Jон и Јозеф К. (2)

Записи во несоница

Спорот меѓу човекот и Бог, меѓу Јов и Јахве во крајната инстанца, како што се покажува, има морална димензија. Во него победата ја однесува Јов, со што е конечно воспоставен по мачните искушенија моралниот закон, за што и Кант може да биде задоволен, автор на моралната филозофија како основа на човековата душа и вселената. Да. Јахве, суровиот бог, конечно ретерира и добива желба да се очовечи, да го отелотвори загубениот андрогин Бог/Човек. Тоа се случува во Новиот завет, во кој веќе не важи лајтмотивот на старозаветниот бог „око за око, заб за заб“, туку на новозаветниот. Новиот Адам или Богочовекот. Така тука, драг читателу, стапуваме во приказната за Христос, Човечкиот син, како што сè почесто нарекува тој за кого најважни институции се љубовта, слободата и проштевањето. Сега тој само како синтеза на Бог и човекот, Богочовек, може да каже „Јас и таткото сме едно“.

Хипотезата што ja изнесовме во првиот дел од текстот дека во сето ова Јов се јавува како некој вид префигурациja на Христос. Па, дури и нивните судбини во некои делови се слични. И Христос како Јов е ставен на искушенија. И него во неговиот четириесетдневен престој во пустината го искушува Сатаната, но и тој како Јов не им подлегнува на нив. И тој како и Јов треба да ја испие досудената чаша на земната судбина, иако во еден миг во Гетсеманската градина го моли Отецот да го одмине таа, но сепак се повлекува од молбата да ја испива затоа што тоа е условот за успехот на неговата мисија, спасение на човекот и човештвото. Кај Јов таа досудена чаша е спас на етичката и моралната вредност како божествена есенција на егзистенцијата. Тоа што е битно и за Кант, но кој никогаш не бил Јов да ги проживее тие есенцијални вредности низ искуството на тешките телесни и душевни страданија, а не низ теориска филозофска апстракција.

Така, драг читателу, звучи парадоксално во контекст на темата дека Јов е земната парадигма на небескиот Христос. Тој како архиобразец со својот морален и етички принцип на посветеност и невиноста и божественоста едноставно го повикува Христос, Новиот Адам, а всушност преобразениот во човечко лице и суров Јахве меѓу човештвото. Но има судбински нешто битно различно меѓу Јов и Христос, едниот земен, другиот небесен близнак во нивното братство, а тоа е епилогот и нивната жртва, или, поарно речено саможртва, најважниот карактерен елемент што му дава херојска димензија на човекот, па и на Бог, ако го имаме предвид примерот на Јахве во сооднос со Јов. Неговата решеност по неговиот морален пораз од него, како што вели и Јунг, да се преобрази во Богочовек е во таа смисла (само)жртва од гледна точка на позицијата Бог. И тоа вистинска саможртва за да не биде осамен во вселената и одделен од своето богообразно создание што го исфрлил грубо од рајот, имено, заради неговата одлука под Дрвото на познанието да се послужи со слободната волја што му ја дал Создателот, што пак значи, поконкретно, со слободата. Но тука слободната волја, како што знаеме од Светото писмо, била параграф против слободата, која, како што вели Сартр, е избор, арно ама тука изборот не бил дозволен. Била забранета телесната страст, еросот, што ја нуделе јаболкото и змијата. Едноставно Господ пред Платон бил платонист и затвореник на апстрактната космичка љубов. Но да се вратиме на Јов и Христос како близнаци во своите искушенија да се спасат невиноста, верата и моралната вредност во светот. Во сето тоа Јов има среќен крај, вратени му се богатството, семејството и среќата, со што е повторно во прегратките на суровиот бог, сега веќе смекнат во рефлексија и интроспекција, свесен за моралниот пораз од својот најдобар верник што постои. За разлика, пак, од Јов, Христос има несреќен крај на својата земна судбина: распнат е на крст, иако по таквиот крај се случува воскресението како еден не само симболички туку и реален пример за наградата што во крајната инстанца ја обезбедува чинот на саможртвата, која по дефиниција е акт во кој учествува Бог, но сега не суровиот туку преобразениот Јахве како андрогин, целина, на синтеза на Бог и човекот. Богочовек.

Да. А сега, бидејќи случката со Јов е случена поодамна, околу 150 години пред раѓањето на Христос, кога ја напишал анонимниот гениј „Книгата за Јов“, ред е да видиме, драг читателу, каде е по толку долго време, повеќе од два милениума, Јов во нашето модерно време. Во нашата цивилизација. Дали тој во неа, обесветена како што знаеме, воопшто и постои? И ако и постои, дали е тоа во неговата архетипална изворна или во некоја друга аналогна во некои елементи на него варијанта. А кога веќе стана збор за цивилизацијата во која го бараме него, разбирливо тоа е западната цивилизација во која доминира, како што го дефинира него Маркузе, нејзиниот основен архетип „еднодимензионалниот човек“, кој е консумерист, со потрошувачки менталитет како единствена негова страст. Тоа е, за да бидат работите појасни, цивилизацијата во која според Ниче „Бог е мртов“, го нема. А всушност германскиот филозоф мислеше дека тој не е буквално мртов како непостоен, од атеистички аспект, туку дека него го убил во себе човекот на обезбожената цивилизација, која може да се пофали со своите величествени катедрали, ама во кои, според сè што се случува во цивилизацијата, Бог никогаш и не влегол. Да. И по сето ова, се прашуваме, драг читателу, дали во таквата цивилизација воопшто и може да се најде, макар скриен во некој нејзин затантен ќош Јов, човекот што го бараше напладне како циникот и македономрзецот Диоген со фенер. Дали во неа и тој како Гоја на Андриќ постои во океанот на огромното човештво како осамен остров. Нашиот одговор е постои, но со сосема нова психоструктура и лик. Само треба да се препознае, иако тоа воопшто не е лесно. И, секако, ако некој мисли, него не можеме да го најдеме во црквите и манастирите, во историското христијанство, како што го дефинира него Берѓаев, а во кое, рековме, Ниче го препозна убиството на Бог. Секако залудно ќе го бараме тука беспрекорниот морален и етички, божествен лик на Јов. Залудно ќе го бараме него на пример, макар и со микроскоп во милионскиот џган од „верници“ во дворот на црквата „Св. Петар“ во Рим опиен од говорот на папата како земен бог. Не, нема да го најдеме ни таму, ни во монументалните црковни системи на протестантизмот и православието подржавени и, според тоа, верски корумпирани.

Е па, кај можеме во ова како што вели Хелдерлин „скудно време“ на капиталот да го најдеме супституиран, стуткан во некоја човечка душа Јов, драг читателу? Каде во оваа цивилизација, која нема Бог, но затоа има Безбог, кој може и да биде многу сличен на суровиот старозаветен Јахве со неговиот фундаментален закон „око за око, заб за заб“, само со таа разлика, се разбира, што тој сега за еден заб вади илјада заби, а за едно око илјада очи на противникот. Доволно е во тој контекст да го споменеме само примерот на трагедијата на Палестина. Сум размислувал долго околу тоа да го пронајдам Јов како модерен архетип на модерната цивилизација. За тоа посегнав по литературата, листав многу книги, затоа што знам дека писателите се најдобрите истражувачи на животот и душата на човекот, која не се менува радикално од епоха до епоха, туку е само протејска, подложна на варијации, кои меѓутоа не ја менуваат основата на нејзиниот архетипален карактер. А таков е случајот, како што ќе видиме, и со старозаветниот Јов, кого ние во модерната епоха не го пронајдовме меѓу црковните верници како што би можело да се очекува, туку на друго, профано место, во судницата на судот како обвинет. Тоа е, пак, може веќе погаѓаш, драг читателу, Јозеф К. од романот „Процес“ на Франц Кафка. Тоj е многу и различен, но судбински и психолошки сличен со Јов на анонимниот старозаветен писател. Не можев да пронајдам друг посоодветен и покарактеристичен аналогон од него тука. Разликите меѓу Јов и Јозеф К. се од надворешен карактер, а сличностите од есенцијален. Јов е жител на една епоха со религиозен карактер, пред сè на средината во која живеел тој, еврејската, чија религија како монотеистичка ја втемелил Авраам. Тоа е времето кога се формира со тоа и еврејската религиозна душа со ригорозно строгите правила на екстремно строгиот старозаветен бог, коj не бил многу милослив кон своето создание Човекот.

Но без разлика на тоа, тој, како што се гледа тоа од примерот со Јов, од посветените верници бил безрезервно обожаван.
Тоа е што се однесува за Јов, неговата епоха, средина и религиозност кои ја одредуваат и неговата судбина што се движи долго време по една трагична линија, за на крајот сепак да заврши среќно. Но што е со епохата и средината на Јозеф К. на Кафка. Тоа е епоха на капиталот испразнета од Бог и божественото и покрај велелепните западни катедрали и византиски храмови, па според тоа и верата и верниците се тука во плитко, без она salto mortale „скок во вера“. А Јозеф К., пак, и не е верник, ама сепак и таков како човек воленс/ноленс е исправен пред некое божество многу слично по аналогија на суровиот старозаветен Јахве. А тоа е сега, како што се гледа, неговата обезбожена цивилизација во која тој е обичен чиновник. Можеби е тој еден вид и писателска интроспекција, алтер его на Кафка, шалтерски службеник во банка за кого неговата симпатија Милева Јесенска вели дека немал желба да живее. Тоа е можно, но, било како било, Јозеф К. има една битна есенција на битието аналогна на беспрекорната и чиста вера на Јов, која како и него го доведува до гранична линија, трагична позиција што и тој не може да си ја објасни, а таа есенција е неговата најчиста и по дефиниција длабоко религиозна Невиност. Затоа, имено, и ја пишуваме неа со голема буква сега. Тоа е супстанцијата што му недостасува на профитабилниот и обезбожен човек на неговата цивилизација. Тој е осамен во неа, како што е осамен и Јов во беспрекорната вера по цена на животот меѓу своите пријатели и сонародници каj кои не наоѓа поддршка неговиот спор со Господ во неговите неправедно наметнати искушенија. Уште поосамен е Јозеф К., имено, и затоа што пред него ја нема перспективата Бог, оној милосливиот на кој се надева Јов, дека неговиот Господ ќе го спаси од суровиот бог. Heкоја чудна интуитивна мисловна префигурација на Христос. Јозеф К. е наслонет како верник и вера на невиноста, по дефиниција квасецот на секоја религиозна душа неограничена со посебна религиозна конфесија, но и со Бог како нејзин официјален претставник.

Кај него Невиноста е и Бог и религија. Таа е всушност најверодостоен синоним на Правдата и Вистината на кои се повикуваат религиите. И со неа тој ги брани нив. Со ништо друго. Правдата и Вистината како есенцијални постулати на божјата етика, а тие се римуваат и со Љубовта и Слободата, двете врховни институции на Христос, Новиот Адам како Богочовек. И во калапот на Новиот Адам како христолики се вглобуваат и Јов и Јозеф К., едниот со Верата, другиот со Невиноста како нејзина супституција. Оти само со невиноста се брани Јозеф К., кој не знае за што е осуден, едноставно го судат за да го осудат, и тoj скита со денови и месеци низ мувлосаните судски ходници. Денешните адвокати би рекле: се брани со молчење. Да. Но има разлика меѓу молчењето и невиноста, која е гласна како крвта на Авел што вика на небесата. А судбината на таквото судење и таквите судници во кои, тоа е на Кафка генијалната идеја, основен мотив за судење на некого е невиноста, она нешто од кое се плаши валканиот и обезбожен човек на капиталот, неговиот естаблишмент. Тоа е суровиот Јахве на оваа цивилизација и Сатаната, кој, аналогно на случајот со Јов, сега го става на искушение Јозеф К. За да се испита колку е тој вистина невин и до која мера може да истрае невиноста како верата кај неговиот старозаветен близнак. Сатаната за Јозеф К. е државата, „апарат за угнетување“ како што ја дефинира неа Маркс, со нејзините институции за притискање на човекот. Таква, таа е, имено, неговата судница докрај корумпирана во која се судат невиноста и чесноста, а не и расипаноста на естаблишментот и неговиот криминал.

Jозеф К. е суден, а тој не знае зошто и скита низ лавиринтите на судницата без да знае кога ќе излезе надвор од нив. Во таа смисла тој е многу сличен на модернизираната варијанта на митот за Тезеј од Албер Ками, иако и Камиевата анализа на митот за Сизиф во контекст на модерната егзистенцијална ситуација на човекот, која е аналогна на онаа на Јозеф К. Но повеќе и посугестивно тоа е Тезеj, коj е затворен во темниот лавиринт, а во него го нема ни црниот бик што треба да го убие, симбол на злото како услов да го оствари иницијацискиот подвиг за излез на виделина, а го нема ни конецот на Аријадна да му ја покаже патеката кон излезот.

(продолжува)