Вишеградската група (В4) – од неформален координациски формат до потенцијален геополитички инструмент
- Изјавата на унгарскиот политичар Петер Маѓар за „самоуверена и обликувачка Средна Европа“ отвора поширока дебата за иднината на регионот и неговата позиција во Европската Унија. Иако формално се движи во рамките на класичната интегративна реторика, содржината на пораката сугерира амбиција за подлабоко политичко редефинирање на односите во Централна Европа. Во центарот на оваа визија повторно се појавува Вишеградската група, која од неформален координациски формат сè почесто се третира како потенцијален геополитички инструмент
Вишеградската група (В4) историски е замислена како платформа за усогласување на политиките меѓу Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, без наддржавни институции и без обврзувачка политичка структура. Сепак, во новите изјави се забележува тенденција кон нејзино реструктурирање, па дури и рефункционализирање. Во овој контекст, повиците за „зајакнување на единството“ и „заедничко обликување на иднината на Европа“ можат да се читаат како обид В4 да се претвори од техничка координација во политички полусојуз со зголемена тежина во ЕУ.
– Реториката за „65 милиони луѓе и индустриски центар на Европа“ на Маѓар не е случајна. Таа ја конструира Средна Европа како самостоен геоекономски блок, со сопствена логика и интереси. Во оваа визија, регионот не е периферија на Западна Европа, туку „втор мотор“ на Европската Унија, особено во индустријата, енергетиката и безбедносната архитектура – велат наши соговорници, универзитетски професори по меѓународно право.
Според нивното толкување, особено е значајно спомнувањето на потенцијално вклучување на Хрватска, Австрија, Германија, Словенија и Романија.
– Ова отвора две можни интерпретации. Имено, првата е В4+формат (Вишеградска група плус формат), како полабава мрежа на координација што би ги поврзала индустриските и енергетските интереси на поширока Средна Европа, но втората опција е мошне сериозна. Имено, таа би била операционализирање на обид за создавање гравитациски центар во рамките на ЕУ, кој би функционирал како регионален блок за преговарање со Брисел. Во двата случаја, клучната идеја е зголемување на преговарачката моќ на регионот, а не негово одвојување, анализираат нашите соговорници.
Дали се раѓа „мека автономија“ во Централна Европа?
Иако ваквата реторика може да се толкува како чекор кон поголема автономија, засега не постојат индикации за напуштање на Европската Унија или за создавање паралелна интеграција надвор од неа. Она што се појавува е концепт што може да се нарече „интраевропски суверенизам“, всушност тоа е идеја дека „државите остануваат во ЕУ, но бараат поголема регионална самостојност во креирањето политики“.
– За разлика од поостриот и често конфронтациски пристап на Виктор Орбан, новата реторика околу Петер Маѓар формално е поинтегративна. Наместо директно спротивставување на Брисел, се нуди модел на „внатрешен ребаланс на моќ“, односно Европа со повеќе регионални центри, но без институционален распад, тврдат нашите соговорници, додавајќи дека „најважниот заклучок од оваа политичка нарација на Маѓар е дека не станува збор за сепарација од ЕУ, туку за обид за нејзина трансформација“.
– Во оваа визија, Европската Унија не би била хиерархиски центрирана структура, туку мрежа од регионални блокови со различна тежина и влијание. Средна Европа, во таа смисла, не се гледа како пасивен следбеник, туку како активен креатор на европската иднина – тврдат ценетите професори и соговорници на „Нова Македонија“. П.Р.
Деновиве унгарскиот премиер Петер Маѓар со својата изјава во јавноста (во унгарскиот парламент) внесе тотална збунетост во бриселските кулоари. Според извор од Брисел, четири точки од неговата интегрална изјава внеле голема доза конфузија во врска со политичкиот профил и постапките на Маѓар, наспроти очекувањата на Брисел за политичките постапки и ветената/очекуваната синхронизираност на релацијата Будимпешта-Брисел.
Имено, делот од изјавата на Маѓар дека „Средна Европа е дом на повеќе од 65 милиони луѓе, едно од најважните индустриски средишта во Европа, сега е клучен двигател на економскиот раст на Европската Унија и сè поважен фактор во безбедноста на континентот“ е првата точка од унгарското изненадување во Брисел.
Втората точка се однесува на делот што Маѓар, дискретно дистанцирајќи се од централизираниот Брисел, ги повика четирите земји на Вишеградската група (В4) порачувајќи дека „доколку бидат обединети, ќе бидат посилни од кога било досега“!
Третата точка на изненадување на Брисел е што Маѓар рече дека „ако В4 добро си ја заврши работата, за неколку децении историјата на Средна Европа ќе биде раскажувана како приказна за подем, самодоверба, мир и соработка…“
И четврта и најсилна точка од изјавата на унгарскиот премиер, која според нашиот брифер од Брисел предизвикала и најголемо вчудовидување и збунетост во Брисел, е тоа што Маѓар јавно кажал дека „ова време ќе биде запаметено како период кога земјите од регионот (на Вишеградската група) ја препознале сопствената сила, ја обновиле меѓусебната доверба и заеднички ја обликувале иднината на Европа“!
Според нашиот брифер, овие констатации на Маѓар предизвикале зачудувачки големо интересирање и изненадување во Брисел, па дури и како што вели „внеле страв во бриселските кулоари и во неформалните разговори на бриселските европски функционери, многу повеќе од тоа што некогаш Орбан го предизвикувал“. Како нашите аналитичари ги толкуваат овие изјави на унгарскиот премиер и што значи неговиот повик за уште една инстантна средба на високите функционери на В4 во вторник, на 30.6.2026 година? П.Р.
Македонија и Вишеградската група
Стратешко продлабочување на партнерството како пат
Односите меѓу Македонија и Централна Европа, особено преку Вишеградската група, во последните години добиваат сè поизразена политичка и економска димензија. Иако овој формат не е формална интеграциона структура, тој сè почесто функционира како канал за политичка поддршка, размена на искуства и европска координација. Во контекст на европските интеграции, прашањето за Скопје не е само „да се одржи соработката“ туку „како таа да се трансформира во системска и долгорочна развојна рамка“?
Вишеградската група (В4) како модел за „удвоена европска динамика“
В4 е пример за регионална координација што не ја заменува Европската Унија, туку ја дополнува. Во пракса, таа им овозможува на државите членки да ги усогласуваат позициите во однос на енергетиката, инфраструктурата, индустриската политика и миграциите.
– За Македонија, ова значи можност за приклучување кон постојни регионални синџири на одлучување без формално членство, преку В4+формати, билатерални иницијативи и проектно партнерство – размислуваат соговорниците, поранешни македонски дипломати од кариера и сегашни политички аналитичари и колумнисти.
– Соработката со државите од Централна Европа не треба да остане на ниво на декларации или политички изјави за поддршка на проширувањето на ЕУ. Реалниот потенцијал лежи во инфраструктурно поврзување, заеднички енергетски проекти, индустриски синџири на снабдување, дигитална трансформација, образовна и научна размена. Ова се области каде што државите од Централна Европа имаат практично искуство во посттранзициски развој, што може да биде директно применливо за нашата држава – велат нашите соговорници.
Инфраструктура и коридори
Една од најсилните точки на потенцијална соработка е инфраструктурата, особено европските транспортни оски. За Скопје, клучно е да се засили поврзувањето преку железнички и патни коридори кон Централна Европа, потоа со т.н. логистички хабови што ги поврзуваат Балканската и Дунавската зона, како и со интеграција во европските товарни мрежи. Токму овде В4-државите имаат силна експертиза во користење на ЕУ-фондови за инфраструктурна модернизација, што може да биде директно преносливо искуство.
Енергетика
Енергетската сигурност е една од најчувствителните точки во регионот. За централноевропските држави можеби овој предизвик е една од послабите точки, затоа што централизираната политика на ЕУ направи значителна штета во енергоснабдувањето по ниски цени, а со тоа направи и надолен тренд на индустрискиот и стопанскиот раст и развој, но сепак В4 во последните години интензивно работи на диверзификација на изворите и на интерконекција на мрежите. И тоа би било добро искуство за Македонија. За нас, соработката на тоа поле може да значи заеднички проекти за гасна и електроинтерконекција, учество во регионални енергетски берзи, размена на технологии за обновливи извори, како и искористување на европските фондови (но и други фондови) преку заеднички апликации.
Индустриска и инвестициска логика
Една од најголемите економски шанси лежи во трендот на пренесување на производството поблиску до ЕУ. Државите од В4 веќе се интегрирани во германските и западноевропските синџири на производство. Тоа отвора можност Македонија да стане дополнителна производна зона или, пак, логистичко продолжение на централноевропската индустрија, како атрактивна локација за автомобилска и електронска индустрија. Ова не е политички проект, туку чисто економска логика на регионална комплементарност.
Образование, човечки капитал и институционална размена
Долгорочната стабилност на соработката зависи од човечкиот капитал. Централноевропските држави имаат силни искуства во реформи на јавната администрација, европските преговорни процеси, дигитализацијата на јавните услуги итн. Овие модели можат да се пренесат преку универзитетски партнерства, заеднички истражувачки програми, обуки за јавна администрација, студентски и експертски размени…
Политичката димензија би била уште посилна поддршка за нашата европска интеграција
Иако Вишеградската група (В4) не е институција за проширување, нејзините членки историски имаат активна улога во поддршката на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Во таа смисла, продлабочувањето на врските со Вишеградската група може да значи посилна дипломатска поддршка во Брисел, координација на позициите во европските институции и зголемена видливост на македонските интереси.
За Македонија, клучниот предизвик не е недостиг од политичка симпатија (културна, јазична, историска…) од Централна Европа, туку недостиг од системска рамка што ја претвора таа симпатија во мерливи економски и институционални резултати. Следниот чекор не е само продлабочување на односите туку нивна институционализација преку В4+формати, односно во превод тоа би значело заеднички инфраструктурни проекти, енергетска и индустриска интеграција, долгорочни партнерства во образованието, културата итн.
Од таа перспектива, Централна Европа (В4) не е само политички сојузник туку потенцијален развоен мост кон посилно вклучување на Македонија во европската економска и институционална архитектура. П.Р.
Од наш агол
Кон новата оска на Европа
Додека македонската јавност со години е фокусирана речиси исклучиво на Брисел, на Париз и на Берлин, во срцето на Европа дискретно се обликува нов политички и економски простор чија тежина постојано расте.
Просторот на Средна Европа, предводен од Вишеградската група (В4), одамна престана да биде периферија на Европската Унија. Денес тој станува еден од нејзините најдинамични индустриски и политички центри. За Македонија, ова не е само геополитички тренд што треба да се следи. Тоа е можност што треба да се искористи.
За издвојување е дека во изминатите децении државите од Централна Европа во повеќе наврати покажаа разбирање за македонските позиции, поддршка за европската интеграција на земјата и подготвеност за политичка и економска соработка. Но вистинското прашање денес е како да се динамизира стратегијата за дадената поддршка и да се претвори во долгорочно партнерство.
Македонија мора да го зајакне објективот преку кој ги гледа Полска, Унгарија, Чешка и Словачка само како пријателски држави во рамките на ЕУ. Фокусот на објективот треба да се насочи на тоа погледот кон В4 да биде дел од новата развојна мапа на нашата држава. Токму овие гореспоменати земји на В4 успеаја за три децении да извршат економска трансформација каква што многу балкански држави сè уште очекуваат. Тие привлекоа огромни индустриски инвестиции, изградија модерна инфраструктура и создадоа конкурентни економии што денес се меѓу моторите на европскиот раст.
Оттука, македонската дипломатија би требало многу поактивно да бара заеднички формати, инфраструктурни проекти, инвестициски фондови, универзитетски партнерства и индустриски иницијативи со државите од Централна Европа. Не како замена за европскиот пат, туку како негова надградба.
Во годините што доаѓаат, борбата за економски развој нема да се води само преку политички декларации, туку преку способноста државите да се вклучат во регионалните производствени, енергетски и технолошки мрежи. Токму таму Средна Европа станува сè повлијателен фактор.
Затоа, ако сакаме побрз раст, повеќе инвестиции и посилна европска позиција, нашиот поглед мора да биде насочен не само кон европските институции туку и кон новите центри на моќ што се формираат во самата Европа.
Историјата ретко им дава втора шанса на малите држави да се позиционираат покрај растечки геополитички и економски центри. Средна Европа денес е токму таков центар. Ние го препознаваме тоа навреме. Зашто во Европа што се менува, најголем ризик не е да се избере погрешен партнер. Најголем ризик е да не се препознае новата можност додека сè уште е пред нас. Р.Н.М.


































