Стотици илјади корисници ширум светот денеска пријавија проблеми со пристапот до Фејсбук, додека дел од корисниците се соочија и со потешкотии при користењето на Инстаграм и Месинџер.
Според податоците на платформата DownDetector, проблемите започнале околу 9:30 часот по источноамериканско време, при што биле регистрирани повеќе од 100.000 пријави за недостапност на Facebook. Корисниците најчесто пријавувале дека не можат да се најават на своите профили или добивале порака дека страницата не е достапна.
Покрај Фејсбук, проблеми биле забележани и кај Инстаграм и Месинџер, каде што дел од корисниците се жалеле на отежнато вчитување на содржини, прекин на комуникацијата и неуспешно освежување на апликациите.
Компанијата Мета потврди дека дел од нејзините услуги биле недостапни и соопшти дека работи на отстранување на проблемот. Подоцна беше објавено дека платформите постепено се враќаат во нормална функција, иако целосното стабилизирање на услугите може да потрае.
Засега не е објавена официјална причина за прекинот. Не е познато дали станува збор за технички дефект, проблем со серверската инфраструктура или друг вид системска грешка.






























