Водата како стратешко прашање меѓу европските стандарди и домашните предизвици
- Прашањето за управувањето со водите станува дел од пошироката дебата за развојниот капацитет и институционалната подготвеност на државата. Токму тоа беше една од централните теми на Националната конвенција за Европската Унија, која се одржа завчера, каде што беше потенцирано дека усогласувањето со европските политики во областа на водите претставува многу повеќе од техничко исполнување на обврските во преговарачките поглавја
Водата сè повеќе излегува од рамките на класично еколошко прашање и се наметнува како стратешки ресурс од суштинско значење за економскиот развој, јавното здравје и националната безбедност. Во услови на климатски промени, зголемена урбанизација и растечки притисок врз природните ресурси, прашањето за управувањето со водите станува дел од пошироката дебата за развојниот капацитет и институционалната подготвеност на државата. Токму тоа беше една од централните теми на Националната конвенција за Европската Унија, која се одржа завчера, каде што беше потенцирано дека усогласувањето со европските политики во областа на водите претставува многу повеќе од техничко исполнување на обврските во преговарачките поглавја. Станува збор за создавање систем што ќе може да обезбеди сигурност и одржливост на водните ресурси во услови на сè поизразени ризици.
Природен ресурс со стратешко значење
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа нагласи дека новите европски политики ја третираат водата како стратешки ресурс, што бара интегриран пристап што ги поврзува секторите за животна средина, енергетика, земјоделство и просторно планирање. Зачестените суши и поплави веќе имаат директни последици врз екосистемите и земјоделското производство, а нивното влијание се очекува дополнително да се интензивира во наредните години.
Во тој контекст, прашањето за водата сè повеќе се поврзува и со концептот на воден суверенитет – способноста на државата самостојно и одржливо да управува со сопствените водни ресурси на начин што ќе гарантира долгорочна сигурност за граѓаните.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски истакна дека сигурното водоснабдување е предуслов за стабилно земјоделско производство. Во таа насока, државата веќе инвестира во изградба на нови брани и хидросистеми, реконструкција на постојната водостопанска инфраструктура и примена на европски стандарди за поефикасно користење на водните ресурси.
Овие инвестиции се поврзани со обврските што произлегуваат од европските интеграции, особено во рамките на Поглавје 27 – Животна средина и климатски промени и Поглавје 11 – Земјоделство и рурален развој. Поддршка во процесот доаѓа и од земјите членки на Европската Унија, кои преку споделување искуства и добри практики придонесуваат кон развој на поефикасни модели за управување со водите.
Во земјоделството, кое е меѓу најголемите потрошувачи на вода, веќе се инвестира во нови брани, хидросистеми и модерни системи за наводнување. Но експертите предупредуваат дека инфраструктурните инвестиции сами по себе нема да бидат доволни без промена на начинот на управување со ресурсите.
Сепак, некои други искуства во земјоделието упатуваат на тоа дека отпадната вода може ефикасно да се користи токму во земјоделството, се разбира откако претходно ќе се пречисти.
Имено, Македонија може да го примени израелскиот модел на третман на отпадните води со градење пречистителни станици во повеќето места низ државата, а потоа таа третирана и прочистена отпадна вода може преку посебни системи да се пренасочи кон земјоделските површини. Придобивките се огромни, прво не се користи пивка вода за земјоделството и таа може да се пренасочи целосно кон домаќинствата, второ во преработената отпадна вода се задржуваат оние состојки што се погодни за растенијата и на тој начин се заштедува на вештачки ѓубрива, а дополнително повеќе не се загадуваат почвата, реките и езерата со опасните вештачки ѓубрива.
ЕУ и досега ги помагаше проектите за изградба на пречистителни станици, а сега фокусот е како до европските тела да се достават повеќе вакви проекти за да може што поскоро овие прочистени води да се пренасочат кон земјоделството. Тоа драстично ќе ја намали и цената за наводнување што сега ја плаќаат земјоделците бидејќи третираните отпадни води секако треба да имаат пониска цена на чинење. Ваквиот начин на третман на земјоделските култури придонесува и за поквалитетен и подобар род.
Големи ресурси, големи загуби
Иако Македонија располага со значајни водни ресурси, значајно прашање претставува начинот на управување со нив. Земјата и понатаму се соочува со високи загуби на вода во дистрибутивните системи, недоволен третман на отпадните води и ризици од прекумерно искористување и загадување на подземните водни резерви.
Еден од заклучоците што сè почесто се наметнуваат во стручната јавност е потребата од формирање специјализирано тело што би ги координирало националните политики за вода. Таква институција би можела да ги обедини прашањата поврзани со ценовната политика, заштедата на ресурсите, намалувањето на загубите, долгорочното планирање, третманот на отпадните води и нивната повторна употреба во земјоделството, како и процесите на дигитализација.
Особено се клучни дигитализацијата и примената на нови технологии во водоводните системи за да може ефикасно да се превенираат загубите, навремено да се лоцираат кражбите на вода и на тој начин земјава да го заштитува најголемото национално богатство што го има, а тоа е водата.
Во рамките на дискусиите беше потенцирана и потребата од поголема дигитализација на секторот. Размената на податоци меѓу институциите, подобрената интероперабилност на системите и користењето научно базирани анализи се сметаат за предуслов за креирање ефикасни политики.
Дополнително, се нагласува значењето на природно базираните решенија и на меѓусекторската координација како клучни алатки за справување со климатските предизвици. Само преку интегриран пристап може да се обезбеди поотпорен систем што ќе биде способен да одговори на идните потреби.
Тест за идните генерации
Препораките што произлегуваат од Националната конвенција за Европската Унија ќе бидат доставени до надлежните институции како дел од процесот на европска интеграција. Но нивното значење е пошироко од самиот преговарачки процес.
Прашањето за водата денес претставува тест за способноста на државата да планира долгорочно и да ги заштити ресурсите од кои зависат економскиот развој и квалитетот на животот. Контролата на дивите приклучоци, модернизацијата на мрежата, намалувањето на загубите, стимулирањето рационална потрошувачка и издигањето на јавната свест се само дел од мерките што ќе бидат неопходни во наредниот период.
Конечната цел не е само усогласување со европските стандарди туку и создавање одржлив систем во кој институциите и граѓаните ќе дејствуваат како партнери во заштитата на еден од највредните национални ресурси. С.Т.

































