Село Жван

Знаменитостите на Македонија

  • Се наведува дека дружината била формирана по иницијатива на локални општински претставници и дека веднаш по основањето биле избрани управни органи, било започнато зачленување на жителите и било поднесено барање до Стрелачкиот сојуз во Белград за прием во организацијата и за доделување оружје и муниција

Автор: Благоја Шундовски

Меѓу ретките пишани извори што го споменуваат селото Жван во периодот меѓу двете светски војни, особено значење има напис објавен во скопскиот дневен весник „Вардар“ на 11 декември 1934 година. Иако станува збор за кратка вест од локален карактер, нејзината содржина претставува вреден историски извор за општествените, административните и политичките услови во Македонија во времето на кралска Југославија. Во написот се известува за основање на стрелачка дружина во селото Жван. Се наведува дека дружината била формирана по иницијатива на локални општински претставници и дека веднаш по основањето биле избрани управни органи, било започнато зачленување на жителите и било поднесено барање до Стрелачкиот сојуз во Белград за прием во организацијата и за доделување оружје и муниција.

Особено внимание привлекува административна одредница наведена во текстот која може да асоцира на Крушевац во Србија, но постојат сериозни индиции дека станува збор за Жван во Демирхисарско. Во административната организација на тогашната држава постоела Крушевска околија во рамките на Вардарската бановина, а Демирхисарскиот Регион бил тесно поврзан со Крушево како административен центар. Оттука, споменувањето на Жванска општина и Крушевска околија сосема се вклопува во тогашната територијална поделба на овој дел од Македонија.

Дополнителна поткрепа на оваа претпоставка даваат имињата на лицата наведени во управата на дружината. Меѓу нив се среќаваат Пејко Пејковиќ, Риста Димитријевиќ, Никола Поповиќ и Милан Ничковиќ. Познато е дека во административната практика на кралска Југославија презимињата на населението во Вардарска Македонија често биле запишувани во посрбена форма со наставката „-иќ“, што претставува карактеристика на службената документација од тоа време. Затоа овие имиња не треба нужно да се толкуваат како показател за етничко потекло, туку како одраз на тогашната административна практика.

Написот е значаен и поради поширокиот историски контекст во кој настанал. Тој е објавен само два месеца по атентатот врз кралот Александар I Караѓорѓевиќ во Марсеј, на 9 октомври 1934 година. Во тој период низ целата држава се организираат многубројни манифестации, здруженија и иницијативи посветени на ликот и делото на монархот. Оттука, именувањето на дружината по кралот Александар не претставува случајност, туку дел од пошироката државна политика на негување на југословенскиот монархиски патриотизам.

Стрелачките дружини во тоа време имале двојна улога. Формално тие биле спортски и воспитни организации, но во практика претставувале и институции за подготовка на населението во духот на воената дисциплина и државната лојалност. Фактот што новоформираната дружина веднаш побарала пушки, муниција и стрелиште сведочи за сериозноста на нејзината организација и за нејзината поврзаност со државните структури.

Од денешна перспектива, оваа мала новинска белешка претставува значајно сведоштво за животот во Жван во триесеттите години на минатиот век. Таа ни открива дека селото поседувало организирана локална самоуправа, образован кадар во лицето на учители и службеници, како и жители подготвени да учествуваат во јавниот и општествениот живот. Истовремено, текстот ја отсликува политичката и административната реалност на Вардарска Македонија во рамките на кралска Југославија.

Особен интерес предизвикува спомнувањето на Пејко Пејковиќ како претседател на Жванската општина и член на надзорниот одбор на новоформираната стрелачка дружина. Токму овој податок отвора можност за една значајна историска поврзаност со поновата историја на Демир Хисар. Во разговор што авторот го водеше со познатиот демирхисарски ветеринарен експерт, стопанственик и основач на Ветеринарната станица и живинарската фарма во Демир Хисар, Цане Пејковски, беше изнесено мислење дека лицето наведено во весникот како Пејко Пејковиќ всушност е неговиот татко Пејко Пејковски од Жван. Оваа претпоставка дополнително добива на тежина ако се има предвид тогашната практика во службените документи презимињата на населението да се запишуваат во посрбена форма со наставката „-иќ“.

Доколку оваа претпоставка се потврди и со дополнителни архивски извори, тогаш станува збор за личност што оставила значајна трага во локалната историја. Имено, според сведоштвото на Цане Пејковски, неговиот татко Пејко Пејковски подоцна бил назначен за прв претседател на Демирхисарската околија, формирана во текот на Втората светска војна со седиште во Лопатица. Во составот на оваа околија влегувале 64 населени места од демирхисарскиот крај. Овој податок претставува значајна насока за идни истражувања. Доколку се пронајдат соодветни административни документи, би можело да се воспостави јасна врска помеѓу претседателот на Жванската општина од 1934 година и еден од најистакнатите локални раководители во првите години од организирањето на Демирхисарската околија.

Сите досега достапни показатели упатуваат на голема веројатност дека написот од весникот „Вардар“ навистина се однесува на денешното село Жван во Демирхисарско. Затоа оваа новинска белешка претставува вреден документ за историјата на селото, зачувувајќи имиња, настани и сведоштва за едно време што одамна поминало, но сè уште живее во колективната меморија на жванчани и демирхисарци.


Aнтонио Павловски – млад истражувач во служба на историската меморија

Оваа историска сторија немаше да биде возможна без несебичната помош на моето помладо пријателче Антонио Павловски. Токму тој, со својата љубопитност, истражувачки дух и љубов кон локалната историја, успеа да го пронајде овој вреден документ во фондовите на Градската библиотека во Скопје. Без двоумење и со искрена желба историските сведоштва да бидат зачувани и достапни за пошироката јавност, тој ми го отстапи материјалот и овозможи да се подготви овој прилог за минатото на Жван. За неговата поддршка, доверба и придонес во зачувувањето на локалното историско наследство му изразувам искрена и срдечна благодарност. Б.Ш.