Еминентната историчарка постхумно одликувана со орденот „8 Септември“

  • Државата ја впиша проф. д-р Наде Проева во редот на своите најголеми имиња – како научничка со светско реноме, бескомпромисен борец за македонската кауза и професорка што инспирираше генерации студенти, чиј животен пат останува дел од духовниот темел на Македонија

Со свечениот чин одржан вчера во претседателската резиденција „Вила Водно“, државата Македонија уште еднаш покажа дека знае да ги вреднува своите најголеми имиња. Претседателката проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова постхумно го врачи орденот „8 Септември“ за покојната професорка по античка историја, проф. д-р Наде Проева, како признание за нејзиниот исклучителен научен придонес и за нејзината бескомпромисна борба за македонската кауза.

Предлогот за ова постхумно одликување беше поднесен од професорот Георги Гоце Дуртаноски и од Европската христијанска академија, а Комисијата за одликувања го усвои како потврда дека делото на Проева е дел од националното наследство. Со тоа, нејзиното име се вбројува во редицата на големи личности што ја добиле оваа висока државна чест – меѓу нив Роберт Бадинтер, Ханс-Лотар Штепан, Џон Битов, Роман Херцог и други. Државното одликување го прими нејзината сестра Павлина Проевска, извршна директорка на МАКЕДОНИКА – Центарот за историски студии „Наде Проева“, кој е формиран од оставината на професорката Проева.

Проф. д-р Наде Проева (Ресен, 9 септември 1949 – Скопје, 6 ноември 2024) беше македонска историчарка класицист, редовна професорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што од 1984 до 2014 година предаваше на Катедрата за историја. Нејзиниот академски пат ја водеше од Белград до Сорбона, од Вроцлав до Виена, од Атина до Париз, а нејзините трудови и предавања оставија трага во Франција, Канада, Србија, Бугарија, Хрватска, Естонија, Русија, Романија, Италија, Полска и многу други земји.

Беше авторка на фундаментални студии за Античките Македонци, уредничка на едициите „Bibliotheca Miscellanea Byzantino-Macedonica“ и „Historia Antiqua Macedonica“, Проева ја создаде и првата универзитетска книга за историјата на Аргеадите (2004). Таа учествуваше во археолошки ископувања, држеше предавања како визитинг-професор во повеќе европски универзитети и беше активен промотор на историската наука преку телевизиски и радиоемисии, написи и интервјуа.

Во 1997 година ја доби француската државна награда „Витез на академските палми“, а во Македонија остана запаметена како колумнистка во весникот „Нова Македонија“, каде што со остро перо ги бранеше историската вистина и достоинството на македонскиот народ.

Нејзините зборови од последните години се претворија во завет: „Народ што изодел толку тежок пат низ историјата не може да се откаже од себеси“. А впечатливо останува и тврдењето: „Со Преспанскиот договор присилно заврши првата фаза од процесот за насилничко менување на името на нашата држава Македонија…“
Но покрај академските достигнувања, Наде Проева остана запаметена и како професорка што знаеше да инспирира генерации студенти. Нејзините предавања беа повеќе од пренос на факти – тие беа патување низ времето, низ античките корени на македонската култура, со силна порака дека историјата е оружје на идентитетот.
Студентите ја паметат како строга, но праведна, како личност што бараше дисциплина и знаење, но истовремено умееше да охрабри и да отвори пат кон нови истражувања.
Таа создаде школа на млади историчари што денес го продолжуваат нејзиниот пат.

Со доделувањето на орденот „8 Септември“, Македонија ја впиша Наде Проева во својата пантеонска меморија – како научничка со светско реноме, борец за македонската кауза и како сведок дека историјата не е само минато туку и патоказ кон иднината што се брани со знаење, достоинство и со љубов кон сопствениот народ.
Проф. д-р Наде Проева останува вечна чуварка на историската вистина – име што ќе се споменува со почит, како дел од духовниот темел на нашата држава. Д.Ст.