- Во политиката постојат моменти кога едно прашање ги надминува партиските поделби и станува прашање на државен опстанок.
Таков момент деновиве се случува во Албанија. Илјадници граѓани излегоа на улиците протестирајќи против изградбата на луксузни
туристички комплекси на државно заштитени земјишни и водни подрачја. Помалку е битно што инвестициите се поврзани со
американскиот инвеститор Џеред Кушнер, сопруг на ќерката на американскиот претседател. Граѓаните во Албанија не го препознаа ова
како „само уште една инвестиција“ туку како загрозување на територијалниот суверенитет во срцето на државата. Зошто? - Протестите во Албанија се претворија во симбол на отпорот против непромислената експлоатација на заштитени крајбрежни подрачја, против нетранспарентноста и против чувството дека природното богатство не смее да биде предмет на политичко пазарење! Сега, прашањето е каде завршува јавниот интерес, а каде започнуваат отуѓувањето на државниот простор и постепеното губење на сопствената територија и… ја тангира ли нашата држава Македонија овој настан од Република Албанија?
Пораката што се слушаше гласно деновиве од соседството, од Република Албанија, на тамошните одржани масовни протести беше едноставна и јасна: „Албанија не е на продажба“!
Имено, во фокусот на гореспоменатиот настан се најдоа албанскиот остров Сазан и полуостровот Звернец, подрачја со исклучителна природна вредност. Најпрвин, еколошките организации предупредија дека масовната урбанизација може неповратно да ги наруши живеалиштата на фламингата, морските желки и другите ретки видови… Потоа, протестите, првично еколошки, прераснаа во пошироко движење, кое отвори прашања за владеењето на правото, транспарентноста и односот кон државното земјиште, државата и територијалниот суверенитет на таа држава. И токму последново е суштината. Кога граѓаните чувствуваат дека јавниот простор е загрозен, тие жестоко реагираа.
Спротивност во блиското соседство
Во Македонија, јавноста со години сведочи на сосема поинаква слика по должината на западниот дел на Охридско Езеро, односно во струшкото крајбрежје. Фактичката состојба е исклучително лоша. Имено, од Струга кон Калишта, според голем број јавни реакции на граѓани, активисти и медиумски извештаи, се отвораат прашања за ширење на приватните туристички содржини, уредување приватни плажи, поставување огради и физичко обезбедување, изградба на угостителски објекти, кампови и други комерцијални содржини во чувствителниот крајбрежен појас, кој е строго заштитен со закон. Згора на сето тоа, во истиот крајбрежен појас долго време се предупредува за уништување на трската – природниот филтер на езерото, со фрлање градежен шут, интервенции со тешка механизација и нарушување на живеалиштата на голем број ендемски растителни и животински видови. Последниот инцидент со загрозување на изворите на пивка вода во близината на Охридско Езеро е во истиот контекст. За потсетување, крај селото Шум, близу Струга, со градежни активности, па дури и со употреба на динамит, се направи тешка узурпација на законски заштитено земјиште во пакет со еколошка катастрофа и несогледливи последици…
Охридско не е обично езеро, а македонската земја не е сечија и ничија
Наши соговорници од Струга имаа што да кажат за овој феномен…
– Охридско Езеро не е локална туристичка дестинација. Тоа е светско природно и културно наследство. Неговата вредност не се мери со квадратни метри за градење, туку со векови природна еволуција. Водната трска не е пречка за туризмот. Таа е природен филтер што го прочистува езерото, ги штити бреговите и обезбедува живеалиште за десетици животински видови. Нејзиното уништување значи нарушување на вкупниот екосистем. А најголемиот проблем не е само евентуалната бесправна интервенција. Проблем е впечатокот дека институционалната реакција често доцни или изостанува. Кога институциите не реагираат навреме, кај граѓаните се создава чувство дека јавниот простор може постепено да се претвори во приватен интерес. Тогаш не исчезнува само земјиштето туку исчезнува довербата – велат наши соговорници од Струга, долгогодишни активисти за заштита на охридскиот акваториум, односно струшко-охридскиот езерски и речен басен и крајбрежјето.
Еден од соговорниците издвои уште еден аспект на долгодеценискиот проблем со беззаконието што го генерираше самата локална самоуправа во Струга и Струшко, токму по територијалната поделба на општините од 2004 година.
– Суверенитетот не се брани само на граница. Тој се брани и во длабочината на територијата на нашата суверена и независна татковина. А нашата општина Струга е токму на браникот. Територијалниот суверенитет се брани и од самите жители и граѓани, таму каде што државата, и централната и локалната власт, управува со сопственото земјиште. Се брани и кога би имале силни институции што нема да не дозволуваат јавниот интерес да биде потиснат од приватниот, или од оној што сака бесправно да узурпира. Суверенитетот се брани кога законот важи еднакво за сите. И кога никој не смее да биде посилен од државата. Можеби сега не е моментот, но во оваа пригода би сакал да ја истакнам исклучителната грижа на парохискиот свештеник при храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Струга. Неговиот ангажман не застанува само кај црковниот и државниот имот, туку се протега и многу пошироко – преку грижата за граѓаните од сите етникуми и конфесии во Струга и Струшко. Поддржуван во рамките на Дебарско-кичевската епархија и силно поттикнат од новиот владика, тој вложува извонредни напори кои носат видливи резултати за нашиот македонски бисер, за езерото, крајбрежјето и самите граѓани, со цел сето тоа да го подигне на светско ниво според сите стандарди за квалитетно живеење – со емотивен набој дискутираше еден наш сограѓанин, бизнисмен и поранешен советник во Општина Струга.

Поука од Албанија
Без разлика на различните политички ставови околу конкретните проекти, протестите во Р Албанија испратија една важна демократска порака. Граѓаните покажаа дека државното земјиште, природното наследство и јавниот интерес не се теми што се препуштаат без отпор. Тоа е порака што заслужува внимание и во Македонија затоа што „здраво нѐ тангира“, при што нашите соговорници направија една интересна паралела…
– Прашањето денес не е дали туризмот треба да се развива. Треба. Прашањето е дали развојот ќе биде законски, одржлив и во интерес на сите, или ќе се претвори во постепено губење на јавниот простор. Ако државното земјиште, крајбрежјето, природните резервати и извориштата на вода не се штитат доследно, тогаш штетата нема да биде само еколошка. Ќе биде штета за државата и за нацијата. И штетата ќе биде институционална, ама и цивилизациска. Албанија покажа дека граѓанскиот отпор може да стане чувар на јавниот интерес. Македонија има сопствен избор. Дали ќе дозволи природното наследство да стане предмет на постепена узурпација или ќе покаже дека државниот суверенитет започнува токму таму каде што државата го штити она што им припаѓа на сите нејзини граѓани. Зашто државата не ја сочинуваат само институциите. Државата ја сочинува и свеста на граѓаните дека заедничкото богатство не се наследува од претходните генерации, туку се позајмува од идните – поентираат нашите соговорници, заокружувајќи ја тезата на многу сликовит и впечатлив начин.
Од редакциски агол: Една тема – две опсервации
1. Албанја не е на продажба, а Македонија е?!
- Струшкиот пример го отвора прашањето за тоа како ние реално управуваме со нашата територија? Или управува оној или оние што имаат доволно пари, механизација или влијание? Кога јавниот простор постепено се претвора во приватен, тогаш не исчезнуваат само плажите. Исчезнува државата. Кога трската се сече безмилосно, не се уништува само едно растение. Кога крајбрежјето се претвора во бетон, не се губи само пејзажот. Се губи дел од идентитетот и територијалниот суверенитет на Македонија. А Охридско Езеро не е ничиј приватен двор. Тоа не е парцела што може да се присвои затоа што некој решил дека јавниот интерес е пречка за неговиот бизнис. Тоа е и светско природно наследство
Постојат моменти кога една парола станува многу повеќе од обичен протестен слоган. Таа станува огледало во кое соседите се гледаат себеси. Деновиве Албанија му испрати порака на Балканот: „Албанија не е на продажба!“ Не затоа што не сака инвестиции. Не затоа што е против туризмот. Туку затоа што значителен дел од нејзините граѓани сметаат дека државната земја, природното наследство и јавниот интерес не смеат да бидат предмет на политички договори зад затворени врати или на проекти што отвораат сериозни еколошки и правни дилеми.
И додека илјадници Албанци протестираат за да го заштитат она што го сметаат за свое национално богатство, во Македонија, во Струшко, а можеби и пошироко, како да се случува сосема спротивен процес. Тука сè почесто впечатокот е дека јавниот простор останува без вистински чувар. Ова особено важи за крајбрежјето на струшкиот дел на Охридско Езеро. Од селото Подмоље до Струга, самиот град Струга, а потоа и од Струга до Калишта, со години, со десетлетија, јавноста предупредува за противправни интервенции во крајбрежниот појас, за насилна урбанизација, за комерцијализација на простори што уживаат посебна заштита, за уништување на трската, за насипување, за градежни активности во чувствителни подрачја и извори на пивка вода, и згора на сето тоа за слаб локален институционален одговор. Истовремено, во јавноста се отвораат и прашања за активности во близината на извориштата кај селото Шум, простор што има особено значење за локалното водоснабдување и животната средина. Прашањето е едноставно. Дали ние реално управуваме и како управуваме со нашата (државна) територија? Или управува оној или оние што имаат доволно пари, механизација или влијание? Кога јавниот простор постепено се претвора во приватен, тогаш не исчезнуваат само плажите. Исчезнува државата. Кога трската се сече безмилосно, не се уништува само едно растение. Кога крајбрежјето се претвора во бетон, не се губи само пејзажот. Се губи дел од идентитетот на Македонија. Охридско Езеро не е ничиј приватен двор. Тоа не е парцела што може да се присвои затоа што некој решил дека јавниот интерес е пречка за неговиот бизнис.
Тоа е и светско природно наследство. Наследство што не ѝ припаѓа само на оваа генерација туку и на оние што ќе дојдат по нас. Затоа е поразително кога граѓанската енергија што ја гледаме во Албанија толку ретко ја гледаме дома. И тоа кај граѓаните на државава што се директно одговорни. Таму граѓаните излегуваат на улица кога сметаат дека државната земја и територија е загрозена. Кај нас, премногу често, најгласни се оние што бараат уште неколку квадрати повеќе, уште една тераса кон езерото, уште едно парче јавен простор претворено во приватен профит. Таму паролата гласи: „Албанија не е на продажба“. Кај нас, понекогаш се создава впечаток дека сè има цена. Дури и татковината!? Државното земјиште?! Дури и брегот на најстарото европско езеро?! Дури и природата што со децении ја предупредува државата дека има свои граници. Не оди тоа така…
Не е суштината во тоа дали инвеститорот е домашен или странски. Не е суштината ни во тоа дали објектот е хотел, ресторан или камп. Суштината е дали Уставот и законите важат еднакво за сите. Дали институциите се подготвени да го заштитат јавниот и државниот интерес кога тој ќе се судри со нешто што е противправно. Дали локалната и централната власт ќе покажат дека природното и националното богатство и наследство не се стока за на пазар.
Почитувани! Суверенитетот не се брани само со знаме и химна. Се брани со секоја педа македонска грутка земја што треба да остане таква. Со секоја трска што ќе биде зачувана. Со секој извор вода што ќе остане чист. Со секоја институција што ќе покаже дека уставната унитарност е посилна од интересот за сецесионизам и живеење во паралелен свет, едни до други, а не едни со други и здушно. Албанија испрати порака дека државата вреди да се брани, а сите ние во Македонија треба да си го поставиме најнепријатното прашање. Ако не ја браниме сопствената земја, родина, природата и јавниот простор, што точно браниме? Затоа што кога граѓаните и државата не го штитат сопствениот простор, таа земја полека престанува да биде заеднички дом и се претвора во територија што лесно ќе биде освоена. А тоа не е развој. Тоа е пораз. Р.Н.М.
2. Територијалниот суверенитет не се брани само на граница
Најголемата заблуда на современата политика е дека суверенитетот започнува и завршува на граничната линија. Не! Суверенитетот започнува таму каде што државата ќе покаже дека е посилна од самоволието, од бесправноста и од приватниот и противправен интерес. Државата не се губи само кога ќе изгуби дел од својата граница. Државата се губи и тогаш кога ќе престане да управува со сопственото земјиште. Кога јавниот и државен простор ќе се претвори во нечиј приватен посед или присилно освоена зона. Кога крајбрежјето ќе се претвори во оградени плажи. Кога природните добра ќе станат предмет на тивка приватизација. Кога законот ќе остане само на хартија. Токму затоа денес Македонија не смее да го избегнува најнепријатното прашање. Кој ја чува (и ја брани) државната земја? Во изминатите две децении јавноста постојано предупредува на бесправни интервенции, урбанистички притисоци и комерцијализација на чувствителни простори во Струга, Струшкиот Регион и на други локации во западниот дел на државата. Особено внимание привлекуваат состојбите по должината на крајбрежјето на Охридско Езеро – подрачје што не е само национално богатство туку и светско природно наследство. Кога граѓаните, екологистите и експертите со години укажуваат на исти проблеми, а впечатокот е дека институционалниот одговор е недоволен или задоцнет, тогаш прашањето одамна престанува да биде само еколошко. Тоа станува прашање на владеење на правото и на територијалниот интегритет. Не може да се има силна држава ако државното земјиште се доживува како ничие. Не може да има правна држава ако јавниот или националниот интерес постојано отстапува пред лукративниот интерес. Не може да има суверенитет ако институциите не покажат дека законот важи еднакво за секого. Охридско Езеро не е обична туристичка разгледница. Крајбрежниот појас не е резервна градежна парцела. Трската не е отпад што треба да се отстрани. Изворите на вода не се простор за експерименти. Сето тоа е дел од природниот капитал на државата. И токму затоа неговата заштита е прашање на национален интерес. Државата не треба да биде најголемиот набљудувач на сопственото повлекување. Нејзината задача е да биде најсилниот заштитник на својот простор и територија!
Ова не е повик против развојот. Напротив. Ова е повик развојот да биде законски, транспарентен и одржлив. Никој нема право да гради иднина така што ќе ја уништува природата што им припаѓа на сите. Никој нема право да го присвојува она што му припаѓа на целиот народ. Бидејќи државното земјиште не е политички плен. Тоа не е подарок. Не е привилегија. Не е валута за поткусурување. Тоа е темелот врз кој стои државата. А држава што не ги штити сопствениот простор, природните богатства и јавниот интерес, постепено го губи и сопствениот субјективитет. Затоа територијалниот суверенитет не се брани само на граница. Тој се брани на секој метар државно земјиште. На секој брег што ќе остане јавен. На секој извор што ќе остане чист. И во секоја институција што ќе покаже дека законот е посилен од секој поединечен интерес. Во спротивно, државата нема да ја изгуби својата територија одеднаш. Ќе ја губи тивко. Метар по метар. Плажа по плажа. Брег по брег. Сè додека еден ден не сфатиме дека најголемата закана за суверенитетот не дошла однадвор, туку од нашата сопствена рамнодушност! Р.Н.М.


































