Фото: ЕПА

Најновиот годишен извештај на Агенцијата на Европската Унија за основни права (ФРА) како повод

  • Милиони Европејци сè потешко ги покриваат основните животни трошоци. Најновиот извештај на Агенцијата на ЕУ за основни права предупредува дека кризата со трошоците за живот веќе не е само економски проблем туку закана за темелните социјални и економски права на граѓаните на Унијата. Според наодите од годишниот извештај на гореспоменатата Агенција на Европската Унија за основни права (ФРА) и податоците на „Евростат“ за растот на цените на домувањето и животните трошоци во ЕУ, цените на становите во ЕУ пораснале за околу 53 отсто меѓу 2010 и 2024 година, а трошоците за домување остануваат една од најголемите ставки во буџетот на европските домаќинства. Наши соговорници, посочувајќи ни го извештајот на ФРА и податоци од „Евростат“, велат дека „правото на дом, работа и на достоинствен живот во ЕУ станува луксуз“…

Европската Унија со децении се претставува како простор на социјална сигурност, економски просперитет и заштита на човековите права. Но најновиот годишен извештај на Агенцијата на Европската Унија за основни права (ФРА) покажува дека сè поголем број Европејци денес се соочуваат со реалност што е во спротивност со тие вредности: високите трошоци за живот директно ги поткопуваат нивните основни социјални и економски права.

Според наодите на ФРА, милиони граѓани во Унијата се изложени на постојан притисок поради скапите станови, растечките сметки за енергија, високите цени на храната и недостапноста на јавните услуги. Директорката на агенцијата, Сирпа Раутио, предупредува дека продолжената криза со трошоците за живот создава „секојдневни притисоци“, кои сè повеќе се претвораат во прашање на основни човекови права.

Правото на дом станува загрозено?

Најдраматичната слика доаѓа од пазарот на домување. Во периодот од 2015 до 2024 година, цените на недвижностите во Европската Унија пораснале за повеќе од 53 проценти, додека кириите се зголемиле за речиси 17 проценти. Во многу држави растот бил значително поголем од растот на платите.

Последиците се видливи насекаде. Во Република Ирска, Португалија, Холандија, Шпанија и во Германија илјадници млади семејства не можат да купат сопствен дом и остануваат подолго кај родителите. Во големите градови како Даблин, Амстердам, Лисабон и Барселона, кириите достигнаа нивоа што трошат и повеќе од половина од месечните приходи на просечните работници.

Европската федерација на организации што работат со бездомници предупредува дека во 2025 година бројот на бездомни лица во ЕУ може да надмине 1,2 милион. Тоа е бројка што заедно со растот на цените покажува дека домувањето сè повеќе се претвора од право во привилегија.

Работат, но остануваат сиромашни

Фото: ЕПА

Еден од најзагрижувачките трендови е растот на таканаречената „работничка сиромаштија“. Сè повеќе луѓе имаат редовна работа, но нивните приходи не се доволни за пристоен живот.

Во Германија, Франција и во Белгија расте бројот на вработени што зависат од дополнителна државна помош за да ги покријат основните трошоци. Во Италија и Шпанија, пак, младите со високо образование често се принудени да прифаќаат привремени и ниско платени работни места.

Економистите предупредуваат дека социјалниот договор врз кој е изградена повоената Европа почнува да се нарушува. Ако работата повеќе не обезбедува сигурност и достоинствен живот, тогаш е доведено во прашање едно од темелните социјални права на европскиот модел.

Новите Европејци – потребни, но дискриминирани

Извештајот на ФРА посветува значително внимание и на состојбата на државјаните од трети земји што работат во ЕУ. Иако Европа се соочува со сериозен недостиг од квалификувана работна сила, многу мигранти и странски работници се изложени на дискриминација, експлоатација и несигурни услови за работа.

Во градежништвото, земјоделството, логистиката и услугите не се ретки случаите на прекувремена работа без соодветен надоместок, лоши услови за сместување и ограничен пристап до социјална заштита.

Парадоксот е очигледен: Европа има потреба од работници, но истовремено не успева целосно да ги интегрира и да ги заштити оние што веќе придонесуваат за нејзината економија.

Несигурноста создава простор за омраза

Социјалните проблеми не остануваат само економска категорија. ФРА предупредува дека растечките меѓународни тензии, војните и економската неизвесност влијаат врз чувството на безбедност кај граѓаните.

Повеќе од една третина од жителите на ЕУ биле изложени на говор на омраза на интернет. Во многу земји се забележува пораст на ксенофобични пораки, напади врз мигранти и ширење дезинформации преку социјалните мрежи.

Историјата покажува дека економските кризи често создаваат плодна почва за радикализација, а европските институции стравуваат дека продолженото влошување на животниот стандард може дополнително да ги продлабочи поделбите во општеството.

Европа пред најголемиот социјален тест

Податоците од европските институции покажуваат дека домаќинствата во ЕУ во просек трошат речиси една петтина од расположливите приходи само за домување. Во исто време милиони граѓани не можат да си дозволат адекватно затоплување на домот, редовен одмор или покривање неочекувани трошоци.

Токму затоа пораката од годишниот извештај на ФРА е многу поширока од статистиката. Станува збор за предупредување дека социјалните и економските права не се апстрактни принципи запишани во европските договори, туку предуслов за стабилна демократија и кохезивно општество.

Доколку Европската Унија не успее да обезбеди достапно домување, пристојни приходи и еднакви можности за сите граѓани, ризикува да се соочи со нова форма на социјална криза – во која сè повеќе луѓе ќе чувствуваат дека Европа повеќе не им припаѓа ним, туку само на оние што можат да си ја дозволат. Е.Р.