Фото: Пиксабеј

Во координирана акција на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Министерството за внатрешни работи (МВР), вчера беа извршени претреси на повеќе локации во Скопје во рамки на предистражна постапка за кривичното дело „терористичка организација“. При акцијата биле пронајдени и одземени дигитални уреди и друга електронска опрема, пренесе МАИ.

Од МВР информираа дека Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против пет лица – Ј.К. (30), Ј.М. (22), М.Т. (23), Р.К. (23) и Г.М. (34). Тие се сомничат за сторено кривично дело „терористичка организација“ согласно член 394-а од Кривичниот законик.

Според истрагата, активностите биле преземени врз основа на претходно обезбедени сознанија и информации добиени од меѓународни стратешки партнери, во соработка со АНБ и под раководство на надлежното обвинителство. Целта била идентификување на администратори и членови на интернет-групи кои поттикнувале формирање и делување на терористичка организација.

Истражните органи утврдиле дека првоосомничениот кон крајот на 2024 година формирал интернет-канал и група во која членувале останатите осомничени. Во текот на 2025 и 2026 година, според сомнежите, тие дејствувале како организирана група, ширејќи пропагандни и џихадистички содржини со цел идеолошка индоктринација и глорификација на лица поврзани со терористичката организација Исламска држава.

Од АНБ посочуваат дека осомничените воспоставувале контакти со медиумско-пропагандни канали на оваа организација и работеле на создавање локална мрежа за ширење екстремистички и насилни наративи, со цел поттикнување терористички активности во државата.

Во соопштението се наведува и дека членовите на групата обезбедувале логистичка поддршка на лица кои претходно биле предмет на контратерористички операции, додека дел од осомничените веќе издржуваат затворски казни или се наоѓаат во притвор за дела поврзани со тероризам.

Од АНБ нагласуваат дека акцијата е дел од континуираните напори за навремено откривање, спречување и неутрализирање на заканите по националната безбедност, како и за заштита на уставниот поредок и безбедноста на граѓаните.