Во Собранието денеска се одржа јавна расправа на Комисијата за одбрана и безбедност посветена на Предлог-законот за оружјето, со кој се предвидува уредување на условите за набавување, поседување, носење и пренесување, чување, производство, поправање, онеспособување (деактивирање), промет, посредување, трансфер, превоз и пренесување преку државната граница на оружје, негови делови и муниција, пренесе МИА.
Пратеникот Бране Петрушевски, во воведното обраќање, истакна дека предложеното законско решение е усогласено со релевантната легислатива на Европската Унија и претставува чекор кон понатамошно унапредување на националната правна рамка во оваа област.
-Предложеното законско решение е усогласено со релевантната легислатива на Европската Унија и претставува чекор кон понатамошно унапредување на националната правна рамка во оваа област – истакна Петрушевски.
Пред членовите на Комисијата и претставниците на засегнатите организации, Предлог-законот го образложи помошникот министер за внатрешни работи, Јован Алтанџиев, кој ја нагласи важноста од неговото донесување и придобивките што се очекуваат од примената на новото законско решение.
-Потребно е усвојување современо и ефикасно законско решение, а до неговата конечна форма треба да се дојде преку широка и инклузивна дебата, со цел законот успешно да се имплементира во пракса – посочи Алтанџиев.
Како што соопшти собраниската прес-служба, по воведните обраќања, претставници на институции и организации ги изнесоа своите мислења, предлози и забелешки, насочени кон дополнително унапредување на текстот на Предлог-законот.
На крајот од расправата, Петрушевски им се заблагодари на присутните за конструктивниот придонес и истакна дека сите предлози ќе бидат земени предвид во понатамошната постапка.
-Од јавната расправа ќе бидат изготвени стенографски белешки, кои ќе послужат како основа во натамошниот процес на доработка и усовршување на конечниот текст на Законот – рече Петрушевски.
Со новото законско решение треба да се овозможи поефикасно регулирање на областа на оружјето, во согласност со европските стандарди и современите безбедносни предизвици.

































