Фото: „Нова Македонија“

Цените на храната во фокусот на јавноста: Со растот на цените на нафтата растат и цените во малопродажба, ќе го видиме ли сега спротивниот ефект со поевтинувањето на нафтата?

  • Фокусот на Владата е насочен кон основните прехранбени производи, со цел обезбедување стабилни и достапни цени за граѓаните, кои се од суштинско значење за секојдневниот живот на граѓаните
  • Економистите укажуваат оти имало случаи на намалување на просечните цени на финалните стоки, кога ќе поевтини цената на суровините и на другите фактори што ја прават производната цена

Средбите меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претставници на маркетите деновиве се во фокусот на јавноста по барањето на Владата да се намалат цените на производите во малопродажба. Токму тие цени честопати се тема на дискусија, особено поради нивниот постојан раст последниве месеци, што делумно се должи на растот на цените на светските берзи, но и на големите маржи на трговците.
Она што граѓаните го забележуваат при секое зголемување на цените на горивата е и растот на цените на производите во малопродажба, но како што многумина укажуваат, истата реакција недостига кога цените на нафтата се намалуваат. Деновиве сме сведоци на голем пад на цените на нафтата по мировните преговори меѓу САД и Иран, што треба да биде и сигнал за намалување на цените и на производите во малопродажба.
Од Владата на Република Македонија за „Нова Македонија“ посочуваат дека „очекуваат сите чинители во синџирот на снабдување, како што се маркетите, производителите, дистрибутерите и доставувачите, да покажат високо ниво на општествена одговорност и да дадат свој придонес во остварувањето на заедничката цел – стабилизација и корекција на цените на основните прехранбени производи, како и намалување на инфлаторните притисоци врз граѓаните“.
Наедно додаваат дека во таа насока се укажува дека граѓаните досега покажаа високо ниво на толеранција.

– На состанокот со претставниците на најголемите синџири на маркети се постигна согласност да се работи кон целта во јули годишната стапка на раст на цените на основните прехранбени производи да биде под три проценти. Владата очекува оваа заложба да биде поддржана и од другите учесници во синџирот на снабдување, по што ќе следуваат дополнителни координации и заеднички активности – се посочува во нивните одговори.
Истовремено додаваат дека Владата ги анализира сите расположливи мерки и можности за унапредување на одредени законски решенија, во насока на поуспешна реализација на поставените цели.
– Во таа насока надлежните институции ќе спроведат компаративни анализи на цените на основните прехранбени производи во државата и во регионот, при што резултатите ќе ја покажат потребната висината на цената на производите. Маркетите, дистрибутерите и производителите останува да покажат транспарентност во своето работење. Доколку не се забележат соодветни промени, јавноста ќе биде навремено информирана за наодите, во согласност со надлежностите на институциите и ќе презентирани во јавноста со називи. Како влада ќе реагираме на подолг рок – нагласуваат од владината прес-служба.
Од Владата укажуваат и дека Државниот пазарен инспекторат добил задача да спроведе компаративна анализа на цените на идентични производи во синџирот на снабдување, од доставувачите до крајните продажни места маркетите, како и споредба со малопродажните цени на идентични производи кон потрошувачите – граѓаните.

– Анализата ќе ги опфати податоците за мај 2025 година и мај 2026 година, со цел утврдување на причините за зголемувањето на цените и обезбедување поголема транспарентност во формирањето на цените, во интерес на заштита на животниот стандард на граѓаните. Фокусот на Владата е насочен кон основните прехранбени производи, со цел обезбедување стабилни и достапни цени за граѓаните, кои се од суштинско значење за секојдневниот живот на граѓаните. Крајната цел на Владата останува обезбедување квалитетни, стабилни и достапни основни прехранбени производи, преку системски решенија, партнерски однос со стопанството и засилен институционален надзор – се нагласува во нивниот одговор.

Феномен на нееластичност за цените на прехранбените стоки кога треба да се движат надолу

Економистите укажуваат дека е вообичаено при пораст на цените на нафтата да се зголемат и цените на производите во малопродажбата. Здравко Савески за „Нова Македонија“ посочува дека карактеристично за цените на производите е оти се нееластични надолу.
– Она што обично важи за цените на стоките е дека тие се нееластични надолу. Тоа значи дека штом еднаш се зголемат, тие потоа тешко се снижуваат на претходното ниво. Се разбира, ова не е апсолутно правило и ние сме сведоци дека имало случаи на намалување на просечните цени на финалните стоки, кога ќе поевтини цената на суровините и другите фактори што ја прават производната цена – укажува Савески.
Тој посочува дека во периоди кога се зголемува цената на нафтата на берзите, тоа е можност за секој капиталист да започне лов во матно, односно покрај реалното зголемување на производната цена да си придодаде зголемување кај финалната цена што ќе го зголеми неговиот профит.
– Како контрола на ова типично однесување на капиталистите има оружје и државата (утврдување максимална цена на одредени стоки на одреден период или подолгорочно), но и самите граѓани. Веројатно треба да потсетиме дека минатата година, во склоп на поширокиот бојкот на маркетите на југословенските простори, беше организиран и бојкот во Македонија. Тоа секогаш е оружје во рацете на граѓаните, кое може да биде мошне ефективно – потенцира Савески.
Со оглед на најновите информации за постојано намалување на цените на нафтените деривати на светските берзи, граѓаните очекуваат иста реакција и на цените во маркетите. Го запрашавме Савески колкав е просторот да се намалат цените, имајќи ги предвид случувањата во светот, но и состојбите во нашата земја.
– Обично многумина сакаат да заборават дека живееме во глобализиран свет, кога ефектите од таквата хиперглобализација не им се допаѓаат. Кај нас војната против Иран и Либан се третира како нешто што не нѐ засега. А нѐ засега, не само на човечко ниво туку и на економско. Порастот на цените на нафтата беше релативно успешно менаџиран, како од центрите на моќ на глобално ниво, така и во Македонија. Но има уште еден проблем, а тоа е недоволната примена на вештачки ѓубрива врз посевите, што ќе се одрази врз приносите од годинашната реколта. Недоволно беше заменето вештачкото со природно, имаме сериозен континуиран пад на бројот на земјоделци, а сето тоа оди во насока дека производната, а потоа и финалната цена на многу прехранбени стоки ќе расте, за што се разбира дека треба да се обрне внимание – напоменува Савески. Е.Р.