КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИСКИ МЕЧЕВИ ЗА ЕП
- За разлика од мечот одигран лани во Даблин, селекторот Берокал мора да менува половина состав за последните два клучни дуела во групата А
Македонската машка кошаркарска репрезентација ќе влезе во двата завршни меча во претквалификациите за Европското првенство (ЕП) 2029 со значително изменет состав во однос на првиот дуел со Ирска во Даблин. Македонскиот селектор, Жозеп Марија Берокал, е принуден да направи сериозни корекции во играчкиот тим за последните два меча во јулскиот последен циклус против Ирска и Луксембург. За разлика од мечот во Даблин, каде што Македонија убедливо победи (88-76), сега во составот се очекуваат дури шест промени, односно остануваат само половина од играчите што беа дел од тој триумф.
Во моментов селекторот Берокал може да смета на капитенот Војдан Стојановски, Андреј Јакимовски, Стојан Ѓуроски, Валмир Какруки, Виктор Ташовски и на Лука Стојановски. Од составот што ја донесе тамошната победа, овој пат ги нема Андреј Магдевски, Андреј Митревски, Адем Мекиќ, Теодор Симиќ, Џејкоб Вајли и Лејсон Зеќири. Меѓу кандидатите за место во финалниот состав се и Виктор Ефремовски, Тома Стојаноски, Петар Бошалески, Марко Луканоски, Павел Иванов и натурализираните кошаркари Дивејн Стјуарт Јуниор и Нејт Сестина. Дел од нив веќе добија минутажа во подготвителниот период, а настапија и на последната контролна средба против Бугарија, во која Македонија славеше со 91-87. Сепак и во овој претквалификациски циклус, повторно искрснува проблемот со комплетирањето на репрезентацијата, информираат од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Изминатиот викенд Ирска гостуваше во Лос Анџелес (САД), каде што одигра контролен меч против Ерменија и убедливо загуби со 59-74. Најефикасен кај Ирците беше Шон Флод, кој уфрли 18 коша. Од оние, пак, што играа против Македонија на првиот меч во Даблин, Алаџики постигна девет поени.
Македонија утре во Скопје во спортската сала „Лазар Лечиќ“ ќе игра со Ирска (18 ч.), додека три дена подоцна со Луксембург на гостински терен. Победа над Ирска, за црвено-жолтите би значела заверка на првата позиција во групата А и пласман во главните квалификации за ЕП 2029, без разлика на исходот од мечот со Луксембург. На табелата во групата А води Македонија со осум бода, Луксембург има шест, додека Азербејџан и Ирска по пет. Г.И.


































