ЏУДО

  • Работиме напорно за да го одржиме овој позитивен замав и дополнително да ја издигнеме свеста кај младите за вредностите и за убавината на џудото. Постигнат е значителен напредок, а вниманието на медиумите кон џудото е значително поголемо отколку што беше во претходните години, изјави меѓу другото претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски за ЕЏУ

Некои домаќини создаваат историја. Други создаваат наследство. Скопје ги направи и двете. Летото во 2025 година означи извонредно поглавје за џудото во Македонија, бидејќи главниот град успешно пречека некои од најголемите настани во европскиот календар, за првпат, вклучувајќи ги Европското првенство (ЕП) за кадети и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕЈОФ). Исклучителните организациски стандарди не останаа незабележани, а Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) ја доби престижната награда на Европската џудо-унија (EЏУ) за најдобар европски организатор за 2025 година, пишува ЕЏУ на својата интернет-страница.
Сепак, 2025 година не беше еднократна успешна приказна. Патувањето продолжува. Ова лето Скопје повторно ги отвора вратите за европското џудо-семејство со Јуниорски европски куп во Скопје на 8 и на 9 август, по што следува тренинг-кампот за јуниори на ЕЏУ од 10 до 12 август. Со млади таленти од целиот континент што се подготвуваат да се соберат во градот, уште едно незаборавно поглавје е подготвено да се напише, пишува ЕЏУ.
– Во септември во Скопје ќе се одржи и Сениорскиот европски куп- ни изјави спортскиот директор на Џудо-федерацијата на Македонија, Дејан Мицкоски.
Претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски, се осврна на извонредниот напредок на спортот, пишува ЕЏУ.
– Џудото се развиваше во одлична насока во текот на изминатата година, следејќи го патот кон кој се стремиме со години. Членството постојано расте, а јавната свест за придобивките од џудото се зголемува. Генерално, џудото станува еден од најпопуларните спортови во Македонија. Работиме напорно за да го одржиме овој позитивен замав и дополнително да ја издигнеме свеста кај младите за вредностите и за убавината на џудото. Постигнат е значителен напредок, а вниманието на медиумите кон џудото е значително поголемо отколку што беше во претходните години – вели Трпаноски за ЕЏУ.
„Резервирајте ги вашите билети и видете го овој скриен бисер, додека стекнувате вредно искуство. Направете го патувањето до Скопје и комбинирајте го вредното искуство во џудото со можноста да откриете град полн со карактер и историја“, пишува ЕЏУ. Г.И.


ЏУДО

Викендов 11. меѓународен турнир „Струга опен 2026“

Меѓународниот џудо-турнир „Струга опен 2026“, 11-ти по ред, во организација на ЏК Дрим Струга, ќе се одржи денеска и утре (од 10 ч.), во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид. Годинава оваа спортска манифестација ќе собере повеќе од 800 натпреварувачи од дваесетина земји, кои ќе ги покажат своите вештини, спортски дух и љубов кон џудото. Денеска ќе настапат натпреварувачите во возрасните категории до 14, 16 и 18 години, а утре до 10 и 12 години. Организаторот на турнирот ги кани сите љубители на овој динамичен спорт да бидат дел од овој голем меѓународен спортски настан, да уживаат во борбите и со тоа да ги поддржат младите македонски џудисти во нивните настојувања да се покажат во што подобро светло. Г.И.