Од ракометното минато (28)
- Долгоочекуваниот реванш меѓу скопските прволигаши им донесе победа на „железничарите“. Во сезоната 1959/60, Борац беше шампион, Работнички петти, а Графичар испадна
Највозбудливата сезона во која за прв и последен пат Македонија имаше два претставника во најквалитетната југословенска лига беше исполнета со многу случувања и пресврти. Кај ракометните вљубеници чувствата беа поделени, едни беа за поискусниот од двата скопски прволигаша – Работнички, а другите за дебитантот Графичар. Двете екипи меѓу себе се почитува, но и беа лути противници на теренот. Впрочем, тоа беше и очекувано, зашто почитта беше едно, а месното ривалство сосема друго. Кога се работеше за престиж и докажување, почитта се забораваше и секој тежнееше да дојде до она посакуваното, а тоа беа бодовите. Тогаш дуелите се претвораа во вистинска војна за престиж и докажување. Со оглед на тоа што „графичарите“ само едно лето беа во елитната лига, за жал, скопските љубители на ракометот имаа можност да следат само две „војни“ меѓу двете екипи. Првата во есенскиот дел ја доби Графичар, по она чудно второ полувреме кога Работнички постигна само еден гол, а втората требаше да се одигра во пролетниот дел во последното коло од Првата ракометна лига на игралиштето на Работнички,
Со оглед на тоа што овие мои текстови се посветени на ракометното минато, добро е да се потсетиме и на актерите од тие минати времиња. Некои од имињата што ќе ги споменеме сигурно ќе разбудат емоции кај постарите љубители на ракометот и ќе ги вратат назад во сеќавањата, на она што било и поминало. Но животот е таков, брзо минува и не може да се сопре. Затоа, пак, остануваат спомените, зашто не може сѐ да се избрише. Тие се длабоко врежани некаде во нашата меморија. Па, еве, преку составите да се потсетиме на ракометните асови од тоа време. Работнички: Ѓукиќ, Кратовалиев, Петровски, Славко Матовски, Маерле, Томановиќ, Брезовски, Загорац, Геровски, Никола Матовски, Фишиќ и Томовски. Графичар: Павичиќ, Богдановски, Микиќ, Пандилов, Василјевиќ, Куновски, Марјановиќ, Шахов, Милиновиќ, Пејов и Мицковиќ.
БОРБЕН И ОСТАР НАТПРЕВАР
Битката меѓу градските ривали, иако на крајот беше изразена со 10 голa разлика во корист на Работнички (23-13), не беше толку лесна. Напротив како што забележува и во својата книга посветена на развојниот пат на македонскиот ракомет легендарниот Славко Матовски.
– Таа беше остра и бескомпромисна со многу прекршоци од кои најголемиот дел несигурниот судија Тишма од Белград ги толерираше. Дури и од насловот за извештајот од средбата објавен во весникот „Нова Македонија – „Реванш без напор“, не се добиваше слика за острината на играта, па на прв поглед се добива впечаток дека натпреварот формално се одиграл. Но не беше така, на почетокот имаше многу тактизирање, додека ние не го најдовме вистинскиот пат кон победата. Потоа, сѐ беше полесно – пишува Славко Матовски во извештајот по натпреварот доставен до членовите на Управниот одбор на клубот.
Во тоа време така се работеше, првиот стручњак задолжително, покрај анализата што ја имаше со играчите, имаше и стручна презентација пред оние најодговорните во клубот. Ова не беше случајно, зашто тие луѓе претежно беа поранешни ракометари, па така, ќе можеше да се слушне и некој совет што ќе му беше од корист на тренерот.
Во тој меч двата тима влегоа максимално подготвени и инспирирани. Ова беше последен настап од кој не зависеше судбината на Графичар, кој веќе беше испаднат од Првата лига. Но тоа не значеше оти „графичарите“ лесно ќе се предадат. Напротив, сакаа достоинствено да се разделат од своите навивачи, кои ги поддржуваа во текот на целото првенство. Токму од таа причина, играчите, и покрај тоа што бодовите ништо не им значеа, влегоа во игра мотивирани и со голема желба за победа како што го сторија тоа во есенскиот дел од шампионатот. Но овој пат Работнички не беше оној истиот од есента. Со добро научената лекција од првата средба, тренерот Матовски перфектно го водеше својот тим. И не само тоа, тој беше еден од најистакнатите поединци во овој дуел, во кој постигна и четири гола. Таков беше Славко, никогаш не се предаваше. Работнички со оваа победа го заврши шампионатот на петтата позиција, која речиси во текот на целото првенство ја бркаше. На крајот дојде до тоа место, што беше голем успех и даваше надеж за уште подобро утре.
МАЈСТОРИИТЕ НА МАЕРЛЕ
Секоја средба донесува нешто по што ќе се памети. На овој натпревар, на пример, гледачите имаа можност да уживаат во убави потези, брзи акции, но и мајсториите на Виктор Маерле, кој беше специјалист за таканаречениот ерет-удар. Тоа всушност беше една финта со која ги изненадуваше своите чувари. Ќе се обидам да опишам како изгледаше тоа: Маерле тргнуваше кон деветте метри, влегуваше во просторот меѓу шест и девет метри и тука ја правеше онаа мајсторија, која противниците тешко можеа да ја прочитаат. Сите мислеа оти тој ќе оди праволиниски на скок-удар, но пред да се вивне во воздухот тој веќе беше поставен за она следното што требаше да го направи, брзо се извиваше на левата страна и со раката доаѓаше над левото рамо. Од таа позиција биеше, а противничките играчи веќе ги имаа подигнато рацете да блокираат, но блокот остануваше во празно оти Маерле така извиткан на левата страна веќе биеше кон голот. Тоа ги воодушевуваше гледачите, кои не само во Скопје туку низ поранешната држава беа изненадени од начинот на кој го изведува овој удар. Во тоа време, тоа беше сензација, за разлика од денеска кога стана нешто вообичаено.
Инаку, Работнички на дуелот со Графичар беше наполно доминантен. Впрочем тоа го потврдува и резултатот (23-13).
– Овој пат бевме надиграни и победата на Работнички е чиста како солза. Нашиот градски ривал тактички одигра одлично. Нам не ни остануваше ништо друго, освен со борбена игра да не дозволиме катастрофален пораз. Работите не секогаш може да се репризираат, па така, за разлика од првата пресметка, кога во второто полувреме примивме само еден гол!, овој пат јас и колегата Павичиќ дури 13 пати ја вадевме топката од сопствената мрежа. Но морам да кажам дека колку и да сакавме да бидеме што помотивирани, тоа практично не беше можно, зашто психолошкиот момент одигра решавачка улога. Ние не можевме да се ослободиме од мислата дека веќе сме испаднати од лигата и залудно ќе беше сѐ што ќе преземевме. И да победевме, таа победа немаше ништо да ни значи, само за месниот ривал ќе го донесевме во прашање освојувањето на петтото место. Сепак, тоа не се случи, а Работнички, кој беше желен да ни се реваншира, успеа во тоа и така заврши нашата прволигашка одисеја – се сеќава на тој меч голманот на Графичар, Миодраг Мицковиќ.
И по сите возбудувања во таа 1959/60 година, може да се констатира оти крајниот расплет и изглед на табелата покажуваат дека Работнички, ако на неколку натпревари драстично не беше оштетен од судиите, можеше да биде и трет зашто зад второпласираната Црвена звезда заостануваше само еден бод! Шампион стана Борац со 34 бода, втор беше Партизан со 26, трета Црвена звезда со 18, а Дубочица и Работнички имаа по 17 бода. Младост со 14 и Графичар со девет бода ја напуштија лигата.
МАКЕДОНИЈА СО ДВАЈЦА РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ
Натпреварувачкиот дел заврши, но тоа не значи оти ракометните терени мируваа. Напротив, паузата меѓу двете првенства сите екипи ја користеа да се засилат и да одиграат што повеќе натпревари за да дојдат до посакуваната форма. Така и Работнички веднаш по испаѓањето на Графичар од елитното друштво се засили со еден од најдобрите негови играчи, корпулентниот бек и одличен шутер од далечина Александар Милиновиќ. Токму тој и Теофил Томановиќ беа повикани од сојузниот селектор Иван Снопј да ги бранат боите на југословенската репрезентација на неколку натпревари. Така, тие настапија на традиционалниот „Трофеј на Ташмајдан“ во Белград, потоа на средбите Југославија – Унгарија во Бања Лука и Југославија – Полска, меч што се одигра во СЦ „Кале“ во Скопје. Пред повеќе од 2.000 гледачи, овој меч заврши без победник (15-15), Милиновиќ одигра одлично на бековската, а Томановиќ беше стрелец на еден гол од неговата стандардна крилна позиција.
Во последните неколку продолженија од овој ракометен серијал ќе имате можност да прочитате за настапот на Работнички во финалето на Купот на Југославија, како и за сезоните во кои се наѕираше и крајот на успесите на клубот од Дебар Маало. За сето тоа да биде така и РК Работнички да се најде во незавидна позиција, секако придонесоа и двете природни катастрофи – поплавата во 1962 и земјотресот во 1963 година. Тоа беа тешки години во кои за да се залечат раните, свој голем придонес дадоа и жителите на сите поранешни југословенски републики и покраини. Тогаш до полн израз дојде и светската солидарност, бидејќи помошта за настраданиот град и неговите жители стигнуваше од сите страни на светот.

































