Во текот на летните месеци, високите температури и зголеменото потење претставуваат значаен ризик за појава на електролитен дисбаланс. Електролитите се минерали што носат електричен полнеж и имаат клучна улога во одржувањето на хидратацијата, нервната спроводливост, мускулната контракција, киселинско-базната рамнотежа и нормалната срцева функција. Најважни електролити во човечкиот организам се натриумот, калиумот, калциумот, магнезиумот, хлоридите, фосфатите и бикарбонатите.
Причини за електролитен дисбаланс во лето
Најчеста причина за електролитен дисбаланс во лето е прекумерното потење, при што организмот губи значителни количества вода и електролити, особено натриум и калиум. Дополнителни фактори се недоволното внесување течности, интензивната физичка активност, неправилната исхрана, како и состојби придружени со повраќање, дијареја или употреба на диуретици.
Клиничка слика
Симптомите зависат од степенот на нарушување и видот на засегнатиот електролит. Најчесто се јавуваат:
• мускулни грчеви и слабост
• замор и намалена работна способност
• вртоглавица и главоболка
• изразена жед и сува уста
• намалено мокрење
• гадење и повраќање
• палпитации и нарушувања на срцевиот ритам
• конфузија, раздразливост и нарушена концентрација
Во потешки случаи може да настанат губење на свеста, конвулзии и сериозни срцеви аритмии.
Совети за превенција од електролитен дисбаланс во лето
1. Пијте доволно вода во текот на денот, особено при високи температури и физичка активност. Препорачано е во летниот период дневно да се внесуваат два-три литри течности, со дополнително зголемување при физичка активност и изложеност на високи температури.
2. Следете ја бојата на урината – светложолтата боја е показател за соодветна хидратација, додека темната урина може да укажува на дехидратација.
3. Не чекајте да почувствувате жед за да внесете течности, бидејќи жедта е доцен знак на започната дехидратација.
4. Надоместувајте електролити со раствори за рехидратација или напитоци со електролити при прекумерно потење.
5. Консумирајте храна богата со калиум, магнезиум и калциум (банани, цитрусно овошје, јаткасти плодови, млечни производи и зелен лиснат зеленчук).
6. Ограничете ја консумацијата на алкохол и кофеин, бидејќи го зголемуваат губењето течности.
7. Избегнувајте подолг престој на сонце во најтоплиот дел од денот (11–17 часот).
8. Физичката активност се препорачува да се изведува во раните утрински или во вечерни часови, кога температурите се пониски и ризикот од дехидратација е намален.
9. Носете лесна и проветрувачка облека и правете редовни паузи во сенка или во разладени простории.
10. Посветете особено внимание на хидратацијата кај деца, постари лица и кај хронично болни пациенти.
Заклучок
Електролитниот дисбаланс претставува честа појава во летниот период, но во најголем број случаи може успешно да се превенира. Раното препознавање на симптомите, соодветната хидратација и правилната исхрана се клучни за одржување на нормалната функција на организмот и за спречување сериозни компликации поврзани со дехидратација и нарушување на електролитниот статус.
Д-р Никола Иванов, Прима-мед при Ре-Медика


































