Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, е избран за вршител на должност претседател на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), регионална организација што ги обединува стопанските комори од земјите на Западен Балкан.
Одлуката била донесена едногласно на седницата на Управниот одбор на КИФ, одржана во Белград, при што Азески добил мандат да спроведе темелни структурни реформи во организацијата, како и во Бизнис советот, тело составено од најголемите компании во регионот.
Како што соопштија од Стопанската комора, на седницата биле усвоени и повеќе значајни иницијативи, меѓу кои и подготовка на студија за формирање Регионален тренинг и сертификационен центар. Реализацијата на овој проект ќе биде поддржана од Германската развојна банка.
Азески важи за еден од најискусните претставници на бизнис-заедницата во регионот. Во својата кариера двапати беше претседател на Асоцијацијата на балканските комори, повеќе од една деценија е потпретседател на КИФ, а над 20 години ја предводи Стопанската комора на Македонија.
Коморскиот инвестициски форум е основан во 2015 година во рамки на Берлинскиот процес, инициран од поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Со седиште во Трст, форумот претставува глас на приватниот сектор во регионот и застапува интереси на околу 350.000 компании од шесте земји на Западен Балкан.
Основната мисија на КИФ е унапредување на регионалната економска соработка, олеснување на деловните врски и реализација на заеднички иницијативи во интерес на бизнис-заедницата.






























