Фото: ЕПА

Редакциски агол

  • Европа плаќа висока цена за геополитичките авантури на сегашните бриселски елити, додека нејзината индустрија бара мир, енергија и пазари

Понекогаш најголемата вистина не доаѓа од политичарите, туку од бизнис- регистраторите на компаниите. А тие денес испраќаат јасна и непријатна порака до Брисел: Европа економски слабее додека воено се вооружува!
Фабриките не живеат од санкции, ниту работните места се отвораат со политички декларации. Стопанството бара поевтина енергија, пазари и стабилност. Затоа не е случајно што од германските и европските деловни кругови сè почесто се слушаат повици за обновување на економските врски со Русија. Тоа не е идеологија. Тоа е економска логика. Кога еден наш бизнисмен од Германија зборува за европски компании што сакаат повторно да добијат пристап до рускиот пазар, тој не зборува во име на политички блокови, туку во име на суровата економска реалност. Компаниите ги чувствуваат загубите. Индустријата ги чувствува последиците. Пазарот ги испорачува сметките.
Во меѓувреме, Европа троши стотици милијарди евра за нови оружени програми, додека нејзината конкурентност опаѓа. Германската индустрија, некогаш моторот на европската економија, се соочува со енергетски трошоци што ја прават сè помалку конкурентна во глобалната трка.
Не треба да се биде русофил или русофоб за да се признае една едноставна вистина, а тоа е дека долготрајната конфронтација нема економски победници.
И Европа и Русија губат време, пари и развојни можности во конфликт што сè повеќе личи на историски ќор-сокак.
Затоа изјавата на рускиот функционер Кирил Дмитриев дека Германија и Русија заедно би можеле да создадат една од најмоќните економски комбинации во светот не треба да се гледа само низ политичка призма. Таа е потсетник на фактот дека германската технологија и руските ресурси со децении беа основа на значаен економски раст и за двете страни.
Најголема жртва на сегашната политика не се владите. Тоа се европските граѓани. Тие плаќаат повисоки сметки, живеат во услови на инфлација и гледаат како нивните економии губат дел од конкурентската предност.
Можеби е време европските лидери да го слушнат она што веќе го слушаат директорите на компаниите и инвеститорите. Мирот не е знак на слабост. Мирот е предуслов за развој.
Колку подолго трае логиката на санкции, вооружување и прокси-судири толку повисока ќе биде цената за Европа. А колку побрзо надвладее логиката на дијалогот, трговијата и економската соработка, толку побрзо континентот ќе се врати на патот на просперитетот. Историјата не ја движат воените судири, реалната економија, фабриките, енергијата, инвестициите и луѓето што создаваат вредност. Токму затоа европскиот бизнис денес испраќа порака што политиката не смее повеќе да ја игнорира. Р.Н.М.