
Сепак, дури и новото трговско оружје може да се покаже бескорисно ако владите не се подготвени да го користат. Инструментот против принуда, таканаречената трговска „базука“ на блокот, веќе ѝ овозможува на ЕУ да преземе сеопфатен одговор на економската принуда. Тој никогаш не е активиран.
– Законот за забрзување на индустријата е само една ставка. Комисијата, исто така, мора да се заложи за заштита на европскиот пазар преку посилна и ефикасна стратегија за трговска одбрана – рече Кетлин ван Бремпт, белгиска социјалистка што се залага за Законот за забрзување на индустријата во трговскиот комитет на Европскиот парламент.

Дали законот ќе функционира?

Се поставува прашањето дали Законот за забрзување на индустријата, и покрај експанзивните амбиции, ќе има влијание кога евентуално ќе стапи во сила.
Компаниите во голема мера ја поздравија идејата „Произведено во Европа“, но сметаат дека нејзината потенцијална примена е премногу тесна за да спречи цели синџири на снабдување да бидат избришани од континентот.
– Севкупно, пристапот што го предложи Европската комисија не изгледа доволен за да се справи со предизвиците со кои се соочува европската индустрија – напиша водечкото италијанско бизнис-лоби „Конфиндустрија“, критикувајќи го ограничениот фокус на законот врз еколошката индустрија и списокот на „доверливи партнери“ што сè уште изгледа премногу отворено.
Се смета дека правилата за потекло на законот би можеле дури негативно да се одразат врз производителите на автомобили како „Фолксваген“, според аналитичкиот центар „Бругел“.
Прво, ќе треба да се постигне компромис помеѓу трите институции на ЕУ – Европскиот парламент, Советот на ЕУ и Европската комисија, па прогнозите за постигнување на рокот до крајот на годината не изгледаат ветувачки. Со три комисии што го испитуваат новиот предлог-закон, не помалку од 150 пратеници ќе можат да го изразат своето мислење за него.
Во меѓувреме, во првата половина од годината, кипарското претседателство со Советот на ЕУ излезе со компромисен текст за делови од законот од 100 страници – оставајќи му ја дебатата за спорната одредба „Произведено во Европа“ на ирското претседателство, кое почна вчера
Но ирскиот министер за претпријатија, туризам и вработување Питер Бурк е подготвен за предизвикот категорично порачувајќи: „Тоа е многу агресивен план, нема сомнение за тоа, но во Ирска сме многу силни во добивањето компромиси“. Р.С.