Фото: Библиотека „Григор Прличев“

По повод сто и четиринаесет години од раѓањето на поетот Ванчо Николески

 

Со повеќе активности, библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид го одбележа раѓањето на поетот Ванчо Николески, роден на 10 јуни 1912 година во селото Црвена Вода.
По тој повод, библиотекарите Бети Лазоска-Симоноска, Коста Трифуноски и Милчо Јованоски одржаа средба со учениците од ООУ „Ванчо Николески“ во охридското село Лескоец, на кои им презентираа интересни факти поврзани со животот и делото на патронот на нивното училиште.
– Во годината кога се одбележуваат 80 години од излегувањето од печат на првата стихозбирка за деца на македонски јазик „Македонче“, чиј автор е токму Николески, таа им беше претставена на учениците. Ова издание претставува прва дигитализирана книга во новото одделение за дигитализација на нашата установа – велат од библиотеката.

Стихозбирката „Македонче“, чиј издавач е Државното книгоиздателство на Македонија, објавена е во 1946 година, а отпечатена е во првата официјална македонска печатница „Гоце Делчев“ во Скопје. Насловната страница на книгата и цртежите во боја се дело на уметникот Василије Поповиќ-Цицо.

Во рамките на средбата учениците имаа можност да го слушнат и аудиозаписот на поемата „Мице“ од Николески во интерпретација на Сузана Стојкоска.

Учениците, пак, подготвени од наставничките Емилија Блажеска и, Елизабета Велјаноска и од библиотекарката Маја Наумова, го покажаа својот творечки и рецитаторски талент, презентирајќи пред гостите дел од богатото творештво на Николески.

Ванчо Николески е претставник на првата повоена генерација писатели. Првите поетски дела ги објавил во списанието „Титов пионер“. Уште од младоста пишувал поезија за деца, а во периодот од 1945 до 1960 година важел за еден од најприсутните автори во македонската литература за млади. Темите на детството и животот на децата биле централни во неговото творештво. Неговите песни и раскази се застапени во детски списанија, читанки и антологии на македонската литература за деца. Зад себе оставил голем број литературни дела за деца со кои растеа и растат многу генерации. Тука ќе ги споменеме „Мице“, „Гоце Делчев“, „Мое село“, „Волшебното самарче“ и многу други.

Член на Друштвото на писателите на Македонија станал во 1950 година, а добитник е на повеќе значајни награди и признанија, меѓу кои „Климент Охридски“, „Младо поколение“, „Курирче“, „11 Октомври“, „Змаева награда“ и други. Починал на 15 април 1980 година во Охрид. Во негова чест Друштвото на писателите на Македонија ја доделува годишната награда „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца. Ф.Д.


Родната куќа

Еве ја мојата куќичка ниска,
на срце топла, мила и блиска!

На крај селото ти си се скрила,
куќичке моја, драга и мила!

Над тебе леко чадот се вие,
колку убаво во тебе ми е!

Дворчето мало, гумното чисто,
крај тебе тече поточе бистро…

Волшебни сказни тука сум слушал,
со тиха трепет и мила душа.

Топло ме влече родната стреа,
дојдов кај тебе срце да згреам!

Куќичке мила, со мала врата,
за мене ти си како палата!!!

Автор: Ванчо Николески
(Од антологијата на македонската поезија за деца „Сончево огледало“, „Силсонс“, 2016, приредил: Раде Силјан)