Некои чекори на држави од Вишеградската група, плус Хрватска, во врска со борбата против инфлацијата
- Инфлацијата е симптом на подлабоки економски процеси. Затоа и лекувањето мора да биде пошироко од монетарната политика. Вистинскиот предизвик за Македонија не е само да ја намали инфлацијата. Вистинскиот предизвик е да ја намали инфлацијата без да ги жртвува инвестициите, индустријата и идниот економски раст. А токму тука започнува разликата меѓу краткорочно управување со кризата и долгорочна економска стратегија
Кога инфлацијата почна нагло да расте по пандемијата и по енергетскиот шок предизвикан со војната во Украина, речиси сите централни банки во Европа посегнаа по истиот инструмент – зголемување на каматните стапки. Меѓутоа, државите што постигнаа најдобри резултати не се потпреа само на монетарната политика. Тие комбинираа повеќе мерки истовремено: фискална дисциплина, енергетска политика, поддршка за производството и мерки за зајакнување на конкуренцијата. Токму тука се крие најважното искуство од кое треба да црпи Македонија.
Полска: Високи камати, но и силна индустриска политика
Полска беше меѓу првите европски држави што агресивно ги зголемија каматните стапки. Но паралелно со тоа, владата инвестираше значителни средства во домашното производство, во инфраструктурата, во енергетска независност, во поддршка за извозните компании…
Полските власти сфатија дека инфлацијата не може да се реши само со намалување на побарувачката. Имено, додека централната банка ја ограничуваше потрошувачката, државата работеше на зајакнување на понудата. Резултатот беше релативно брзо смирување на инфлацијата без драматичен колапс на индустриското производство.
Извлекувањето некои поенти за нашата држава е повеќе од јасно, а тоа е дека монетарната политика може да ја купи потребната стабилност, но економскиот раст мора да дојде од инвестициите и производството.
Чешка: Фокус на довербата и стабилноста
Чешката Република долго време важи за една од најуспешните транзициски економии во Европа. Чешката централна банка исто така ги зголеми каматите, но истовремено водеше исклучително транспарентна комуникација со јавноста и финансиските пазари. Економистите често нагласуваат дека инфлацијата не е само прашање на пари.
Таа е и прашање на очекувања. Ако граѓаните и компаниите веруваат дека цените ќе продолжат да растат, тие почнуваат однапред да ги зголемуваат платите и цените, создавајќи дополнителен инфлаторен циклус.
Во еден таков контекст, за издвојување е дека тогаш Чешка покажа дека „довербата во институциите може да биде еднакво важна како и самите каматни стапки“.
Како пример за Македонија, ова би значело дека НБРМ и Владата треба постојано да практикуваат јасна стратегија и предвидливост.
Унгарија
Унгарија е можеби најинтересниот пример. Нејзината централна банка ги подигна каматните стапки на историски високи нивоа. Во одреден момент тие беа меѓу највисоките во Европа. Сепак, инфлацијата остана исклучително висока подолг период.
Причината беше што голем дел од проблемите доаѓаа од енергетска зависност, слабеење на валутата, структурни дисбаланси, а и Владата направи големи политички интервенции во пазарот (во недостиг од средствата што Брисел ѝ ги стопира на Будимпешта). Но, овој пример е карактеристичен и специфичен по многу работи, па можеби не содржи елементи од кои Македонија може да извлече за себе пример. Но, ете, барем покажува дека дури и многу високи каматни стапки не гарантираат брз успех ако причините за инфлацијата лежат на друго место. Високите камати може да ја забават економијата, но не можат сами да ги решат структурните проблеми. Згора на тоа, ако и „европскиот чадор“, кој треба да претставува и посебен, дополнителен штит за инфлацијата, намерно беше тргнат, секако Унгарија беше „инфлациски покисната“ и од други причини со кои жестоко се бореше.
Хрватска: Еврото како штит, но и структурни реформи
Хрватска влезе во еврозоната токму во период кога инфлацијата беше сериозен проблем низ Европа. Многумина очекуваа драматични ценовни шокови. Не дека немаше, но хрватските власти спроведоа комбинација од мерки, и тоа инвестиции во туризмот и енергетиката, користење европски фондови (гореспоменатиот европски чадор) за продуктивни инвестиции, потоа следење на трговските маржи, поддршка за најранливите категории итн. Најважната лекција е што антикризните мерки беа насочени кон продуктивноста, а не само кон потрошувачката. Хрватска практично се обиде да го зголеми капацитетот на економијата додека истовремено се бореше против инфлацијата.
Вистинскиот предизвик
Кога инфлацијата расте, логично е да се посегне по каматната стапка. Тоа е инструмент што централната банка го контролира директно и чии ефекти релативно лесно се пресметуваат. Но искуството на Полска, Чешка, Хрватска, Германија и дури и на Унгарија покажува дека трајното решение не лежи само во поскапите пари (кредити). Инфлацијата е симптом на подлабоки економски процеси. Затоа и лекувањето мора да биде пошироко од монетарната политика. Вистинскиот предизвик за Македонија не е само да ја намали инфлацијата. Вистинскиот предизвик е да ја намали инфлацијата без да ги жртвува инвестициите, индустријата и идниот економски раст. А токму тука започнува разликата меѓу краткорочно управување со кризата и долгорочна економска стратегија. Е.Р.
Продуктивноста е најдобрата антиинфлаторна политика
Ако се анализираат искуствата на европските држави, навистина никнува и еден заеднички заклучок. Се разбира дека тој им е познат на носителите на монетарните, финансиските и економските политики кај нас, но преку вакви искуства од држави со подолга историја на вакви и слични предизвици,може да се црпат низа искуства
Германија со децении одржува релативно ниска инфлација не затоа што има највисоки каматни стапки, туку затоа што има висока продуктивност. Германскиот модел се темели на силна индустрија; технолошки развој; извоз; стручно образование; висока конкурентност. Кога економијата произведува повеќе вредност по работник, инфлаторните притисоци природно се намалуваат. Ова е можеби најважната работа за Македонија.
Ако се анализираат искуствата на европските држави, навистина никнува и еден заеднички заклучок. Се разбира дека тој им е познат на носителите на монетарните, финансиските и економските политики кај нас, но преку вакви искуства од држави со подолга историја на вакви и слични предизвици може да се црпат низа искуства. Но факт е дека ниту една успешна земја не се потпрела само на каматните стапки. Имено, најдобри резултати биле постигнати кога биле комбинирани:
– Монетарни мерки
• внимателно управување со каматните стапки;
• соодветно менаџиран девизен курс;
• контрола на инфлаторните очекувања.
– Фискални мерки
• намалување на непродуктивните трошоци;
• буџетска дисциплина;
• таргетирана социјална помош.
– Развојни мерки
• индустриска политика;
• инвестиции во енергетиката;
• поддршка на домашното производство;
• инвестиции во технологијата.
– Пазарни мерки
• поголема конкуренција;
• борба против картели;
• намалување на административните бариери. Е.Р.


































