Фото: ЕПА

Повод: Изјавата на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, дека актуелниот претседател на САД е „најкорумпираниот претседател во американската историја“!

Според нашите ценети соговорници, поимот „длабока држава“ на времето беше исмејуван, а потоа, пред десетина години, почна да добива контури.
– Со години терминот „длабока држава“ беше отфрлан како фантазија на политичките маргини. Но што ако проблемот не беше во терминот, туку во погрешното разбирање на истиот тој? Имено, сега ни е јасно на сите дека всушност „длабоката држава“ не е тајна организација. Па таа е една легална мрежа на трајни институции, интереси и центри на моќ што функционираат независно од изборните резултати – велат тие.

Државата што не оди на избори

Треба да се издвојат уште неколку факти за функционирање на американскиот систем, кои воопшто немаат намера некого да обвинат, туку да откријат нови перспективи на функционирањето на тамошниот систем, а со тоа да се добие уште поблиска претстава за општествениот феномен – корупција, во најразвиената светска демократија, брифираат нашите соговорници.
– Претседателите доаѓаат и заминуваат. Конгресите се распуштаат. Партиите победуваат и губат. Но разузнавачките структури, бирократијата, безбедносните апарати, големите финансиски центри и корпоративните интереси остануваат. Тие не зависат од четиригодишни мандати. Тие зависат од континуитет. На ова треба да се обрне особено внимание, како на една перманентност на масивната американска бирократија или администрација, која всушност направила константа на своето функционирање и дејствување, вклучително и на пропустите (и во делот од корупцијата), кои кога ќе излезат во јавноста изгледаат шокантно за тоа како може такво нешто да се случи на една уиграна и богата административна машинерија – велат нашите соговорници, при што додаваат дека не е сѐ толку мазно, дури и на прв поглед.

Трамп, Бајден и Њусом како актери во поголема претстава

И демократите и републиканците денес тврдат дека институциите се злоупотребуваат. Едните обвинуваат дека Трамп сака авторитарна контрола. Другите тврдат дека федералните институции работат против него.
– Најинтересно е што двете страни, иако покажуваат очигледни експресии дека не се сакаат, доаѓаат до ист заклучок, а тоа е дека некој поседува влијание што не може лесно да се смени преку избори. Секоја голема империја низ историјата создала механизми за самозаштита. Америка не е исклучок. Прашањето не е дали постојат центри на моќ надвор од формалните изборни процеси. Прашањето е колкаво е нивното влијание и колку демократската контрола над нив е реална. Токму затоа изјавата на Њусом е повеќе од политичка провокација. Таа претставува неочекувано признание дека зад митот за совршената демократија постои многу покомплексна и понекогаш многу помрачна реалност – велат отворено нашите соговорници, заклучувајќи дека „кога таквите зборови почнуваат да ги изговараат луѓе од самиот врв на американскиот естаблишмент, тогаш станува јасно дека кризата повеќе не е маргинална. Таа станала системска“. Р.С.