Усвојувањето на извештајот за Македонија во Европскиот парламент ги потврдува сомнежите во принципиелноста на ЕУ кон евроинтеграциите на Западен Балкан
- Европскиот документ повторно го отвори старото македонско прашање во нова институционална рамка: дали проширувањето на ЕУ ќе се води според реформски критериуми или ќе остане заложник на билатерални историски условувања
- Бугарија веќе со години троши многу (и европски) пари за да ја прикаже нејзината „вистина“ за идентитетот. Лично бев сведок на „научен“ собир во Европскиот парламент на кој беа поканети истакнати бугарски научници – лингвисти и историчари, кои ги изнесуваа своите ставови без некој да изнесе спротивставена теза. Не треба да се заборави ниту на јачината и искуството на бугарската дипломатија, која има многу поголемо искуство од нашата и се разбира е многу повлијателна и вкоренета во европските престолнини
Автор: Тони Гламчевски, наш постојан соработник од Франција
Извештајот за напредокот на Македонија кон членство во Европската Унија ја нагласува иднината на земјава во европското семејство, препознавајќи ги реформските чекори преземени од македонската влада (наспроти одредени забележани недостатоци), како што истакна известувачот Томас Вајц по усвојувањето на документот во Европскиот парламент. Но во неговата изјава може да се забележат и противречностите во Европскиот парламент, односно во ЕУ, во однос на прашањето за спроведување уставни измени, што ѝ е наметнато на Македонија.
– Драго ми е што Европскиот парламент го усвои извештајот за земјата во овој клучен момент за проширување на ЕУ. Земјата неодамна презеде важни реформски чекори и од суштинско значење е владата да продолжи со овие напори и цврсто да остане на патот кон интеграција во ЕУ. Иднината на С. Македонија е во рамките на Европската Унија – изјави известувачот Томас Вајц (Зелени, Австрија) по усвојувањето на извештајот
Самата изјава на Вајц зборува за противречностите во Европскиот парламент, па и во ЕУ. Македонија ќе мора да го смени Уставот, односно да ги внесе Бугарите во него, ако сака да започне преговори. Нешто што не ѝ беше наметнато на ниту една стара или нова земја членка, бидејќи уставните измени во земјите кандидати се случуваа во моментот кога земјата влегуваше во ЕУ, за нејзиното законодавство да се усогласи со тоа на ЕУ. На ниту една друга земја не ѝ беше наметнато да внесува етнички групи и малцинства, ако таа не го сака тоа, што е на некој начин и гарантирано со Рамковната конвенција за малцинствата на Советот на Европа. Па, некои уставни судови на земји членки оценија дека е противуставно да се впишуваат и признаваат малцинства или да се ратификува таа конвенција, која им гарантира колективни права. Португалскиот европратеник Антонио Тангер Кореа во името на групата на Патриотите за Европа, кој е известувач во сенка за Босна и Херцеговина и за Македонија, како и поранешен претставник на ЕУ за Западен Балкан (и поранешен амбасадор во дел од овие земји), од говорницата во Стразбур ја нагласи потребата за почитување на сувереноста на една држава.
– Морам да ја изразам мојата длабока загриженост за пристапот на Европската Унија. Можам да ви кажам нешто: обете земји (Македонија и БиХ – н.з.) беа многу поблиску до Европската Унија порано отколку што се сега, а тоа е наша вина. Што се однесува до С. Македонија, се согласувам со мојот колега дека ни се потребни во Европската Унија, но не треба да се мешаме во нивниот сопствен политички систем и во нивните сопствени рамки. Ова оди многу подалеку од Копенхашките критериуми и не е прифатливо. Значи, ова не е политика на проширување. Ова е „раздели, па владеј“ и не можеме да се справиме со тоа. Се согласуваме со интеграцијата на овие земји. Не се согласуваме со мешањето во овие земји – категоричен беше Антонио Тангер Кореа.
Европскиот парламент под силен бугарски притисок остана на заклучоците на Европскиот совет
Кога се премина кон гласањето, парламентот си остана на заклучоците на Европскиот совет, агресивно (иако непринципиелно) поддржан и под притисок од сите бугарски европратеници без разлика на нивната политичка определеност, да се остане на доследното барање – уставни реформи пред преговори. Но вината треба да се побара и кај нас, бидејќи претставниците од претходната власт го прифатија тој фамозен втор протокол, со кој денес земјата е блокирана на патот кон ЕУ.
Извештајот за напредокот на Македонија на „најдолгиот пат“ кон Европската Унија беше усвоен со 411 гласа „за“, 120 „против“ и 120 „воздржани“. Во него Европскиот парламент ја нагласува својата целосна поддршка за посветеноста на Македонија кон членството во ЕУ, нагласувајќи дека напредокот во преговорите за пристапување останува зависен од одржливи и длабински реформи. Пратениците го посочуваат недостигот од напредок во однос на извештајот од 2025 година, особено во поглед на владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата, и ја нагласуваат итната потреба од обновување на политичката посветеност и соработка меѓу партиите, особено за усвојување на потребните уставни амандмани што би овозможиле состанување на првата преговарачка група.
Македонија не е на масата на ЕУ, каде што седи Бугарија, па гласот на Софија и на бугарските европратеници е потребен при донесувањето други одлуки што не се однесуваат на Македонија, па оттука доаѓа и „разбирањето“ за бугарските ставови кон Македонија. Бугарија веќе со години троши многу (и европски) пари за да ја прикаже нејзината „вистина“ за идентитетот. Лично бев сведок на „научен“ собир во Европскиот парламент на кој беа поканети истакнати бугарски научници – лингвисти и историчари, кои ги изнесуваа своите ставови без некој да изнесе спротивставена теза. Не треба да се заборави ниту на јачината и искуството на бугарската дипломатија, која има многу поголемо искуство од нашата и се разбира е многу повлијателна и вкоренета во европските престолнини.
Така, Европскиот парламент го усвои извештајот за напредокот на Македонија, но клучната политичка порака не е само во бројот на гласови. Таа е во тоа што историските прашања, вториот протокол со Бугарија и формулацијата за „заедничка историја“ останаа во текстот. Амандманот на известувачот Томас Вајц, со кој се бараше бришење на спорниот став 73, беше одбиен, против бришењето гласале 338 европратеници, а 126 го поддржале амандманот. Со тоа европскиот документ повторно го отвори старото македонско прашање во нова институционална рамка: дали проширувањето на ЕУ ќе се води според реформски критериуми или ќе остане заложник на билатерални историски условувања.
Извештајот помина, но спорниот став остана
Во тој став Европскиот парламент ја повикува Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања „да постигне ’јасни и видливи резултати’ врз основа на објективни, автентични и докажани историски извори и документи, во согласност со вториот протокол од Договорот за добрососедство со Бугарија“.
Токму тука е политичката тежина на документот: историјата не останува само тема за академска комисија, туку повторно се појавува како дел од европското досие на Македонија.
Остана незабележано дека во извештајот се бара крај на едногласноста, односно можноста за ставање вето при процесот на преговори за членство, односно едногласноста само при гласањето за членство, со оглед дека пред гласањето за членство има стотина други пречки што треба да се постигнат. Тоа, според Вајц, не ја олеснува предвидливоста на процесот. Со укинувањето на едногласноста, процесот ќе се деполитизира.
Вајц зборува за напредок, Македонија бара предвидливост
По гласањето, Вајц оцени дека е добро што македонската и бугарската страна почнале да разговараат и дека заедничката европска цел е поголема од билатералните недоразбирања. Тој нагласи дека уставните измени остануваат главен услов за формалното продолжување на пристапниот процес, но истовремено покажа разбирање за стравот на македонската влада дека по овој услов може да следуваат нови барања. Според него, Европската Унија мора да обезбеди поголема предвидливост, зашто земја што чека повеќе од две децении за почеток на преговори има право да праша каде завршува условувањето.
Имено, Македонија веќе има направено многу отстапки во изминатите 35 години, со ветувања што не беа исполнети. А и мало дете знае дека ако еднаш или двапати го излажеш со лажни ветувања, повеќе нема да ти верува, а да не зборуваме за една суверена држава, чие раководство го брани интересот на својот народ и на својата држава.
Токму во оваа точка извештајот ја допира најчувствителната македонска дилема. Уставните измени не се изолиран правен чин, туку дел од политички процес во кој довербата е веќе сериозно истрошена. Затоа прашањето не е дали Македонија треба да се реформира – треба. Прашањето е дали реформскиот процес може да биде кредибилен ако постојано се поместува границата меѓу европските критериуми и историските барања на една земја членка.
Во извештајот се нотираат и класичните европски забелешки: владеење на правото, независност на судството, борба против корупцијата, слобода на медиумите, животна средина, фундаментални права и функционирање на институциите. Тоа се вистинските теми на европеизацијата. Без нив нема суштинско членство, дури и ако политичките блокади исчезнат утре. Како новинар, кој долги години живее во Франција и ЕУ, можам да ви кажам дека ниту една земја членка на ЕУ не е поштедена од она што ѝ се префрла на Македонија. Да потсетам, на Бугарија ѝ беше укинат постмониторингот од Парламентарното собрание на Советот на Европа речиси во исто време како за Македонија, иако таа е членка на ЕУ од 2007 и пред Македонија стана членка на Советот на Европа. Во Франција му се суди на поранешниот претседател Никола Саркози за корупција преку која стигнал до највисоката државна функција.
Но со задржувањето на спорниот историски дел, Европскиот парламент испраќа двојна порака. Од една страна ја потврдува перспективата на Македонија во Европската Унија, а од друга остава отворена врата преку која билатералните прашања повторно можат да влезат во процесот како европски услов.
Како ќе реагира сега Македонија на ова што доаѓа од Стразбур. Известувачот забележа дека е постигнат напредок во изминатата година, но земјата и раководството треба да покажат и докажат дека европскиот процес не е само надворешнополитичка парола, туку сериозна реформа на институциите, правдата и јавната одговорност. Другата задача е за она што стои погоре во текстот – дипломатска офанзива: да инсистира дека историските и идентитетските прашања не смеат да станат бесконечна алатка за одложување на пристапувањето.
ЕУ не може вечно да ја повторува истата реченица за европската иднина на регионот ако не одговори на едноставното прашање што точно е европски критериум, а што билатерална уцена. Да се постигне по мирен пат преку ЕУ, она што Бугарија не можеше да го постигне преку оружје. Тоа прашање не е само македонско. Тоа е прашање за кредибилитетот на целата политика на проширување. Затоа гласањето во Европскиот парламент не е крај на една процедура, туку нов доказ дека Македонија влегува во европската расправа со товар што не е само нејзин, ама таа треба да започне да го носи пред водечките европски престолнини, мобилизирајќи ги сите свои сили, не само на дипломатијата.
Историско потсетување за Бугарија од Вајц
Бугарија и бугарските европратеници го искористија инцидентот со палењето на автомобилите пред нивната амбасада во Скопје за да нѐ оцрнат уште еднаш, и тоа токму пред гласањето за извештајот. Тука вреди да се повтори и ставот на известувачот Томас Вајц, кој ги потсети бугарските и другите европратеници дека на неговата земја, Австрија, ѝ беа потребни 40 години за да признае дека била соизвршител на нацистичкиот режим.
– Сме биле соизвршители на нацистичкиот режим и ни беа потребни многу, многу години да инвестираме во добрососедски односи, да ги обновиме нашите односи со нашите соседи. Тоа не беше лесна работа бидејќи првиот чекор е да се признаат историските грешки – тоа не е лесно. Но, второто е да им се покаже прошка и на вашите соседи. Така градиме добри билатерални односи – кажа Вајц.
Македонија преку СФР Југославија со договорот од Блед ѝ прости на Бугарија за тоа што го направи на нејзината територија за време на Втората светска војна. Но Бугарија не се извини за тоа што го направи туку, напротив, реториката на Бугарија е слична како таа на Русија кон Украина, но тоа што не поминува за Русија во ЕУ, поминува за Софија за Македонија.
Вајц исто таа рече дека е јасно дека заштитата на малцинствата е дел од европското acquis и треба да се исполни.
– Вклучувањето на малцинствата – бугарското и другите – во Уставот е јасен услов од страна на Европската Унија. Само да го разјасниме тоа: нападите врз малцинските институции или нападите врз дипломатскиот имот се апсолутно неприфатливи. Премиерот Мицкоски беше многу јасен. Тој го осуди тоа со силни зборови. Сторителот беше уапсен и во моментов е испрашуван за неговата мотивација. Така треба да реагира една држава и мислам дека е добро што тој даде многу јасна изјава за тоа јавно.
Она што не е дел од европското acquis се 100 отсто слични учебници по историја. Дури и по 80 години австриска историја по Втората светска војна, ова не е нешто што се обидуваме да го постигнеме или што сме го постигнале со нашите соседни држави.
Никогаш не би се осмелил да го доведувам во прашање идентитетот на мојата соседна земја. Никогаш. Никогаш не би се осмелил да го доведувам во прашање бугарскиот идентитет само затоа што бевте 500 години под отоманска власт. Ова прифаќање на соседите меѓу себе е основа на соработка. И она што уште сакам да го кажам е дека е и наша должност, на Европската Унија, да ја поддржиме платформата, да го поддржиме дијалогот, да ја обновиме довербата, да помогнеме со малите чекори за обнова на добрите билатерални односи, во овој случај меѓу Бугарија и Северна Македонија, но тоа е случај и за целиот регион. Исто така, наша одговорност е да ставиме ресурси на маса, да ставиме персонал на маса и да го поддржиме регионот во помирувањето по сите различни прашања. И ние имаме одговорност во ова – кажа Вајц. Т.Г.

































