Фото: Фб Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска предводи владина делегација во работна посета на Турција, ги повика турските компании да инвестираат во Македонија и да станат дел од, како што рече, нејзината развојна приказна, пренесе МИА.

Обраќајќи се на бизнис-форумот Северна Македонија – Турција во Истанбул, Мицкоски истакна дека двете земји негуваат традиционално пријателски односи, кои претставуваат цврста основа за понатамошно продлабочување на економската соработка.

-Македонија и Турција негуваат традиционално пријателски односи изградени врз доверба, почит и силни врски меѓу народите, а токму тие односи претставуваат цврста основа за продлабочување на економската соработка и нови инвестиции – истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека Македонија денес се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис-дестинација, која нуди поволни услови за инвестирање.

-Македонија денес се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис-дестинација, со стратешка географска положба, поволна инвестициска клима, модерни индустриски зони и пристап до регионалните и европските пазари – рече премиерот.

Според него, турските компании преку инвестиции во земјава можат да го прошират своето присуство и да станат дел од европските синџири на снабдување.

-Турските компании преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари. Нашата цел е да градиме долгорочни партнерства, кои ќе создаваат нови работни места, поголем економски раст и заеднички успех – посочи Мицкоски.

Тој упати директна покана до турските инвеститори да ги препознаат можностите што ги нуди земјава.

-Ги поканив турските инвеститори да бидат дел од развојната приказна на Македонија, држава што има јасна визија за иднината, отворена врата за нови инвестиции и силна определба за економски развој – напиша Мицкоски во објавата по форумот.

Бизнис-форумот во Истанбул е посветен на унапредување на економските врски, трговската размена и инвестициската соработка меѓу Северна Македонија и Турција, а на него учествуваат претставници на владините институции и на бизнис-заедниците од двете земји.