Путин е Питагора за триаголникот на Вучиќ, Орбан и Мицкоски

И јас глуп како ќускија. Кој ѓавол ме тераше среде натпревар помеѓу Еквадор и Германија да свртам на телевизија Алфа? Чисто да ѕирнам што се случува кај Богдан во емисија. Да бе, само да ѕирнам. И ѕирнав. О, Боже! Фрчковски и Љубчо Георгиевски заедно во емисија. Не, не кај Богдан. Дел се од стендапот на „Вечерното шоу“. Ама во заедничка емисија. Што, по ѓаволите, се случува?
Гуглај, Русјаков, гуглај!
Не гуглај, не биди глуп!
Е па, глуп сум. Гуглав. Не! НЕ! Фрчко има ток-шоу. What the fuck? Што е следно? Заев има бенд и свири кеј поп (K-pop)? Пее преработки од Харис Џиновиќ на корејски? Чекај, застани, не се возбудувај, слушни што зборуваат Фрчко и Љубчо! Не, никако, немој случајно да си… Па дали сум бре јас нормален? Зошто седам и слушам што дрдорат двајцава? Имам ли јас три грама памет? Немам. И ете, слушам. А-ха, србизација. Страшна србизација надвиснала над Македонија. Мицкоски ја надвиснал. Така оди обично тоа со вмровците кога се на власт – прво се бугараши, потоа антиквизираат и еве сега станаа и србомани. Кои спроведуваат орбанизација. За да ѝ учинат на Русија. Ма, генијално! Каква страшна и длабока анализа. Анализиште. И што друго? Француски предлог, Бугари во устав, власта нè лаже дека и протоколите се дел од рамката. Посебно оној вториот протокол, кој инсистира да ни ја направи историјата сопственост на Бугарија. Е па, Мицкоски и неговата пропагандна машинерија нè лажеле дека тие протоколи се дел од преговарачката рамка. Добро, океј, ајде уште еднаш да ја проверам таа факинг информација.

И ја провери ли, Русјаков?
Проверив.
И до каков заклучок дојде?
Протоколите се дел од рамката.
А што значи тоа, Русјаков?
Па, тоа значи… Тоа значи дека и јас сум пропагандна машинерија.
И одеднаш… просветление! Сатори! Јас сум препороден. Дуото Љубчо и Фрчко се мојата духовна ренесанса. Како што оној блесав лик што три дена читал и читал, па се разбудил како Бугарин, така и јас, по четири и пол минути слушање на овие два интелектуални џина, поминав низ иницијација што ме доведе до катарза среде која просветлен заклучувам – тоа што во рамката гледам протоколи значи дека сум бил сомелен од пропагандната машинерија, па сега и самиот сум дел од таа гадна вмровштина – со палци под мишки за цупкање ситно српско, со уши начулени што бараат звуци на чардаш и Кремљ ми е, двор ми е, за казачок, изметен. Но кога човек ќе се соочи со вистината, колку и таа да е страшна како оваа што мене ме демаскира, многу полесно може да се врати на правите патишта, оние поплочените со добри намери, кои водат до единствениот избор, оти немаме друга алтернатива, освен СДСМ назад на власт за да нè спаси од вмроовската србизација, спроведувана од Мицкоски, Вучиќ и Орбан, а смислена лично од Путин меѓу две бомбардирања на Украина и потоа, Филипче само треба да продолжи онаму каде што Заев и Ковачевски застанаа – целосна демакедонизација на Македонија.

Да, да, сега ми е сè јасно. За да не бидам србизиран по унгарски терк со руска предумисла, единствен лек е целосно да се демакедонизирам и потоа, хехе, никој веќе нема да може да ме асимилира кога сум прифатил да не постојам. А просто е, како… како „историја“. Дел од Словените, таму некаде во IV век дошле во Македонија каде што живееле Македонци што биле Грци. Соочени со туѓинци, македонскиве Грци смениле агрегатна состојба, од тврда преминале во гасовита, па испариле. Тоа ги вознемирило Словените, кои останале сами во Македонија и не знаејќи што да бидат, едно два-три века се шуткале низ просторот и времето немајќи поим што да прават сами со себе, додека конечно не се појавиле Бугари предводени од своите ханови. И што се случило? Се случила волшебна приказна. Татарско-монголските племиња наречени Бугари ги прифатиле културата и јазикот на племињата Словени населени во Македонија во која веќе немало Македонци, кои биле Грци, па така и самите станале Словени, а Словениве гледајќи како Бугарите се словенизираат, решиле веднаш да возвратат, домаќински да учинат, осознавајќи се себеси како Бугари. И така, сите заедно, среќно ја живееле бугарската приказна цели 1.300 години, додека на една непрокопсана будала наречена Тито, меѓу две чаши виски и две трепнувања на убавите очи на Џина Лолобриџида, не му текнало да измисли нова нација, Македонци, која Словениве што не станале Бугари веднаш ја прифатиле, со цел – да ја нервираат Европската Унија, која уште не била создадена и да им ја крадат историјата на Бугарите, Грците, Србите и на Албанците, кои отсекогаш тука постоеле, за што е доказ Александар Македонски, кој бил Грк, Бугарин, Србин и Албанец, а тоа сите го знаат, од памтивек до сега, освен една друга будала наречена Демостен.
Но најважно е човек, соочен со факти, да се просветли со вистината, како онаа, дека си Словен, Бугарин, со бугарска историја, без онаа што само на Грците им припаѓа, ама измислен од Тито како Македонец, припадник на непостојна македонска нација со македонски јазик, дијалект на бугарскиот, кои, пак, непостојни нација и јазик, заштитени се од француската преговарачка рамка во која ставените протоколи, всушност не постојат. Така велат фактите за кои понекогаш треба да се затне нос за да се проголтаат. А Љубчо и Фрчко сами по себе се факти – пред нив двајца и боговите молчат.

Но јас не сум бог и затоа уште малку ќе им се восхитувам. Оти тие се волшебниците, кои на суптилен начин, од заднина, ја помагаа магијата како од идентитет Македонија да создадеш нордистански зомбија – тие се нашите Албус Дамблдор и Хари Потер, Гандалф и Фродо, Мерлин и Монро – чиј некогашен судир – едниот, вмроовски врховист од бугарашки происход, другиот, авангарда на црвената буржоазија со белградска идеологија – денес стана заедничка битка против оската на злото во кривоаголниот триаголник на Мицкоски, Вучиќ и Орбан, кои функционираат благодарејќи на страшната Путингорина теорема, на која мора да ѝ се фрли европска анатема, па оттука, нашиве Барон и Минхаузен на политичката гротеска, сплотени како алфа и омега, како јин и јанг, како пинг и понг, кинг и конг, динг и донг – ни ѕвонат во потсвеста за да нè освестат дека француската рамка е најудобната јамка за свиткан ‘рбет, кој преку искривен врат стигнува до сведната глава, која прво мора да биде исчистена од здравата логика, позната и како пропагандна машинерија, која упорно лаже дека антимакедонските протоколи, кои се дел од француската јамка на ЕУ и Бугарија, постојат во неа.