„Македоника литера“ неодамна го објави првиот дел од патописот од руските автори Иља Иљф и Евгениј Петров „Приземна Америка“, во превод од руски јазик на Маја Белева. Иљф и Петров заедно напишале романи, патописи, сценарија, есеи, водвили…, а едно од најпопуларните дела на овој тандем е оваа патописна книга. „Приземна Америка“ е оценет како маестрален патопис и како патопис за сите времиња.
Тоа е патопис од нивното заедничко патување по Соединетите Американски Држави во 1935 година. Патувајќи како официјални советски писатели во Соединетите Американски Држави во времето на големата економска криза, Иљф и Петров на свој карактеристичен духовит и сатиричен начин ги опишуваат своите искуства, доживувања и запознавање на американската култура и на начинот на живеење, не воздржувајќи се да ги критикуваат и американската реалност во 1930-тите и советските предрасуди за „декадентниот американски капитализам“.
Делата на Иљф и Петров се преведени на десетици јазици, имале многу препечатувања и постојано се снимале или се снимаат филмски адаптации и се поставуваат на сцена. И двајцата творци, успешни во повеќе творечки сфери, се меѓу најпознатите сатиричари во словенските литератури.


































