Рафаел Гроси - Фото: ЕПА

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, порача дека доколку биде избран за генерален секретар на Обединетите нации, ќе се залага за прагматична дипломатија насочена кон решавање на проблемите, наместо за јавно осудување и морализирање.

На прес-конференција во Виена, 65-годишниот аргентински дипломат изјави дека улогата на генералниот секретар не е да биде „лаички папа или судија“, туку активен посредник кој ќе придонесува за надминување на конфликтите, пренесе ДПА.

 – Верувам во генерален секретар кој е практичен и директно вклучен на терен, повеќе отколку во некој кој крева прст и покажува со него – рече Гроси.

Неговите ставови се толкуваат како разлика во однос на пристапот на актуелниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој често јавно реагира на прекршувања на меѓународното право и во повеќе наврати беше критикуван од Израел поради неговите изјави за конфликтот на Блискиот Исток.

Гроси нагласи дека лидерот на ОН мора да одржува комуникација со сите страни во конфликтите, без разлика на политичките разлики.

Како пример за својот пристап ја наведе својата посредничка улога во војната меѓу Украина и Русија. Како директор на МААЕ, тој учествуваше во напорите за воспоставување ограничени прекини на огнот околу нуклеарната централа Запорожје, со цел да се извршат неопходни поправки и да се намали ризикот од нуклеарен инцидент.

Во трката за функцијата генерален секретар на ОН се вклучени вкупно пет кандидати. Покрај Гроси, кандидати се и поранешната претседателка на Чиле и висок комесар на ОН за човекови права Мишел Бачеле; поранешната министерка за надворешни работи на Еквадор Марија Фернанда Еспиноза; поранешната потпретседателка на Костарика Ребека Гринспан; и поранешниот претседател на Сенегал Маки Сал

Се очекува наследникот на Гутереш да биде избран до крајот на годината, по што ќе стане јасно кој ќе ја преземе водечката улога во светската организација во време на бројни глобални безбедносни и политички предизвици.