НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ФИЛМ
Од денеска до 27 јуни во Скопје ќе се одржи 26. издание на „Неделата на италијанскиот филм“, во рамките на 9. издание на „Феар синема“, иницијатива осмислена од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија во соработка со Министерството за култура, со цел да се валоризираат италијанската кинематографија и аудиовизуелната индустрија во светот.
Организирана од Амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со Италијанскиот културен институт во Белград, Неделата на италијанскиот филм има цел да ја зајакне дистрибуцијата на италијанските филмови на меѓународните пазари и да ги промовира даночните и фискалните олеснувања наменети за дистрибуција и копродукции.
И оваа година ќе биде претставен циклус од шест проекции посветени на современата италијанска кинематографија. Избраните филмови, дистрибуирани помеѓу 2025 и 2026 година, се истакнаа на главните филмски фестивали и награди, стекнувајќи се со високи признанија од критиката и публиката. Централната нишка на ова издание на Неделата на италијанскиот филм е „Љубовта во сите нејзини облици“, тема што ја предводи и културната програма за 2026 година на Амбасадата на Италија во Скопје. Преку различни јазици и ситуации, шесте филма во програма ја раскажуваат љубовта во нејзините многубројни нијанси: во партнерските и семејните меѓугенерациски односи, во романтичните и пријателските врски, но и љубовта интерпретирана како форма на порив и страст, која го наоѓа својот израз во граѓанскиот, политичкиот или уметничкиот ангажман.
Фестивалот ќе биде отворен вечерва со филмот „Помилување“, новото ремек-дело на оскаровецот Паоло Сорентино: интригантно филмско остварување што ја следи приказната за еден претседател на Републиката, кој се соочува со длабоки морални и лични дилеми. Претставувајќи го филмот на 82. Филмски фестивал во Венеција, режисерот го дефинираше ова свое единаесетто долгометражно дело како истражување на љубовта во сите нејзини облици: кон најблиските, кон институциите и правото, како и кон политиката заснована на постојано преиспитување и одговорност.
На 23 јуни ќе биде прикажан филмот „Кратка љубовна приказна“ на Лудовика Рамполди. Веќе позната по своите сценарија со меѓународен успех, Рамполди го потпишува и режира своjот дебитантски филм со една интимна приказна, која со буден и современ поглед ги истражува динамиките и кревкоста на емотивните врски, нивните осцилации и тензиите што се појавуваат кога во односот ќе влезе „другиот“, без притоа да прибегне кон евтин морализам. На 24 јуни на програмата е филмот „Премолчените нешта“, најновото остварување на Габриеле Мучино, еден од најпознатите и најценетите режисери на современата италијанска филмска сцена. Станува збор за драма со повеќе ликови протагонисти, која меша елементи на психолошка тензија, сентиментална интроспекција и примеси на трилер. На 25 јуни ќе биде прикажан филмот „Ана“, прво режисерско дело на Моника Гвериторе, која го потпишува и сценариото и ја толкува главната улога. Филмот претставува омаж за незаборавната Ана Мањани, првата италијанска актерка што освоила Оскар и до денес апсолутна икона на италијанската филмска историја. На 26 јуни ревијата ќе продолжи со филмот „Радост моја“, режисерско деби на Маргерита Спаминато, нов и оригинален глас во италијанската кинематографија.
Фестивалот ќе се затвори в сабота, 27 јуни, со филмот „Живот во рамнина“ на Франческо Сосаи, кој триумфира на наградите „Давид ди Донатело“ во 2026 година, освојувајќи го, меѓу големиот број награди, и престижното признание за најдобар филм на годината. Сите филмови ќе се прикажуваат во оригинална верзија на италијански јазик со титлови на македонски и англиски јазик. Проекциите ќе се одржат во Кинотеката на Македонија, првата вечер во летното кино на отворено, со почеток во 20:30 часот, а сите други проекции во салата на Кинотеката со почеток во 20 часот. В.Д.
































