Фото: Приватна архива на авторката

Огнени маси што се прелеваат една во друга, создавајќи впечаток на енергија која постојано се раѓа, се трансформира и исчезнува – тоа е првиот впечаток што го доживува посетителот при средбата со платната на уметницата Бојана Артиновска од Битола. Нејзината изложба, насловена „Оган“, синоќа беше отворена во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци.

Непосредна, отворена и топла, исто како боите на нејзините платна, Артиновска на кавадаречката публика ѝ приреди уникатно уметничко-музичко доживување, создавајќи ликовно дело во живо пред посетителите.

Нејзиниот повеќедецениски творечки пат, збогатен со искуството стекнато во Соединетите Американски Држави и со долгогодишната работа во сликарството, сценографијата, дизајнот и театарската визуелизација, резултирал со препознатлив авторски јазик кој успешно ги обединува сликарската експресија и сценската драматургија. Токму затоа нејзините композиции не се доживуваат како статични слики, туку како визуелни простори во кои се чувствуваат движење, пулсација и внатрешен ритам, во што публиката можеше да се увери за време на получасовниот перформанс во Домот на културата во Кавадарци.

Во делата од циклусот „Оган“, колоритот е главниот носител на значењето. Жолтите, портокаловите, црвените и пурпурните тонови не се употребени дескриптивно, туку симболички. Тие ја градат драматургијата на композицијата и создаваат илузија на непрекинато движење и прелевање на енергија што постојано се раѓа и се трансформира. Контрастите меѓу светлите и темните површини ја засилуваат оваа динамика, додека белите акценти се појавуваат како визуелни извори на светлина, сугерирајќи мигови на просветлување, духовна концентрација и внатрешна сила.

Особено впечатлив е начинот на кој Артиновска ја третира линијата. Нејзините флуидни, а понекогаш и остро засечени контури се движат низ просторот како траги од пламен или како енергетски записи на невидливи процеси. Во таа смисла, нејзините композиции можат да се читаат како визуелни партитури на енергијата – простор во кој материјата и светлината се во постојана интеракција – истакна Марина Убавкова, стручен соработник за визуелни дејности во Домот на културата.

Фото: Приватна архива на авторката
Фото: Приватна архива на авторката

Во концептот на циклусот „Оган“ особено значење има и личната мисла на Артиновска:

„Верувам дека уметноста има моќ да лекува – таа може да ја трансформира енергијата во простор, да ја подигне вибрацијата и да поттикне внатрешни чувства на рамнотежа и спокој. Сакам моите дела да бидат места за внимание, присуство и доживување на енергијата што тлее низ светот и низ нас самите.“

Во текот на својата богата кариера, обележана со бројни групни и самостојни изложби, Артиновска континуирано ја истражува врската меѓу човекот, природните елементи и внатрешните состојби на духот. Во циклусот „Оган“ ова истражување достигнува особена зрелост и концептуална заокруженост.

Перформативниот чин на сликање во живо дополнително ја проширува нејзината уметничка практика, дозволувајќи му на посетителот да биде сведок на самиот процес на создавање. На тој начин, енергијата на огнот не е само претставена, туку и повторно оживеана пред публиката.

Според Убавкова, творештвото на Бојана Артиновска потсетува дека современата апстракција не претставува оддалечување од реалноста, туку навлегување во нејзините најсуптилни и најневидливи слоеви. Во нејзините дела, огнот станува универзален симбол на животната сила, креативниот импулс и способноста на уметноста да преобразува.

Мирјана Мукаетова