Фото: Маја Јаневска-Илиева

Проширувањето не е главен приоритет на идниот буџет, бидејќи Унијата има други огромни финансиски обврски – одбраната, конкурентноста, миграцијата, отплатата на долговите и реконструкцијата на Украина. Секако, формално вратите остануваат отворени, но финансиското и политичкото планирање покажува дека Брисел не очекува ново проширување во следниот седумгодишен циклус.

БУЏЕТОТ НА ЕУ ЈА КАЖУВА ВИСТИНАТА ШТО БРИСЕЛ ВЕШТО ЈА КРИЕ

  • Следната европска финансиска рамка испраќа јасна порака – Западен Балкан останува во чекалницата

Додека европските функционери речиси секој месец повторуваат дека „иднината на Западен Балкан е во Европската Унија“, бројките што се подготвуваат за следниот европски буџет зборуваат многу потивко, но многу поискрено.

Политичките декларации се едно, буџетите секогаш се нешто друго

Студијата изработена за Комитетот за буџет на Европскиот парламент претставува можеби најреалната слика за иднината на европското проширување. Не затоа што носи политичка одлука, туку затоа што покажува како европските институции ја гледаат следната деценија. Имено, Европската Унија практично не го планира следниот буџет како период во кој ќе се случи големо проширување.

Авторите анализираат три можни сценарија:

1. Постепена интеграција без нови членки до 2034 година;
2. Прием само на земјите од Западен Балкан;
3. Поширок бран на проширување.

Но од целата анализа произлегува дека најреалното сценарио е токму првото – кандидатите да останат кандидати, а Унијата да продолжи да ги финансира преку претпристапни инструменти наместо како полноправни членки.
И тоа не е политичка порака. Тоа едноставно произлегува како заклучок од финансиското планирање. А токму буџетите најдобро откриваат што навистина очекуваат институциите!

Сите сегашни кандидати нема да станат членки до 2034 година

Во документот експлицитно се наведува дека најверојатно повеќето, ако не и сите сегашни кандидати, нема да станат членки до 2034 година. Наместо тоа, ЕУ препорачува да се зачува кредибилитетот на процесот преку продолжување на претпристапната помош и постепена интеграција во одделни политики. Со други зборови, не се планира Европа со нови членки. Се планира Европа со повеќе кандидати за членство.
За Македонија ова е особено значајна порака. Две децении по добивањето кандидатски статус, државата повторно се наоѓа во ситуација во која европските институции финансиски се подготвуваат за продолжување на статус квото, а не за негово завршување со членство. Тоа не значи дека проширувањето е откажано. Но значи дека не се очекува да се случи во рамките на следниот повеќегодишен буџет!

Со ваква финансиска конструкција (буџет), проширувањето повеќе не е централна политика на ЕУ

Европската Унија денес има сосема поинакви приоритети од оние што ги имаше пред големите проширувања во 2004 и 2007 година. На прво место е безбедноста, потоа следуваат конкурентноста на европската економија, енергетската транзиција, миграцијата, отплатата на заедничкиот долг создаден за време на пандемијата и долгорочната финансиска поддршка за Украина. Со таква финансиска конструкција проширувањето повеќе не е централна политика на Унијата. Тоа станува една од повеќето политики. Уште поважно е што проблемот одамна не е само во парите.
За разлика од претходните бранови на проширување, денес во самата Унија нема силен политички консензус дека новите членки треба брзо да бидат примени. Имено, некои од државите инсистираат прво на длабоки институционални реформи. Други бараат измени во начинот на гласање. Трети се загрижени за буџетските последици. Четврти едноставно немаат политички ентузијазам за ново проширување. Во таква атмосфера, дури и ако некоја кандидатка ги исполни формалните критериуми, не постои гаранција дека ќе добие политичко „зелено светло“!

За Македонија, ова е репетиција на старата песна од Брисел

Од грчкото вето, преку француската блокада, па до бугарските условувања, европската перспектива за Македонија постепено се претвори во процес без јасен краен рок. Затоа следниот европски буџет треба да се чита внимателно. Не само како финансиски документ туку и како политичка проекција.
А проекцијата е доста јасна. Европската Унија се подготвува да живее со кандидатите уште долго време. Не со нови членки. Но, за оптимистите, ЕУ не ги затвора вратите. За евроскептиците, Брисел со буџетот покажа дека тој не се подготвува со цел вратите на Унијата наскоро да се отворат.
За Македонија тоа значи дека европската интеграција најверојатно ќе продолжи како долготраен процес на усогласување, реформи и ограничена финансиска поддршка, без сигурна гаранција за полноправно членство.
Тоа можеби е најважната порака што може да се прочита низ редовите и меѓу редовите на европските буџетски документи. Не затоа што некој официјално кажал дека проширување нема да има. Туку затоа што Европската Унија го планира својот следен седумгодишен буџет така што останува најверојатното сценарио за Европа без нови членки од Западен Балкан. П.Р.