Оваа година фестивалот за критичка култура КРИК беше домаќин на најзначајниот, најпровокативен и најактуелен филозоф на 21 век, Мартин Хеглунд. Предавањето насловено „Овој живот – критика и еманципација“ се заснова на неговите тези епистемолошки разработени во неговата веќе култна книга „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, која „Контрапункт“ ја издаде во превод на Жарко Трајаноски уште во 2020 година, во својата едиција за современа критичка теорија „Пунктум“, а со тоа го направи воопшто првиот превод на оригиналното издание од 2019 година.
Ова предавање ја развива врската помеѓу критиката и еманципацијата во неговата книга „Овој живот“. Следејќи го Маркс, Хеглунд тврди дека општествената слобода е нашето највисоко добро и дека религиозните проекции на „битие надвор од нашето смртно постоење би исчезнале под еманципирани услови“. Сепак, за да се покаже зошто Маркс е во право, потребен е аргумент што самиот тој не го „дава“. Соединувајќи ги иманентната критика на религијата и иманентната критика на „капитализмот“, тој покажува како „Овој живот“ обезбедува нова визија за слободата, која ја признава нашата меѓусебна „зависност еден од друг“. Предавањето понуди можност за продлабочено размислување за врската помеѓу љубовта и политиката, помеѓу личната посветеност и колективната одговорност, како и за потенцијалот на демократскиот социјализам да создаде услови во кои секој човек ќе може навистина да располага со својот единствен и незаменлив живот.

– Фестивалот за критичка култура КРИК со гостувањето на Мартин Хеглунд ќе се обиде да отвори и конфронтира различни епистемолошки перспективи, прашања и полемики поврзани со воспоставувањето на овој (гол) живот, кој постои во рамките на загрозените, изопачените, неправедните и угнетувачките општества, кои почиваат врз новите технофеудални наративи што ја проголтуваат и уништуваат идејата за емпатични, грижливи и солидарни заедници. Неговите реисчитувања за нашата конечност, за начинот на градење заедници, за демократскиот социјализам, за одговорноста и за перспективите на капиталистичкото поимање на времето, односно за нашиот однос кон нашето врамено и ограничено време, сопоставено во однос на христијанските начела за времето, се револуционерни и се тема на стотици филозофски, теолошки и политички симпозиуми и дебати. Едно од клучните прашања што ги разработува Хеглунд во своето капитално филозофско дело е како можеме да изградиме општество во кое грижата за другите не е спротивставена на слободата, туку е нејзин предуслов – велат организаторите.
Мартин Хеглунд е шведски филозоф и професор по компаративна книжевност и хуманистички науки на Универзитетот „Јејл“ во Соединетите Американски Држави. Автор е на четири високо ценети книги, преведени на петнаесет јазици. Неговата работа се фокусира на прашањата за слободата, времето, одговорноста и секуларната вера, како и на начините на кои политичките, економските и културните системи ги обликуваат човечката зависност и грижа за другите.