Трилер
Роберт Торн
– Можеби не е за замалување од смеа, ама во оваа приказна има повеќе дух отколку во сите досегашни заедно – се јави дон Вилароса, а тоа беше големо признание за дон Кабуза. – Навистина, голема итроштина од твоја страна, пријателе!
– Благодарам, пријателе.
– Дали ти се реваншира? – праша домаќинот.
– А дали некој од нас остана имун на овие негови мајтаплуци?
– Во право си – призна Кавалканти. – Тој никого не остава недопрен ако се почувствува измамено.
– Некаде пред Нова година, јас и некои мои пријатели одлучивме да вечераме во рибниот ресторан на еден Норвежанец. Локалот се наоѓаше на Лонг Ајленд во близината на Њу Рашел. Се налевавме со старо француско вино кога ме повикаа на рецепција. Ме бараше на телефон.
– Кабуза, Бруто тука.
– Здраво, пријателе. Кое добро те натера да ме побараш?
– Се информирав кај твојот секретар и тој ми го посочи ресторанот во кој славиш. Остави сѐ, собери ја целата тајфа и дојди во „Данубиус“ на сочна виенска шницла и „бордо“. Сѐ на моја сметка, се разбира. Знаеш, се сетив на епизодата со лажниот грабеж, се насмеав од сѐ срце и посакав да ја наградам твојата исклучително богата смисла за хумор. Бидува ли?
– За тебе секогаш ќе бидам на располагање, пријателе Бруто. Доаѓам заедно со момците за петнаесетина минути. Се надевам дека нема да има сообраќаен метеж.
– Прекрасно!
– Мајко, мајчице моја! За тие петнаесетина минути беше довлечкал џиновска мешалка со бетон што брзо стврднува. Паркингот пред ресторантот на Норвежанецот беше моето Ватерло. Реваншот беше испорачан. Зашлапавме во материјалот распослан по патеката што водеше до нашите автомобили и сѐ повеќе заглавуваме во лепливата смеса. Задушеното светло и малиганите веќе си го направија своето. Мошне брзо се претворивме во живи споменици. Го чув како капнува од смеа. Покрај него, телохранителите се виткаа како врби држејќи се за стомаците. Се собра и љубопитен народ. Сѐ се претвори во грлена смеа.
– Среќна нека ти е новата година, Пјетро – ми шепна на уво. – Уште си мислиш дека си број еден во Њујорк?
– Нека ти е среќна и тебе, пријателе Бруто!
Крајот ги натера гангстерските босови да го наградат со искрена смеа. Навистина не очекуваа толку од секогаш молчаливиот Пјетро Кабуза.
6.
Дон Фето ги исправи подгрбавените раменици и стана. Тој фрли еден поглед кон зајдисонцето. Пурпурната боја веќе исчезна. Почувствува замор. Впрочем, како и другите. Годините и здравјето си го правеа своето. Ова беше нивниот заеднички заод, средба што можеше да биде и последна за некој од нив. Имаше голема симболика во сето тоа.
– Еторе, те молам за една заедничка фотографија со моите пријатели!
Од кошницата, градинарот молкум извади еден фотографски апарат и му го подаде на девојчето. Притоа ѝ шепна нешто на уво.
– Драги мои пријатели, како шлагворт на сето ова, чувствувам потреба да го кажам следново – дон Фето како да посака лидерство. – Ако духот на исчезнатиот или не дај боже починатиот дон Пасквале Бруто нежно провејува над овој простор на кој сме сега, тогаш неговото сцилијанско разиграно срце нека биде свидетел за нашата искрена посветеност кон делото што треба да ја изнесе и другата страна на нагрденото лице на италијанската мафија. Воедно, нека ни ги прости сите наши прегрешенија од младоста со кои се обидовме да ги возвратиме шегобијните удари што постојано ги смислуваше и на кои бевме наивни жртви. Биди вечност во спокојот на твојата притаеност и живеј засекогаш во срцата на секој од нас. Во тоа име да наздравиме, момчиња!
По говорот, скокнаа како млади луѓе и голтнаа вкусно сицилијанско вино. Беа подготвени за „семејна фотографија“.
– Мене не ми се верува дека тој е на небото – ги собра рамениците дон Кавалканти. – Тоа би било многу едноставно, пријатели.
– Кој би знаел – се праша Кавалканти. – Од него може да се очекува сѐ, па и најлошото.
– Црн хумор – се здаде Пјетро Кабуза.
Дон Фето ја остави чашата на масата и ги вкрсти прстите.
– Овој самит во целост ги оправда моите очекувања, а верувам и вашите, господа. Потребни ни се нови материјали за нови книги. Би ви препорачал да се вратите тука на Сицилија. Староста е тежок камен, но не толку и во родното место. Знаете, сеќавањата и разговорите ќе нѐ одржуваат во добра кондиција и ќе ни го продолжат животот. Но сега е време за заедничка фотографија.
Во тој миг пријде девојчето со кошничката во рацете:
– Полна е со шумски јаготки, дон Фето. Дедо ми ја собра во планината. Повелете, насладете си ја душата. Би сакала да ве замолам јас да фотографирам, а мојот дедичко Еторе да се слика заедно со вас.
– Една фотографија заедно со мојот градинар Еторе, момчиња? Бидува?
– Ама секако – се јави Кавалканти. – За шумските јаготки, може сѐ. Ајде, старо момче, придружи ни се!
Подвиткан и со сламената шапка обесена ниско над очите, Еторе застана помеѓу Вилароса и Кабузо. Беше за глава повисок од двајцата. Откако виде дека босовите се сконцентрирани во магичното око на фотографскиот апарат, ја симна шапката од главата…

































