Фото: ЕПА

Неколку впечатоци од прва рака за Германија, 35 години по обединувањето

Кога на 3 октомври 1990 година Источна и Западна Германија формално се обединија, многумина веруваа дека прашање на време е кога ќе исчезнат сите разлики создадени од четиридецениската поделба. Три и пол децении подоцна, Германија навистина е една од најуспешните европски држави, но истовремено останува земја во која старите линии на поделба сè уште се јасно видливи.

Ѕидот падна, но границата остана во главите, но и во политиката и економијата

Одамна некогашната граница меѓу Демократска Република Германија (ДДР) и Сојузна Република Германија (СРГ) повеќе не е демаркирана и оградена со бодликава жица и премини, т.н. чекпоинт-стражарници. Но сепак често може да се препознае „граница“ меѓу овие некогашни различни државни ентитети во изборните резултати, во економските показатели, со различните ставови за „војната во Украина“, па дури и во чувството на припадност кон заедничката германска држава…
Современата Германија е пример дека политичкото обединување може да биде брзо, но општественото и психолошкото обединување бара генерации.

Украина откри длабоки разлики во Германија

Една од најочигледните современи поделби се појави околу германската политика кон Украина. Истражувањата покажуваат дека жителите на источните покраини значително почесто се против испораките на оружје и воената помош за Киев отколку граѓаните во западниот дел на земјата. Според анкетите, дури 41 процент од испитаниците во поранешна Источна Германија сметаат дека воената помош треба да се намали, додека на западот тој процент изнесува 24 отсто. Причините не се само политички. Во времето на ДДР, официјалната државна идеологија беше силно поврзана со Советскиот Сојуз, а во колективната меморија на многу источни Германци, советската Црвена армија останува запаметена како сила што го поразила нацизмот. Оттука и денес постои поинаков однос кон Русија отколку во западниот дел на земјата. Токму затоа германските аналитичари сè почесто предупредуваат дека ставовите за Украина не се само надворешнополитичко прашање туку и огледало на старите германски поделби.

Економската еднаквост никогаш не беше целосно постигната

Најголемото разочарување по обединувањето останува економијата. Иако федералната држава инвестираше стотици милијарди евра во развојот на истокот, разликите и денес се значителни. Според најновите анализи на германскиот Институт за истражување на пазарот на трудот (ИАБ), вработените во Источна Германија и натаму заработуваат во просек околу 14 проценти помалку од своите сонародници на запад. А разликите не се ограничени само на платите. Пример за издвојување е и показателот за бруто-домашниот производ (БДП) во источните покраини, кој и понатаму е значително понизок од западногерманскиот просек, а економската моќ на источниот регион останува послаба и покрај огромните инвестиции направени во изминатите три и пол децении. Особено е проблематичен фактот што најголемите германски компании и понатаму речиси без исклучок имаат седишта во западниот дел на земјата. Источна Германија има модерна инфраструктура, но значително помалку центри на економска моќ и корпоративно управување.

Политичката карта сè уште ја следи старата граница

Највидлив доказ за постоењето „две Германии“ денес е политичката карта.
Поддршката за суверенистичката партија АфД е драматично повисока во источните покраини отколку во западните. Анализите покажуваат дека на многу места старата линија на поделба речиси совршено се поклопува со разликите во изборното однесување.
Овој феномен не може да се објасни само со идеологија. Голем дел од источните Германци чувствуваат дека нивните животни искуства не се доволно разбрани од политичките и медиумските елити во Берлин и западните покраини. Рака на срце, чувството дека се „граѓани од втор ред“ не исчезна целосно ниту по 35 години. Токму тоа чувство на недоволна застапеност и признание претставува плодна почва за политичка недоверба кон традиционалните партии.

Негативни демографски движења како последица на обединувањето на СРГ и ДДР

По 1990 година, милиони жители на истокот се преселија во западните покраини во потрага по работа и подобар животен стандард. Последиците се чувствуваат и денес. Голем број источногермански региони се соочуваат со стареење на населението, недостиг од работна сила и намалување на бројот на жители. Некои градови изгубија повеќе од половина од своето население во споредба со почетокот на деведесеттите години.
Во меѓувреме, градови како Лајпциг и Дрезден успеаја да станат успешни центри на новата економија, но големи рурални области и натаму заостануваат зад западот.

Разликите меѓу Германците забележливи и од други аспекти

Можеби најинтересниот аспект на германската приказна е фактот што разликите меѓу истокот и западот не се сведуваат само на пари. Истражувањата покажуваат дека луѓето израснати во ДДР и денес имаат поинакви ставови за државата, социјалната политика, безбедноста, меѓународните односи и за улогата на институциите. Во источните покраини традиционално постои поголема поддршка за државна интервенција во економијата и посилно чувство на скепса кон елитите. Парадоксално, иако младите генерации немаат лично искуство со поделената Германија, тие често ги наследуваат овие разлики преку семејната меморија, локалната култура и регионалниот идентитет.

Единство без целосна интеграција

Да не се разбереме погрешно. Германија денес не е поделена држава. Но исто така не е ниту целосно интегрирано општество. Според поновите анкети, мнозинството Германци сметаат дека разликите меѓу истокот и западот сè уште се значајни, а кај жителите на источните покраини тоа чувство е уште поизразено. Токму затоа германското искуство претставува важна лекција за Европа.
Историските поделби не исчезнуваат со потпис на договор или со промена на политичкиот систем. Тие продолжуваат да живеат во економијата, политиката, колективната меморија и секојдневниот живот. Триесет и пет години по падот на Берлинскиот ѕид, Германија останува една приказна за обединување. Но таа истовремено е и потсетник дека помирувањето меѓу две различни историски искуства е процес што трае многу подолго од една генерација. И тоа се чувствува.

Автор: Доне Прентоски, соработник на „Нова Македонија“ од Германија