Македонците ја крадат својата историја?!

  • Исто­ри­ја­та е збир од чо­веч­ки суд­би­ни, на­ста­ни, ра­до­сти, тра­ге­дии и спо­ме­ни. Таа не е ни­чи­ја при­ват­на сопс­тве­ност, па не­кој да мо­же да ста­ви ка­та­нец на неа и да ка­же: „Ова е са­мо мое.“
    Ток­му за­тоа, об­ви­ну­ва­ње­то де­ка Ма­ке­дон­ци­те ја кра­дат бу­гар­ска­та исто­ри­ја, спо­ред са­ма­та бу­гар­ска те­за, всуш­ност зна­чи де­ка Ма­ке­дон­ци­те ја кра­дат сопс­тве­на­та исто­ри­ја. А тоа е ло­гич­ки не­воз­мож­но

Со години, можеби и децении, од Софија доаѓа едно исто обвинување. Македонците, велат, ја крадат бугарската историја. Тоа се повторува во политички говори, во медиуми, во декларации, во учебници, па дури и пред европската и светската јавност. Толку често е повторувано, што човек би помислил дека станува збор за некаква неоспорна вистина.

Но колку повеќе човек се обидува логички да ја разбере оваа теза, толку повеќе сфаќа дека се наоѓа пред еден необичен парадокс, кој е толку голем, што и најголемите умови би имале проблем да ја расплеткаат оваа чудна логичка јамка.

Имено, официјалната бугарска позиција со години е дека до 1945 година во Македонија немало Македонци, туку Бугари. Според таа теорија, македонската нација била создадена по Втората светска војна, под влијание на Јосип Броз Тито. Значи, според истата таа теза, луѓето што живееле на овие простори пред 1945 година биле дел од бугарскиот народ.

И тука почнува логичкиот апсурд. Ако тие луѓе биле Бугари, тогаш тие ја живееле таа историја. Тие се раѓале, се женеле, се бореле, страдале, се радувале и умирале во рамките на таа историја. Нивните потомци денес живеат во Македонија. Како тогаш тие потомци можат да бидат обвинети дека ја крадат историјата на своите дедовци и прадедовци?

Зарем човек може да ја украде сопствената биографија? Зарем некој може да украде нешто што неговите предци го живееле?

Дури и ако, само за момент, ги прифатиме сите бугарски тези како точни, повторно доаѓаме до истиот заклучок. Ако до 1945 година населението во Македонија било бугарско, тогаш тоа население било непосреден учесник во таа историја. А човек не може да биде крадец на историја во која самиот учествувал.

Историјата не е автомобил што некој може да го украде од паркинг. Не е ниту слика што може да се изнесе од музеј. Историјата е збир од човечки судбини, настани, радости, трагедии и спомени. Таа не е ничија приватна сопственост, па некој да може да стави катанец на неа и да каже: „Ова е само мое.“

Токму затоа, обвинувањето дека Македонците ја крадат бугарската историја, според самата бугарска теза, всушност значи дека Македонците ја крадат сопствената историја. А тоа е логички невозможно.

Замислете човек што пораснал во една куќа, во неа се родиле неговите родители и дедовци, а потоа некој му вели дека тој всушност ја украл куќата од самиот себе. Колку и да звучи апсурдно, токму на таква логика се сведува целата приказна.

Проблемот станува уште поголем кога ќе се земе предвид дека никој не се појавил во Македонија во 1945 година. Македонците не дошле од Марс, ниту пак одеднаш се создале од ништо. Луѓето што живееле овде пред 1945 година и луѓето што живеат денес се потомци на истите семејства. Не постои историски прекин во кој едни луѓе исчезнале, а на нивно место се појавиле некои други.

Токму затоа, дури и ако некој верува во бугарската историска интерпретација, повторно останува без одговор на едно едноставно прашање: Како е можно некој да ја украде историјата што самиот ја живеел?

Се разбира, историските толкувања можат да бидат различни. Тоа е нормално. Французите и Германците различно гледаат на многу настани. Полјаците и Русите имаат различни толкувања. Србите и Хрватите исто така. Но едно е да се расправа за толкувањата, а сосема друго е да се обвинува цел народ дека краде историја.
Зашто историјата не е сопственост на државите. Таа не се издава со тапија. Не се наследува во катастар. Не се заклучува во сеф. Историјата им припаѓа на луѓето што ја живееле и на нивните потомци.

Затоа, можеби најголемиот парадокс во целата оваа приказна е што, следејќи ја сопствената логика на Софија, се доаѓа до заклучок дека Македонците не ја крадат бугарската историја. Туку, според таа логика, би требало да ја крадат сопствената.
А човек може да се откаже од своето минато, може различно да го толкува, може да се расправа околу него, но едно нешто не може. Не може да си ја украде сопствената историја.