Јани Бојаџи
Имам идеја е почетната точка за сѐ на овој свет. Сето ова околу нас пред да се претвори во предметна стварност било само идеја во главата на еден човек. Но човекот со идеи мора да има сила да се соочи со фактот дека и најдобрата идеја нема шанса да се опредмети ако во неа не се идентификуваат и проектираат себеси луѓе што можат да ја префрлат таа идеја од светот на идеите во светот на стварноста. Тие луѓе, драги мои, се нарекуваат политичари. Единствената реална сила што може да создаде опредметена вредност се наоѓа во политиката. Македонија не е никаков специјален случај во однос на тоа. Во суштина секоја држава од „западен тип“ е управувана од мала група политичари на кои ние преку лично перципирана слободна волја им ја предаваме државата за определено време во кое тие од светот на идеите транзитираат во светот на стварноста. Од тој момент, па сѐ до следните избори ние сме оставени само и единствено во светот на идеите дека следниот избор ќе биде подобар од овој претходниот. И тоа е сѐ.
На крајот од филмот „До балчак“ пред да тргне во самоубиствен напад против илјадната турска војска, војводата Крсто кажува реплика што е есенција на борбата на светот на идеите со светот на стварноста. „Ебати животот ако не си спремен да умреш за него“. Столе Попов во последната верзија од сценариото направил инверзија на првичната реплика напишана од Горан Стефановски. Ете ја и неа. „Ебати животот ако си спремен да умреш за него“. Во светот на идеите сѐ е работа на избор. Режисерот го направил својот. И сега, од ова дистанца, разбирам колку бил во право. Столе Попов.
Можеме ли да живееме и да го зачуваме својот духовен свет во кој виреат идеите ако не сме подготвени да страдаме заради нив? Можеме ли да се наречеме свесни човечки битија ако не сме спремни да се бориме со светот на стварноста, кој утврдивме дека е надвор од светот на идеите? Најверојатно не. Ако човек не е подготвен да живее со таа состојба на страдање заради свои или туѓи идеи, тогаш тој живот не може да се нарече достоен. Во оној момент кога ќе се откажеш од тоа да веруваш во идеи, се претвораш во роб, во слуга, во корисник. Стануваш консумент на идеите на луѓе, кои најчесто се безидејни. Ова, навидум парадоксална реченица, во суштина е онаа сила што го создава општествениот антагонизам преку проекција на туѓите идеи како свои, со крајна цел остварување лична корист со алатките на лагата дека во суштина тоа што политичарите ви го нудат е она што вие од нив сте го барале. На избори. Како ваша слободно изразена волја. Не можам да разберам дали оваа типична политичка алатка се учи во системот на производство на политики и политичари или станува збор за еманација? За лична состојба на секој оној што влегува во светот на политиката без разлика на неговите социјални и политички убедувања и припадности, нација, религија, сексуална и друга определба. Можеби, сепак, станува збор за систем, за организација, видлива и невидлива во исто време, сочинета од реални луѓе што управуваат со светот на политиката, а со тоа и со светот на стварноста. Ова јавно се дефинира како заговор. Како измислица. Или сѐ е многу поедноставно. Можеби сѐ е само природна еманација на човечката состојба во овој степен на развој на неговиот интелект и дух, каде што секој што ќе транзитира од светот на идеите во светот на политиката наједноставно се објаснува низ поговорка: дај му власт да му го видиш умот! Мора да признаам, многу дилеми, заради една идеја, драги мои.
Сосема сум начисто дека и пред да почне да ги запишува своите идеи човекот се рефлектирал себеси со зборови, со танци, со цртежи, со знаци. Или со молчење. Или, во најлош случај – со премолчување! Ние, драги мои, триесет и пет години сме во процес на транзиција од светот на идеите во светот на политиката со премолчување што произведува дистанци и паралелни светови, внатре во рамките на заедницата, внатре во рамките на една држава и внатре во рамките на една нација. Кога нацијата ќе ги отфрли како „идеалисти“ луѓето со идеја, во тој момент започнува крајот! Сосема сум свесен за фактот дека овој процес го започнаа токму тие – луѓето со идеи, луѓето со образование, со знаење и со вештини како светот на идеите да го транзитираат во светот на стварноста. Она што сега пејоративно, да не речам потсмешливо, се именува како академски свет повикан да ги еманира идеите во стварност, во суштина се покажа како кревка, невешта, неспознаена и лицемерна заедница на послушни интриганти, кои на крајот завршија како општествена помија без никаква образовна нутриционистичка вредност, која, ако не повеќе, требаше барем да ги потхранува умот и духот на нацијата.
Сосема е јасно дека Македонија со системот на селекција на луѓе што се адекватни, а не компетентни во тоа што го прават, ќе се соочи со самата себеси и својата неспособност да прави што и да е. Ние ги трошиме последните идеи за тоа што треба да се прави за да се преживее во стварниот свет, кој, таков како што го знаеме денеска, нема да постои, можеби веќе утре. Немам никакви дилеми дека доколку веднаш, во овој момент, не излеземе од светот на подобноста и не се загнеме кон светот на неподобноста, ние нема никогаш да излеземе од агонијата во која се наоѓаме. Сѐ додека не почнеме да ја отфрламе просечноста како достигнување, ние сѐ повеќе и повеќе ќе тонеме во сопствената немоќ, која на почетокот ќе произведе ново премолчување на луѓето со идеи и општо отфрлање на идејата дека воопшто е можно утре, евентуално задутре да биде подобро од денес.
Кај сум јас во ова? Јас сум идеалист. Можам да живеам во светот на своите и туѓите идеи. Мене во суштина стварноста не ми е природна средина. Мене стварноста ми е агон. Дури и не ми е потребна. Но јас не сум народот. Народот природно сака и треба да живее во светот на стварноста. Рековме кој е еманација на стварноста, нели? Без да идеализираме. Во тој свет, и во таа стварност, претседателот на најмоќната земја на светот, Доналд Трамп, и премиерката на една од седумте најразвиени држави Џорџа Мелони цела недела јавно се допишуваат кој со кого и зошто сакал да се фотографира!? О ровја!? Мислам дека не постои подобар начин да се објасни и да се разбере за што во суштина станува збор во онаа стварност што ние ја перципираме како политичка.
Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа Прима“
































