Фото: „Нова Македонија“

Зацврстувањето на врските со државите од Централна Европа од стратешко значење

  • Вредноста на засилувањето на врските на Македонија со Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Хрватска и со Словенија се согледува и во потенцијалната способност за создавање промакедонски блок на поддршка во Брисел, во Советот на ЕУ и во Европскиот парламент, каде што државите сојузнички би можеле да лобираат за македонските интереси и евроинтеграција

Стратешкото партнерство на Македонија со Хрватска и повикот на унгарскиот премиер Петер Маѓар за проширување на Вишеградската група во силен централноевропски блок среде Европската Унија налагаат македонската дипломатија да работи на поврзување на највисоко рамниште со овие централноевропски држави, за да оформи оска на поддршка и за соработка во сите области. Вредноста на засилувањето на врските на Македонија со Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Хрватска и со Словенија се согледува и во потенцијалната способност за создавање промакедонски блок на поддршка во Брисел, во Советот на ЕУ и во Европскиот парламент, каде што државите сојузнички би можеле да лобираат за македонските интереси и евроинтеграција.
Ова прашање е многу важно за Македонија кога проширувањето на ЕУ повторно добива геополитичка тежина, со оглед на војната во Украина и новите иницијативи на Берлин и Париз. Последните самити на ЕУ и Западен Балкан покажуваат дека проширувањето повторно е високо на агендата, но истовремено остануваат и политичките услови за напредок на земјава.
Државите од Вишеградската група (Унгарија, Полска, Чешка, Словачка), а покрај нив и Хрватска и Словенија, досега покажаа разбирање за прашањата за македонскиот идентитет и јазик, а во овој контекст некои од нив и најотворено застануваат на страната на Македонија во спорот со Бугарија.

Во кои области може да се прошири соработката

Македонија може да ја прошири и да ја крене на највисоко рамниште соработката со вишеградските држави, како и со Хрватска и Словенија, во повеќе области, вклучувајќи го и преносот на знаења и искуства.
Во европските интеграции и пренос на искуства, најнепосредната корист е преносот на сопственото знаење и искуства од нивниот пристапен процес. Особено Хрватска во последните месеци јавно ја нагласува подготвеноста да ѝ помага на Македонија со експертиза, „твининг-проекти“, правни усогласувања и подготовка на институциите за преговори. Во мај 2026 беше потпишан и Договор за стратегиска соработка меѓу владите на двете земји. „Твининг-проектите“ се институционални партнерства финансирани од ЕУ, чија цел е поврзување на државните институции од земјите членки на ЕУ со институциите од земјите кандидати за членство како Македонија, заради пренос на знаење и административна поддршка, но и за усогласување на националното законодавство со европските стандарди и градење современи, ефикасни институции според најдобрите европски практики.
Во инфраструктурата и транспортот за Македонија особено се важни поврзувањето со Централна Европа во насока на коридорот 8, железничките врски кон Централна Европа, градењето логистички центри и пристапот до јадранските пристаништа во Хрватска и Словенија. ЕУ веќе ја поддржува поврзаноста на регионот преку инфраструктурни програми и коридорот 8.
Во доменот на одбранбената и безбедносна соработка, сите држави од Вишеградската група заедно со Словенија и Хрватска се членки на НАТО. Македонија може да учествува во заеднички воени вежби, да развива кибер-безбедност, да соработува и во развивањето одбранбена индустрија. Оваа област добива поголемо значење по 2022 година и во новата европска безбедносна архитектура.
Во доменот на енергетиката, особено со Хрватска (поврзано со ЛНГ – терминалот на Крк, односно со тамошната специјализирана пристанишна постројка за складирање и преточување природен гас), потоа со Словенија и Полска. Македонија може да ја намали зависноста од ограничен број извори на енергија и да стане дел од пошироки централноевропски енергетски мрежи.
Областа на универзитетската и научна соработка е недоволно искористено поле. Истражувањата покажуваат дека земјите кандидатки се интегрираат најбрзо и преку научни мрежи и европски програми. За тоа се потребни: заеднички докторски студии; отворање нови катедри за македонистика; развивање заеднички научни проекти; програми во рамките на „Европски хоризонти“ („Horizon Europe“), клучна програма на ЕУ за финансирање научни истражувања и иновации, заради поттикнување на стопанскиот раст и јакнење на технолошката и индустриска конкурентност на Европа, во која се насочени дури 95, 5 милијарди евра.
Словенија, Чешка и Словачка се особено важни за Македонија и поради нивната традиција на развиени славистички и македонистички истражувања во срцето на ЕУ – она што директно ги урива шовинистичките фалсификати на Бугарија дека не постои засебен македонски јазик, туку оти е тој, наводно, само „западна дијалектна норма на бугарскиот јазик“.

Кој може најмногу да ги застапува македонските интереси? Хрватска е во моментов веројатно најотворениот, најдоследен и најпостојан поддржувач на Македонија. Хрватските власти во текот на 2026 година повеќепати нагласија дека остануваат силен застапник на европската перспектива на Македонија. Хрватска е важна за Македонија поради нејзините искуства со пристапувањето во ЕУ, добрите односи со Берлин и Брисел и силното присуство во европските институции. И Словенија се потврдува како еден од најголемите поддржувачи на проширувањето на ЕУ, но и со својата принципиелна поддршка и за Македонија. Словенечките европратеници и дипломати често се меѓу оние што бараат побрза интеграција на Западен Балкан во „евроклубот“. Во случајот со Македонија, официјална Љубљана има и дополнителна предност: не е директно вклучена во историските спорови на Балканот. Оттука, засилувањето на дипломатските контакти и лобирања во Љубљана може значително да придонесе или за „заобиколување“ на Софија или барем за „амортизирање“ на нејзините „тврди удари“ врз македонските државно-национални интереси и евроинтегративни позиции.
Полска е една од највлијателните држави од Централна Европа. Со својата растечка улога во ЕУ и НАТО, Варшава може да стане важен партнер ако Македонија изгради долгорочна стратегија на многу поблиски политички и економски врски. Словачка и Чешка често покажуваат разбирање за македонските позиции во европските дебати. Потсетуваме дека на 18 декември 2020 година, на состанок на Советот на ЕУ за општи работи, во расправата за заклучоците на Советот за проширување на ЕУ Чешка и Словачка одбија да дадат согласност за конечната формулација на заклучоците, наведувајќи дека нацрт-текстот содржи „проблематични елементи“ и формулации што би можеле да се разберат како „фалсификување на историјата“.
– Според нас, идејата за фалсификување на историјата би била многу штетна за проширувањето на ЕУ и за Западен Балкан. Нема да дозволиме Унијата да биде судија за нашата историја, како се идентификуваме ние, или за јазикот што го користиме – наведоа Чешка и Словачка тогаш во своја заедничка изјава.
Бугарија се залагаше историските толкувања да бидат дел од процесот на пристапување во ЕУ и „да не ѝ се дозволи на Македонија да ја краде бугарската историја“. Но, реагирајќи, Чешка и Словачка уште тогаш му ставија на знаење на Брисел дека не сакаат ЕУ да „арбитрира историја“, да проценува национални идентитети во рамките на проширувањето, плашејќи се и од преседанот дека историските спорови ќе станат услов за пристапување кон ЕУ. А по шест години токму истово ова и се случи! Чешка и Словачка сметаа и тогаш но и денес дека ЕУ треба да се осврне на критериумите (право, економија, реформи), а не на историски погледи, на идентитетот на народите, но и оти билатералните спорови (Бугарија-Македонија) не треба да бидат „европски услов“.

Застапување на Македонија при кроење на европските политики

Државите од Вишеградската група, заедно со Словенија и Хрватска, имаат вкупно 131 пратеник во Европскиот парламент за мандатот 2024–2029 година. Полска има 53 пратеници, Чешка 21, Унгарија 21, Словачка 15 пратеници, Хрватска 12, а Словенија 9. Сите овие држави со своите 131 пратеник од вкупно 720-те пратеници во Европскиот парламент можат силно да ги застапуваат македонските интереси, иако формално се избрани од граѓаните на своите матични земји. Европратениците дејствуваат преку транснационални политички групи (како ЕПП, СиД, Патриоти за Европа), каде што се кројат европските политики. Нивното застапување на македонските интереси се реализира, или може да се остварува преку неколку клучни механизми. Едниот од нив е лобирање против блокади: пратениците од овие земји можат да поднесуваат амандмани во извештаите за напредокот на Македонија, директно спротивставувајќи се на „добрососедските“ условувања и историски уцени од други земји членки. Преку Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) и Мешаниот парламентарен комитет ЕУ-Македонија, тие имаат директен глас за брзината на проширувањето на ЕУ.
Европратениците од овие земји можат: да предлагаат амандмани поволни за Македонија; да спречуваат негативни формулации; да организираат расправи и конференции; да формираат неформални групи „Пријатели на Македонија“; да лобираат кај политичките групи (ЕПП, Социјалисти, Обнова, Зелените). Сепак, важно е да се разбере дека тие не можат сами да ги укинат условите поставени во преговарачката рамка. Клучните одлуки и понатаму се донесуваат во Советот на ЕУ со согласност на земјите членки.
Овој блок од 131 европратеник претставува критична маса со силен геополитички интерес за стабилност на Балканот. Преку унапредување на економските врски и усогласување на надворешната политика, Македонија во овие земји има сигурни гласачи, кои во Европскиот парламент дејствуваат како противтежа на скептичните западноевропски нации. Македонија има зголемени шанси да создаде силен европски круг на поддршка во периодот 2026–2030.
Ако македонската дипломатија итно се покрене и премине во дипломатска лоби-офанзива, за да воспостави директни и соодветни контакти на највисоко ниво, тогаш новиот сојузнички блок може да се позиционира како тупаница во Брисел во полза за македонската држава, обезбедувајќи силен безбедносен и дипломатски штит против уцени и непринципиелни условувања.

Свето Тоевски